LG Joy - Уживање со евтин смартфон

Објавено на 20.10.2015 19:33 во Рецензија


LG Joy - Уживање со евтин смартфон

Оцени

usability
6.0


Перформанси
6.0


Цена
9.0


Камера
4.5


резултат
6.4


Наши забелешки

Positives:

 

- Ниска цена

- Убав дизајн

- Солиден процесор

 

Negatives:

 

- Нема предна камера

- Мала меморија

- Софтвер кој нема нови надградби



Целата рецензија

LG Joy беше првиот смартфон во основните класи од новата „квадрофонија“ серија на LG Mobile составена од прилично квалитетно дизајнирани и изработени уреди со многу ниски цени. LG Joy е најскромниот во ова друштво, но затоа пак има и најниска цена од околу 120 евра што го прави совршен за основните пост-пејд пакети на оператори при склучување на две-годишен договор или пак како еден од најевтините смартфони во при-пејд сегментот. LG Joy има неколку предности во најниската класа токму во дизајнот кој е убав за око, додека пак внатрешните компоненти се сосема доволни за вообичаени активности, така што нема да се разочарате од перформансите, но не треба ниту да очекувате чуда. 

Дизајн

Голем број на евтини смартфони имаат лоша изработка и естетика која не е привлечна за око, но тоа не е карактеристика на LG Joy кој позајмува многу од стилските изрази на поскапите LG смартфони, а има и многу тенко тело од само 6.4 милиметри што го прави многу компактен и лесен за управување. Маската на LG Joy е изработена од пластика со внимателно обработени спојки и нема поголеми недостатоци во дизајнот. Распоредот на физичките копчиња е добро решен, па на левата страна се наоѓа леверот за звук, а на десната страна е сместено мало и издолжено копче за вклучување на смартфонот и заклучување на екранот. На задната страна е поставен звучник кој има пријатен звук но, нема голема моќност за високи тонови, а над него се наоѓа камерата со LED блиц која одделно ќе ја оцениме. Единствена забелешка наоѓаме кај предната страна бидејќи рамката околу 4 инчниот екран е прилично голема и неефикасна и дава впечатокот дека дисплејот е многу поголем. 

Дисплеј

LG Joy доаѓа со „мини“ 4 инчен дисплеј со низок степен на резолуција од само 480х800 пиксели што е далеку од HD стандардите но, во ова ценовно друштво е веќе воспоставен стандард и тешко е да очекувате нешто поквалитетно. Видливоста е со солиден израз на боите и контрастот, без премногу деталност, додека пак релексијата на сончева енергија може да биде проблематична во текот на денот. Под екранот се сместени четири вградени копчиња за навигација низ менито со контролите back, home, recent i menu.

Хардвер и перформанси

LG Joy е замислен да функционира непречено со скромни но, прилично нови компоненти кои даваат мал стимил во ниската класа и затоа не треба да се разочарувате. Смартфонот е предводен од четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 200 процесор кој е многу подобар од сличните Mediatek чипсети, а хардверот е надополнет и со 512 MB RAM како и кај многу „евтини“ Samsung Galaxy смартфони, има меморија од само 4 GB при што неопходно ќе биде купување на мемориска картичка за уште барем 32 GB за да ги складирате сите слики, но голем дел од апликациите нема да може да ги префрлите што значи дека помодерните сервиси кои зафаќаат поголем простор ќе бидат некомпатибилни. Батеријата која може да се замени има капацитет од 2100 mAh и е сосема доволна за потенцијалите на смартфонот и ниската потрошувачка на енергија.

Софтвер

LG Joy стартуваше со тогаш релативно новиот оперативен систем Android 4.4.2 KitKat но, од тогаш не добил некоја позначајна надградба за оперативниот систем поради ограничената физичка и RAM меморија, што ќе значи дека треба да се помирите со оваа постара верзија која да бидеме искрени воопшто не е лоша и има бројни ефикасни функции како преглед на нотификации, брз пристап до менито „алатки“, повеќе панели со информативни виџети, копче за последно користените апликации и заклучен екран со икони за брза активација. Софтверот е надополнет со интерфејсот Easy UI и тука се вклучени неколку додатоци како LG Smart Keyboard, Knock Code, QuickMemo, LG Smart World и Polaris Office пакетот.

Камера

LG Mobile при најавата на LG Joy вети дека смартфонот ќе има предна камера со селфи, но во конечната верзија на уредот таква камера воопшто нема, најверојатно за да се заштедат трошоците, што сигурно ќе ги разочара сите кои се зависни од оцијалните мрежи. Затоа ќе треба да се задоволите само со главната 5 мегапикселна камера која ако ништо друго има LED блиц за правење слики и во темни услови. Видеата може да достигната WVGA резолуција од само 800 x 480 пиксели, без оптичка стабилизација. 

Заклучок

Од „квадрофонијата“ претходно го оценувавме LG Spirit кој е нешто помоќен од LG Joy и може да биде употреблив за многумина кои сакаат повеќе функции за ниска сума на пари. LG Joy како што ќе може и само да заклучите е премногу „едноставен“ и лимитиран смартфон за целосно искуство за апликации, игри, супер квалитетни фотографии и видеа, како и непречен мултитаскинг.

Затоа пак, може да биде корисен за повозрасните на кои не им треба ултра моќен смартфон со сите „дрангулии“ и сакаат да го користат само за телефонирање и по некоја апликација како Viber и некоја ситна игра. Исто така LG Joy би бил идеален за вашите деца до 14 години на кои не сакате да им купите премногу скапа „играчка“ туку само функционален телефон. 

Автор

Христијан Станоевиќ

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар