Sony Xperia E4g - Со мал влог до супер телефонче

Објавено на 07.10.2015 17:15 во Рецензија


Sony Xperia E4g - Со мал влог до супер телефонче

Оцени

usability
7.5


Перформанси
6.0


Цена
9.0


Камера
6.5


резултат
7.2


Наши забелешки

Positives:

- Ниска цена

- Издржлива батерија

- Оптимизиран софтвер

 

 

Negatives:

- Ограничена хардверска моќ

- Камера без оптичка стабилизација

- Изразена дебелина од 10 милиметри



Целата рецензија

Sony Mobile во изминатите три години правеше големи напори за пробив во премиум класата и на почетокот беше навистина успешен со водоотпорните дизајни и ѕверските камери, но таму интересот полека почна да опаѓа. Затоа Sony се реши да посвети и големо внимание на средната и основната класа, особено за верните фанови кои немаат огромен буџет на располага.

Тука на „помош“ доаѓа токму Xperia E4g кој е еден од најевтините смартфони во понудата и притоа нуди многу солидни перформанси кои ќе ги задоволат сите потреби на еден модерен корисник, со пристоен дисплеј, доволна хардверска моќ за работа со апликации и интернет, солидна камера, како и издржлива батерија. Во продолжение ќе ве запознаеме подетално зошто токму Sony Xperia E4g може да биде вашиот нов смартфон ако имате на располагање буџет од околу 100 евра или пак сакате да склучите евтин двегодишен договор со некој од македонските оператори.

Дизајн

Sony Xperia E4g располага со речиси идентичен дизајн како и смартфоните од премиум класата и воопшто да не се забележуваат поголеми разлики со на пример Sony Xperia Z2, па во овој сегмент ќе бидете навистина задоволни бидејќи знаете дека производителот не заштедил воопшто. Дијамантскиот облик на Sony Xperia E4g овозможува стабилно држење во раката, а дебелината од 10 милиметри вооошто не се забележува.

Смартфонот има мека пластика на задната страна за поголема удобност и копчињата за вклучување и заклучување на десната страна лесно се пристапни и даваат добар фидбек при пристискање. Рамката над и под екранот зафаќа нешто поголема површина што е единствена наша поголема забелешка, но тоа е вообичаено кај смартфоните на Sony од средната и основната класа. 

Дисплеј

Sony како што е веќе добро познато не се расфрла туку така со пиксели на дисплејот, туку се труди понудената резолуција да ја искористи максимално за помалку трошење на енергија, а видливоста ја подобрува со неколку сопствени механизми и тоа навистина им оди од рака. Sony Xperia E4g има 4.7 инчен дисплеј со резолуција од 540 х 960 пиксели што е далеку под напредните HD стандарди, но нуди доволен степен на видливост и остра слика за сите мултимедијални содржини. Истото важи и во текот на денот кога смартфонот ќе го користите на отворено под силна сончева светлина и рефлексијата нема да ви преставува огромен проблем. Репродукцијата на бои е добро поставена но, има мали дисторзии со зелената нијанса, додека пак контрастот може да биде ослабен на моменти за помали заматувања на дел од иконите. 

Софтвер и апликации

Мал застој има само во обезбедувањето на новите верзии на софтверот и Xperia E4g заостанува со Android 4.4 KitKat системот слично како и поскапите смартфони. Тоа не е огромен недостаток бидејќи и оваа верзија нуди сосема добри опции за корисниците како прегледен интерфејс и распоред на иконите, избор на алатки за мултимедија како приказ на користените апликации во мало прозорче за побрз пристап и прилично брза навигација. Софтверот е збогатен со Xperia интерфејсот каде Sony го дава својот максимум со голем избор на мултимедијани алатки за слушање музика, гледање видеа и стриминг, преглед на вести во магазински стил, потоа избор на различни теми и позадини, како и скратено мени со бројни корисни алатки. 

Хардвер и перформанси

Во основната класа, особено кај реномираните брендови како Sony не може да очекувате екстра хардверски компоненти, туку нешто поскромен сетап кој е надополнет со оптимизација на софтверот. Затоа и Xperia E4g се вклопува во оваа категорија со четири-јадрен MediaTek MT6732 процесор благодарение на кој и цената е многу ниска, а дополнително е подржан од ARM Mali-T760 MP2 графичка, 1 GB RAM, 8 GB меморија, како и можност за надополнување преку microSD мемориска картичка.

Со овој сетап ќе може да активирате секаков вид на апликации, но не очекувајте светлосна брзина на активирање на сите алатки. Исто така ќе имате мали пречки со играње на најмодерните 3D мобилни игри. Голема предност е 4G LTЕ конекцијата и со големи брзини на пренос на податоци ќе немате проблем со сурфањето на интернет и користењето на социјалните мрежи. Батеријата со капацитет од 2300 е најсветлата точка и со неа ќе добиете доволно енергија за работа од два дена со само едно полнење. 

Камера и мултимедија

Xperia E4g нема да ги остави разочарани своите фанови кога е во прашање правењето на слики и со сензор од 5 мегапиксели обезбедува минимално ниво на квалитет. Камерата располага и со опција за автоматско поставување на сцената, па не треба да трошите многу време во поставување на сите параметри. Екстра додаток е HDR режимот на сликање кој дава поголема длабочина на сликите и ефект на изостреност, но не треба да го користите за сликање од блиску. Селфи камерата на предната страна има сензор од 2 мегапиксели што не е идеално, но е сосема доволно. Видеата достигнуваат максимална HD резолуција од 720 HD но, без оптичка стабилизација ќе имате многу тресење на снимките. 

Заклучок

Кога се прашање евтините смартфони како Xperia E4g тешко е да се изречат големи критики за дисплејот, хардверот и камерата бидејќи јасно е дека за цена од околу 7000 денари без склучен договор не може да го добиете најдоброто, туку основен пакет кој ќе ви овозможи релаксирана секојдневна употреба. Токму тоа е постигнато и со Xperia E4g кој и покрај сите помали недостатоци квалитетно си ја завршува својата работа. Xperia E4g би бил добар смартфон за тинејџерите чии родители не сакаат да трошат премногу пари за скапа играчка, како и за корисниците на кои не им треба полна моќ на смартфоните ако не ги користат за еден куп апликации, мултимедија и гејминг. 

Автор

Христијан Станоевиќ

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар