Huawei Watch GT2 Pro: Сафирна елеганција, титаниумска отпорност и екстра функционалности

Објавено на 17.03.2021 10:39 во Рецензија


Huawei Watch GT2 Pro: Сафирна елеганција, титаниумска отпорност и екстра функционалности

Оцени

usability
10.0


Перформанси
10.0


Цена
9.9


Камера
10.0


резултат
10.0


Наши забелешки

Positives:

+ Префинет дизајн;
+ Сафирен слој од горната страна за да биде отпорен на гребаници;
+ Куќиште од титаниум и долна страна од керамика;
+ Кожен и силиконски ремен;
+ Always On Display функционира добро и на силна сончева светлина;
+ Сензорите функционираат подобро кога ременот е убаво затегнат;
+ Мерење на кислород во крвта, барометар, компас, отчукувања на срцето во реално време;
+ Опција за телефонски разговори;
+ Долготрајност на батеријата до 2 недели;
+ Безжично полнење и можност за реверзибилно полнење;
+ Добар хардвер и софтвер

 

Negatives:



Целата рецензија

Huawei во последните неколку години ни демонстрираше дека смартчасовникот не мора да биде скап за да биде квалитетен и практичен, благодарение на својот пристап. Тие се потпираа досега на Android Wear од Google, а Huawei не креираше посебен оперативен систем, туку ги подобри основните функции со спортските нараквици, кои на крај ги претвори во часовник.

Така направи спој на два различни света и притоа го обезбеди она што повеќето смартчасовници го немаат, а тоа е исклучително добра автономија, за тоа што е уште подобро - прифатлива цена. Со тоа ништо не е изгубено од функциите за следење на спортските активности, напротив, некои се и понапредни.

Дизајн

Huawei Watch GT2 Pro е со префинет дизајн, за кого не би кажале дека се работи за спортски или класичен смартчасовник. За разлика од претходниците, Huawei Watch GT2 Pro доаѓа изработен со титаниумско куќиште, што говори само за себе, додека долната страна што го допира вашиот зглоб е изработена од керамика.

Ова овозможува комотно користење без да ви пречи на раката, исто како што и титаниумското куќиште е доволно цврсто за да не го оштетите уредот, кое е дефинитивно полесно од алуминиумското или челичното. За оние што се грижат поради можните оштетувања на стаклото, имаме одлична вест. Тоа е премачкано со сафирен слој што спречува гребаници и го штити часовникот од многу други оштетувања.

Се разбира, часовниците секогаш доаѓаат со различни материјали, на пример со кожен темно сив ремен, кој совршено се вклопува со бојата на куќиштето, но го има и во црна верзија. Има и силиконски ремен за да издржува во екстремни услови. Часовникот на раката лежи совршено, без разлика колкав зглоб имате. Дополнителен совет ви даваме дека сензорите функционираат со поголема прецизност кога убаво ги стегате ремените. Екранот е извонреден и одлично се гледа на сончева светлина кога сакате да проверите колку е часот благодарение на Always On Display опцијата. 

Функционалност

Huawei Watch GT2 Pro има прецизно мерење на отчукувањата на срцето во реално време, т.е. константно, што значи дека во секој момент може да видите колкав пулс имате, без разлика дали лежите, одите, трчате, пливате. Покрај овие основни функции, имате и мерење на концентрација на кислород во крвта за проценка на VO2Max вредноста, која е од корист на сите што се занимаваат со спорт. Има и барометар и компас, што може да им помогне на бројни планинари.

Часовникот врз основа на отчукувањата на срцето во комбинација со внесените податоци (на пример, телесна маса), може да направи проценка во која фаза сте и дали сте постигнале резултат, според целта што претходно сте ја зацртале. Ви се мери и колку калории сте изгубиле, а ве предупредува и кога треба малку да намалите со вежбањето. Што се однесува до SpO2 вредноста, концентрацијата на кислород во крвта, таа не се мери автоматски во реално време, туку на сензорот му се потребни 10 секунди за да ја измери.

GT2 Pro има поддршка и за телефонски разговори, само што треба да го поврзете со мобилниот телефон а може да разговарате и без Bluetooth слушалки. Звучникот е навистина силен, а микрофонот чувствителен. Од искуство пренесуваме дека соговорниците нема да забележат дека им зборувате во текот на возењето додека рацете ви се на волан и разговарате преку часовникот. 

Оперативниот систем на кој работи Watch GT 2 Pro е Huawei Lite OS, а го „движи“ Kirin A1 процесорот кој во нашето искуство не покажа ни малку проблеми во извршувањето на било која функцијата.

Со HUAWEI TruSleep™ 2.0, HUAWEI WATCH GT 2 Pro е способен да следи и дијагностицира 6 видови на проблеми со спиењето, при што ќе ви дава и предлози за одмарање. Часовникот го следи ритамот на срцето дури и кога спиете, ви го анализира дишењето и дава резултат на вашиот вкупен квалитет на спиење.

Доколку сте под стрес и притисок, HUAWEI TruRelax™ технологијата овозможува константна грижа за вашето здравје, преку постојан и секојдневен мониторинг на стресот.

HUAWEI TruSeen™ 4,0+ прецизно го следи вашето отчукување на срцето и ви дава известување доколку срцевиот ритам ви е над нормално ниво. Тоа може да биде за време на вежбање или спиење, што може да биде од голема полезност за зачувување на вашето здравје. Сигурно е дека вие нема постојано да го мерите притисокот со други апарати.

Хардвер и софтвер

Под хауба Huawei Watch GT2 Pro има 4GB внатрешна меморија и 32MB RAM меморија, што е сосема доволно за извршување на сите потребни задачи. Софтверот е исклучително брз и нема никакви задоцнувања при ракувањето. Новиот софтвер ви нуди над 200 лица (прикази на часот) на часовникот. Веќе спомнавме дека во мирување имате Always-On Display, за што исто така имате избор за изглед, што ќе ви го покажува часовникто во состојба на мирување. 

Смартчасовниците на Huawei немаат можност за дополнително инсталирање на апликации, но верувајте дека нема да имате потреба од други апликации, затоа што уредот веќе има се што ви е потребно.

Батерија

Huawei Watch GT2 Pro ја има истата батерија од 455mAh како и GT2, но овој пат со безжично полнење. Пластичниот дел со USB-C влез нема метални конектори, па часовникот се полни индукциски. Со оглед на тоа што часовникот сам по себе го поддржува овој вид на полнење, може да го полните и на мобилниот што поддржува реверзибилно безжично полнење.

Само полнењето на часовникот трае околу 1 час, што е одличен резултат, додека за само 5 минути полнење може да добиете 10 часа постојана работа, за продолжен тренинг и евентуално попладневната дремка после него. Овде сега доаѓаме до најголемите предности на смартчасовниците на Huawei во споредба со останатите. Декларираните 15 дена траење на батеријата, реално може да се постигне, иако би ве советувале да не сметате на повеќе од 10-12 дена интензивно користење, што подразбира секојдневни тренинзи и општо активно следење на активности, со вообичаено читање на пораките на часовникот. Се разбира, ако сите телефонски разговори ги вршите преку него, автономијата на батеријата дополнително се намалува, но не е многу.

Сето ова вреди во услови кога осветлувањето на екранот е поставено на автоматски режим и ако Always On Display не е вклучен.

Заклучок

Huawei Watch GT2 Pro е во првиот уред со висока функционалност, со широк спектар на сензори и функционалности, за кои ќе ви биде потребна една недела за да ги научите. Прилично прецизно ги мери сите параметри, како и вашиот ритам за спиење, што значи дека слободно може да се потпрете на него. Дизајнот навистина импресионира, а најмногу квалитетот на изработка и изборот на материјалите. 

Титаниумското куќиште со керамичка позадина е врвна комбинација што часовникот буквално ќе се вклопи со вашата рака, а сафирното стакло доаѓа како шлаг на тортата, со оглед на тоа што во многу пригоди ќе ве штити од оштетување. За крај, мора да кажеме дека Huawei со овој часовник докажа дека може и знае да изработи квалитетен уред што ќе посакаат да го носат сите спортисти и рекреативци, но и оние што не се занимаваат со спорт. Часовникот воодушевува со својот дизајн и квалитетна изработка, функционалност, а најмногу со автономијата, што му е една од најголемите предности во споредба со конкуренцијата. Цената на Huawei Watch GT2 Pro може да ја пронајдете кај македонските продажни канали.

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Александар Младеновски
Author Image
Дипломиран новинар, истражувач со познавања во повеќе области, практикува јога, сака да ги инспирира луѓето и да поттикне промени.