Poco X2 - Исплатлив но, не и спектакуларен

Објавено на 16.02.2020 17:00 во Рецензија


Poco X2 - Исплатлив но, не и спектакуларен

Оцени

usability
8.0


Перформанси
8.0


Цена
9.0


Камера
8.5


резултат
8.4


Наши забелешки

Positives:

 

- Многу исплатлива цена

 

Negatives:

 

- Неимпресивен процесор

- „Позајмен“ дизајн



Целата рецензија

Poco како суб-бренд на Xiaomi во својата втора авантура на пазарот на мобилни телефони не успеа да го привлече истото внимание и пофалби како со Pocophone F1. Новиот X2 е навистина многу исплатлив смартфон со цена од околу 220 евра, но како нешто да му недостасува во силната средна класа за да се издвои над конкурентите. Poco X2 сепак, не е директен наследник на Poco F1 кој наскоро ќе добие нов модел, но и како посебен уред му недостасува за нијанса подобар процесор за искористување на целосниот потенцијал.

Веќе виден дизајн

Poco X2 сам по себе и не е толку оригинален смартфон бидејќи дизајнот е речиси целосно позајмен од Redmi K30, смартфон од уште еден посебен суб-бренд на Xiaomi, но само ребрендиран со ново име, без многу да се вложи труд во неговиот целокупен изглед. Тоа и не е така лошо ако се оценува само естетитката на Poco X2 без оглед кое име го носи, бидејќи има симпатичен изглед со модерни линии и елементи. 

Задниот дел од маската е најатрактивен бидејќи има отсјај и дава убав впечаток. Poco X2 е достапен во Atlantis Blue, Matrix Purple и Phoenix Red бои на маската, сите со свој печат и елеганција.  Poco X2 има доволно цврстина на предното стакло со заштитата од Corning Gorilla Glass 5, додека пак самото тело нема IP сертификати, но е заштитено од попрскување со вода. 

Дисплеј

Poco X2 доаѓа со 6.67 инчен IPS LCD дисплеј со резолуција од 1080 x 2400 пиксели, 386 ppi густина на слика, има размер од 20:9, а нуди поддршка за напредниот HDR10 формат на видео, како и 120Hz refresh rate, што е доста модерно, практично на линија со многу помоќни смартфони и понуди во повисоките класи. Тоа значи дека со дисплејот на Poco X2 ќе имате одличен избор при гледање на мултимедијални содржини, но има одредени ограничувања или подобро кажано недоволно искористен потенцијал кој во следниот сегмент подобро ќе го образложиме.

Перформанси

Poco X2 како клучна забелешка со која се соочува е употребата на осум-јадрениот Qualcomm SDM730 Snapdragon 730G (8 nm) процесор кој не е лош, но во споредба со претходно споменатиот Redmi K30 и не е доволно моќен. Poco X2 да го употребеше Snapdragon 765G процесорот ќе добиеше многу подобри перформанси особено со целосната поддршка за дисплејот со 120Hz. 

Poco X2 исто така работи со најмалку 6 GB RAM и 64 GB вградена меморија, а најнапредната верзија има 8 GB RAM и 256 GB основна меморија. Смартфонот има скенер за отпечатоци од страната, батерија со капацитет од 4500 mAh со супер брзо полнење од 27W и капацитетот се исполнува за само 68 минути, преку USB Type-C реверзибилниот конектор. 

Камера

Главната камера на Poco X2 е навистина светла точка бидејќи е двојно подобрена во однос на Poco F1 кој беше меѓу омилените смартфони пред неколку години. Poco X2 располага со дури четири сензори на задната страна од кои примарниот има 64 мегапиксели со f/1.9, 26mm ширика леќа со 1/1.7", 0.8µm и фазна детекција на автофокус, потоа има ултраширока леќа со 8 мегапиксели, f/2.2, 1/4.0", 1.12µm, макро леќа со 2 мегапиксели, f/2.4, 1/5.0", 1.75µm и еден сензор за длабочина со 2 мегапикселиод f/2.4. Селфи камерата исто така е за пофалба со два сензора од 20 мегапиксели f/2.2, 27mm 1/3.4", 0.8µm леќа со широк агол и леќа за длабочина со 2 мегапиксели f/2.4, 1/5", 1.75µm.

Заклучок

Poco X2 како што наведовме по никој основ не е лош или неквалитетен смартфон, но се чини дека е само транзициски уред за новиот суб-бренд кој ќе продолжи посамостојно да работи без преголемо учество на Xiaomi иако под ист чадор. Poco X2 не одекна силно како што тоа го направи Poco F1 како „убиец“ во премиум класата со врвни перформанси и неверојатно ниска цена која го направи еден од најисплатливите смартфони. Сега, Poco X2 е доволно добар за средната класа, но смартфони како него особено од Xiaomi и Huawei веќе ги има премногу. Во никој случај не е разочарување бидејќи има квалитетен дисплеј и камера, а и цената која се движи во просек од 220 евра е сосема прифатлива. Што мислите вие за Poco X2, дали можеше подобро или ваков каков што е доволен?

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар