Sony Xperia Z5 - Сјајно пакување со моќни потенцијали

Објавено на 16.11.2015 во Рецензија


Sony Xperia Z5 - Сјајно пакување со моќни потенцијали

Оцени

usability
9.0


Перформанси
8.4


Цена
8.0


Камера
7.9


резултат
8.3


Наши забелешки

Positives:

 

- Врвен дизајн 

- Подобрен процесор

- Одличен Full HD дисплеј

- Батерија со голем капацитет

 

Negatives:

 

- Нема иновации во интерфејсот

- Камерата на моменти има преголема изложеност



Целата рецензија

Sony Mobile на сите можни начини ја одржува елеганцијата во премиум класата на смартфони и притоа не отстапува од својата визија да креира препознатлив бренд од Xperia Z серијата која добива надградби речиси на секои шест месеци и има голем пласман два пати во годината. Тој тренд е продолжен и со новата серија Sony Xperia Z5 каде се понудени и „мини и макси“ верзии, но сега ќе се задржиме на стандардниот знаменосец кој треба да го насочи целото внимание кон умешноста на јапонскиот бренд. 

Sony Xperia Z5 го потврдува досегашниот колосек на правоаголни форми со суптилни линии и успеа да ги надополни сите мали проблеми кои го следеа неговиот претходник Sony Xperia Z3+ поставувајќи се како ултимативниот избор. Во продолжение следете не во оценувањето на еден од најпрестижните смартфони на пазарот кој може да го најдете и во Македонија.

Дизајн

Визуелно кај Sony Xperia Z5 нема огромни измени од изминатите модели бидејќи е користена истата основа за OmniBalance дизајнот со остри агли и строга правоаголна форма без закривување и мали модалитети на задната или предната страна. Тоа што суштински го разликува Sony Xperia Z5 од претходниците е промената на распоредот на физичките копчиња на десната страна каде ќе ги најдете леверот за звук кој е во долниот дел веднаш над копчето за активација и контрола на камерата. 

Некаде во средина се наоѓа главното копче за вклучување и заклучување на смартфонот и тука е сместен најголемиот новитет, односно за прв пат во оваа серија е употребен скенер за отпечатоци кој служи за регистрација на идентитетот на корисникот и одобрувања на повеќе процеси. 

Интересно е што кај сите производители постои тренд на намалување на дебелината и ширината на телото, но по тие правила не игра Xperia Z5 кој е нешто подебел со 7.2 милиметри ако воопшто може да се нарече „дебел“ но, тоа е направено за сместување на подобри компоненти во внатрешноста. Маската исто така е променета и наместо блескав алуминиум добиваме нешто посуптилен метал кој нема одблесоци и е погусто концетриран. 

Дисплеј

Xperia Z5 доаѓа со големина на LCD дисплејот од 5.2 инчи и располага со идентична резолуција од 1080 х 1920 пиксели за исполнување на Full HD стандардот и упорно одбива да употреби Quad HD панел. Sony за тоа има одлично оправдување бидејќи нивниот дисплеј троши помалку енергија, а со примена на Bravia енџинот постигнува доволен степен на густина на сликата и ефикасна распределба на контрасттот иако боите може да бидат за некој степен посилни и поизрасени. Како што може да се заклучи острината на сликата и деталноста воопшто не се доведени во прашање и Full HD резолуцијата е совршена за гледање на видеа и мултимедијални содржини, додека пак рефлексијата на отворено при изложеност на силна сончева светлина воопшто ја нема за совршена видливост. 

Хардвер и перформанси

Sony реши да превземе ризик и повторно да му верува на Qualcomm кој го има најпроблематичниот Snapdragon 810 процесор во премиум класата оваа година бидејќи прегрева при интезивни задачи како гејминг со напренди игри или подолго гледање на видеа и активирани апликации во позадина. Sony Xperia Z5 добро го користи осум-јадрениот процесор и сите можни проблеми ги реши во софтверот за регулација на температурата заедно со подобрената електроника на Qualcomm. 

Топ смартфонот располага и со 3 GB RAM што ви овозможув активација на новите и интезивни апликации и игри, а обезбедува и непречено користење на веб и мобилни сервиси. Меморијата е составена од 32 GB и може да се надополни преку microSD картичка до 200 GB. За енергијата на Xperia Z5 не треба многу да се грижите бидејќи со батеријата од 2900 mAh ќе имате околу 10 активни часа на работа доволни за распоредување на интервали на полнење на ден или два. 

Софтвер и апликации

Софтверот на Xperia Z5 од старт ја нуди нова шема на Android 5.1 Lollipop што значи дека и целиот Xperia интерфејс има претрпени мали промени, но само во визуелниот дел со примена на Material елементите на дизајнот поставени од Google, додека пак сите останати функции се речиси идентични како и во претходните верзии. Заклучениот екран е нешто поедноставен со приказ на големи дигитални бројки за часовникот и отклучување со брза активација за камерата, како и приказ на нотификациите кои може да ги видите веднаш на самиот врв. 
Sony ги нуди стандардните сопствени апликации за слики, видеа и музика, како и неколку надворешни апликации за преглед на документи.

Во понудата се вклучени и Socialife апликациите на Sony кои ги следат активностите на социјалните мрежи, но овој сервис мислиме дека веќе нема никаква корист. Во интерфејсот речиси 90% му се отстапени на Google со голема лента за Search на главниот панел и распоред на иконите за апликациите на Google со Play Store. Интерфејсот повторно го има квалитетниот флуид и брзите реакции, но бидејќи веќе застарува ни недостасува нешто свежо и пофункционално.

Камера

Sony направи мали подобрувања на апаратурата на камерата но, кога веќе е достигнат врвот тешко е да се направат огромни промени. Xperia Z5 е еден од првите смартфони со рекордна 23 мегапикселна камера која располага со леќа од 1/2.3 инчи и освен подобрените компоненти не нуди ништо ново во софтверот. Во апликацијата за управување на камерата ќе ги најдете стандардните опции за рачно прилагодување на балансот на бело, изложеноста и ISO квалитетот, додека пак Superior Auto режимот самиот ги поставува сите параметри при сликање но, не е секогаш најефикасен. 

На располагање имате и повеќе ефекти како и посебна апликација за 3D анимации, потоа снимање во забавена снимка и стандардните HDR и панорама. За снимање обезбеден е постојан автофокус со што HD видеата се прилично стабилни и со мали дисторзии на звукот, но рендирањето на сликата е малку чудно и доаѓа до „супер“ пикселација и малку извештачен изглед што се должи на послабиот компјутерски процесор на камерата кој е и главен проблем бидејќи не ги користи максимално сите 23 мегапиксели. Во секој случај Xperia Z5 е одличен смартфон за фотографирање, особено за тие кои имаат око за кадар и композиција. 

Заклучок

Xperia Z5 е одличен смартфон за тие што прв пат ќе се запознаат со Z серијата на Sony Mobile бидејќи е досега најмоќниот и најефикасниот смартфон со совршена изработка, врвни перформанси во премиум класата, прекрасна естетика за око, солидна камера и бројни новитети како што е скенерот за отпечатоци вметнат во главното копче поставено странично. Тие пак, што подолго време ја следат Z серијата од Xperia Z5 нема да бидат премногу воодушевени бидејќи е преработка на веќе добро познатата формула со убав дизајн со стаклени и метални елементи, софтвер кој повеќе е продлабочен со Google сервисите, но без нешто сопствено и оригинално свое и камера која изненадува на моменти со преголема изложеност што не е најдобар знак. 

Xperia Z5 ќе биде прашање на личен вкус дали одлично ќе ви „легне“ во рака или пак, нема да ви се допаднат новите поостри агли кои за некого ќе бидат неудобни за држење. Хардверот ги нуди сите модерни аспекти и проблемите со прегревање на Snapdragon 810 во голема мера се решени. Петката на Sony е екстра смартфон на хартија, но фали барем еден адут кој ќе го издигне над iPhone 6s или Galaxy S6 во сите класи, па што мислите вие дали би му дале шанса и колку доверба имате во јапонскиот бренд.

Автор
Христијан Станоевиќ

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар


За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар



 
Најнови телефони