Huawei G8 - Огромен потенцијал

Објавено на 09.11.2015 13:15 во Рецензија


Huawei G8 - Огромен потенцијал

Оцени

usability
8.5


Перформанси
7.5


Цена
7.5


Камера
7.5


резултат
7.8


Наши забелешки

Positives:

 

- Цврсто тело со метални компоненти

- Скенер за отпечатоци за безбедност

- Добро оптимизиран софтвер

- Супер издржлива батерија

- Full HD дисплеј за одлична прегледност

 

Negatives:

 

- Процесор од пониска класа



Целата рецензија

Huawei продолжува да воодушевува со своите ултра квалитетно изработени смартфони и полека се наметнува на светскиот пазар како еден од најуспешните брендови. Тој успех воопшто не е случаен и се должи на одличната понуда како во премиум класата, така и во пониските категории. Сега благодарение на Huawei Macedonia имавме можност да го тестираме Huawei G8 како еден од најистакнатите борци во високата класа кој располага со огромен потенција, а има за нијанса пониска цена без притоа да направи било какви компромиси во перформансите.

Huawei G8 е изработен на врвно ниво, ја нуди најмодерната технологија и дефинитивно е уред кој штом го погледнете одблиску и видете што може да направи ќе се заинтригирате, па во продолжение дознајте ги сите негови атрибути.

Дизајн

Генералното мислење за Huawei G8 е дека станува збор за смартфон од средната класа кој е нешто поевтин од премиум уредот Huawei P8, но со самото држење во раката и поглед одблиску веднаш ќе сфатите дека е нешто многу повеќе. Со квалитетното метално тело обложено со засилена рамка добива стабилност и цврстина, а истовремено добива и премиум градба и висок квалитет, како и уникатен изглед со модерни елементи.

Телото е прилично тенко со 7.5 милиметри, рамката околу екранот е сведена на минумум па затоа овој фаблет лесно ќе го држите во раката и брзо ќе скролате низ големиот 5.5 инчен дисплеј. На левата страна се наоѓа само влезот за microSIM и microSD картичката кој се отвара со игличка, а на левата страна се поставени копчињата за регулација на тонот и вклучувањето и заклучувањето кои се тенки со метална површина, но доволно цврсти за без проблем да ги активирате. 

Дисплеј

Huawei G8 како што напоменавме има огромен 5.5 инчен дисплеј и во оваа категорија на фаблети може да се пофали со фантастична Full HD резолуција од 1080 х 1920 пиксели што резултира со висок процент на густина на сликата од 401 пиксел на еден инч. Видливоста е фантастична и ќе ви овозможи уживање при гледањето на видеа, играњето на мобилни игри со одлично изразена графика, а контрастот кој е многу прецизен дава дополнителен богат израз на самите содржини и притоа не делува нападно за окото. Боите се нешто потемни, но немаат силно зрачење и прелевање. Видливоста на отворено при силна сончева светлина е одлично регулирана и нема да имате проблеми со рефлексија бидејќи панелот е квалитетно вграден под заштитното стакло.

Хардвер и перформанси

Huawei G8 работи со осум-јадрениот Snapdragon 615 процесор, кој е вториот по моќност на Qualcomm, но тоа не треба да ве лаже бидејќи постигнува речиси совршени резултати, а од друга страна нема никакви проблеми со загревањето при вршење на посложените операции како „поголемиот“ Snapdragon 810.

За перформансите да бидат на врвно ниво се грижи и употребата на 3 GB RAM кои се и повеќе од доволно за непречен мултитаскинг и брзо менување од една во друга апликација, игра или сервис. За вашите фајлови и содржини на располагање имате 32 GB вградена меморија што е прилично дарежливо, а ако и тоа ви е малку може да ги дополните со 64 GB преку microSD мемориска картичка.

Смартфонот може да се поврзе со најбрзата 4G мрежа, има бројни новитети во конекциите за Bluetooth, GPS и NFC, а за сите дневни активности може да се потрпете на супер батеријата со капацитет од 3000 mAh која е доволно издржлива за 24 часовна работа, а може да ги активирате и режимите за заштеда на енергијата при што се користат само најнеопходните телефонски функции.

Софтвер и апликации

Huawei е познат по тоа што умее да направи одлична симбиоза меѓу оперативниот систем на Google и сопствената визија за корисничкиот интерфејс, па затоа се добива еден врвен флуид во менито, брзи реакции и транзиции и многу корисни алатки и визуелни теми, без преоптерување на однапред инсталирани апликации кои никогаш нема да ги користите како кај останатите брендови.

Huawei G8 работи на Android 5.1 Lollipop платформата и ги користи сите новитети во заклучениот екран со приказ на активни нотификации, има одлично поделено главно мени каде се прикажуваат последните информации, а десно од нив се наоѓа копче за брз пристап до Settings менито. Токму во „прилагодувања“ веќе се наѕира инспирацијата од Apple и iOs системот па добиваме слична подреденост на листата на опции кои се одлично распоредени, брзо се пронаоѓа секој параметар за конекциите, статусот на телефонот, информации за софтверот и хардверот.

Камера

Huawei направи голем напредок во камерите на своите смартфони, па затоа и G8 може да ви обзебеди супер квалитетно мини фото студио. Huawei G8 доаѓа со 13 мегапикселна главна камера која на задната страна има блиц со две светла доволно моќен за „црни“ сценарија. Со камерата може да правите и одлични фотки преку ден со различни дополнителни режими како HDR, панорама, мулти фото за правење на повеќе слики во серија за добивање на најдобрата. 

Во апликацијата за камерата може да ги прилагодите сите параметри на сцената како балансот на бело, изложеноста, ISO квалитетот и да примените девет филтри за симпатични ефекти. Селфи камерата воопшто не заостанува зад квалитетот со дури 5 мегапиксели и повеќе додатоци како Beaty shot за лицата. Може да снимате и Full HD видеа со оптичка стабилизација на сликата која одлично си ја врши задачата и креира пријатен тон без преголеми дисторзии.

Заклучок

Huawei G8 е дефинитивно еден од поквалитетни смартфони кои може да го најдете веднаш на македонскиот пазар, бидејќи има комплетна понуда без речиси ниту еден позабележителен недостаток и може да им конкурира и на најдобрите смартфони од премиум класата без многу да се „испоти“. Тоа го потврдува врвно изработениот дизајн и компактното тело, одличниот дисплеј кој можеби не е со Quad HD резолуција но, затоа пак е пријатен и супер употреблив за секој вид на мултимедијални содржини, а истото може да го потврдиме и за хардверот чии перформанси се прилично ефикасни.

Huawei G8 е смартфон со огромен потенцијал бидејќи не е прескап за да биде недостижен во премиум класата, ниту пак има прифатено големи компромиси за да ја намали цената во пониските класа, па кажете ни во коментарите како ви се допаѓа.

Автор
Христијан Станоевиќ

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар