Samsung Galaxy A52: Моќен смартфон со многу меморија

Објавено на 23.06.2021 09:30 во Рецензија


Samsung Galaxy A52: Моќен смартфон со многу меморија

Оцени

usability
10.0


Перформанси
10.0


Цена
10.0


Камера
9.9


резултат
10.0


Наши забелешки

Positives:

+ Always-On дисплеј;
+ Голем екран од 90Hz;
+ Префинет дизајн со заоблени рабови;
+ Убав заден модул со четири камери;
+ In-screen читачи за отпечатоци на прсти;
+ Моќни перформанси и многу меморија;
+ Стерео звучници;
+ „Link to Windows“ функција за поврзување;
+ Главен сензор на камерата е 64MP;
+ Добра цена;
+ Долготрајна батерија;
+ Снимање видеа со 4К резолуција;
+ Квалитетна фотографија;

 

Negatives:



Целата рецензија

Samsung Galaxy A серијата има целосно поинаква номенклатура од S серијата, што често знае да ги збуни купувачите. Кај S серијата сме навикнати секогаш да има топ модели, а A серијата секогаш ни носи уреди во поширок распон од ценовниот ранг, од најевтини, па се до оние што може да се мерат и со S класата.

Со Galaxy A52 не може да згрешите, со оглед на тоа што се наоѓа некаде во средина. Samsung ги лансираше моделите A32 и A72 кои може да се споредуваат со овој модел, како по спецификации така и по цена. Ајде да ги разгледаме спецификациите на A52.

Дизајн

Со оглед на тоа што сите смартфони денес од предната страна се дизајнирани слично, односно цела предна површина е со екран, тешко е да се разликуваат, па затоа на производителите за експериментирање со дизајнот им остана само задната страна. Модулите за камерите се сега на тапет, а се менуваат речиси кај сите нови модели и изгледаат неверојатно добро.

Galaxy A52 има четири задни камери, кои се изработени во форма на олимписки кругови, додека петтиот круг е блицот. Без разлика на тоа што задниот панел е изработен од пластика, со добриот финиш имате чувство како да држите силикон во рацете, па затоа самиот уред нема да ви се лизга од рацете. Рабовите на куќиштето се благо заоблени, затоа уредот убаво лежи во раката.

Екран

Super AMOLED екраните на Samsung немаат конкуренција. Екранот е со 90Hz и има големина од 6,5 инчи. Најчесто користените апликации како што се YouTube, Netflix, Facebook, Instagram, Google Photos и слично, поддржуваат 90Hz, така што поради ова не треба премногу да се грижите. Добро е да знаете дека ако батеријата ви е при крај, а со себе немате полнач, се што треба да направите е да ја вратите фреквенцијата на 60Hz, со цел да заштедите енергија..

Резолуцијата од 2400 x 1800 пиксели оставаат брилијантен впечаток, а резултатот е густина на пиксели од 407ppi, што е исклучително висока густина на пиксели, така што ниту оние со добро око нема да имаат никакви приговори. Тука е Always-On приказот, кој што со исклучен екран ви овозможува да го видите времето и неодговорените повици.

Биометрија

In-screen читачите за отпечатоци на прсти, вградени во екранот, пристигнаа и во А-класата,што е пријатно изненадување. Samsung Galaxy A52 овозможува висока биометриска заштита, со тоа што уредот ви овозможува брзина и прецизност при отклучувањето на телефонот или евентуално при некој друг акт.  

Хардвер

Срцето на уредот е 8-нанометарски Snapdragon 720G процесор, а на пазарот се лансирани верзии со 4, 6 и 8GB RAM меморија. Внатрешната меморија е со 128GB, а најмоќната варијанта доаѓа со 256GB. Се разбира, имате и microSD мемориска картичка, која што може да ја употребувате наместо секундарна СИМ картичка. Имате и 3,5мм аудио влез, а за оние што сакаат квалитетен звук, ќе бидат пресреќни кога ќе слушнат дека има два стерео звучника. Според перформансите, Galaxy A52 официјално се смета како смартфон од средна класа, но се стреми кон премиум перформанси.

Софтвер

Samsung OneUI надградбата на интерфејсот веќе одредено време е присутна на сите Galaxy уреди, која се одликува со едноставност и брзина. Да, едноставноста во денешно време е релативен поим кога ќе ги земете сите функции во предвид, кои еден смартфон ги содржи. Сепак, Samsung тоа го скроил по мерка на корисниците, т.е. барем онака како што мисли дека повеќето би прифатиле.

Продолжувањето на софтверската поддршка за подолг временски период е она што е новото кај новите Samsung смартфони, за кои се обезбедува да добијат три големи надградби на Android, што значи дека тоа ќе биде до 2023 година. Со оглед на тоа што овој се базира на Android 11, сметајте дека последната верзија на која што ќе можете да го надградите ќе биде Android 13. Покрај тоа, Samsung ветува полни пет години безбедносна надградба, што значи дека тоа може да се случи до 2026 година, а дотогаш сигурно ќе го замените овој уред со некој нов.

A52 има многу корисна алатка „Link to Windows“, која го олеснува користењето на уредот во комбинација со Windows компјутер. Само интерфејсот и понатаму нуди можности за управување со гестови, но и на стариот добар начин, со помош на навигациските типки. Листањето на менито и работата со апликации е лесно без прекин, што е нормална работа веќе одреден период. 

Камера

Samsung Galaxy A52 има четири задни камери со LED блиц. Примарната камера доаѓа со сензор од 64MP, f1/.8 отвор на бленда и 26мм леќа. Тоа е вообичаен PD автофокус и оптичка стабилизација. Втората е 12MP ултра-широкоаголна леќа, третата е 5MP макро камера и четвртата е 5MP сензор за длабочина. Недостасува само телефото камера за зумирање, но тоа може да се прави и со главниот сензор преку crop. 

Софтверот на камерата изобилува со различни додатоци и трикови, но и професионален начин со можност за рачно подесување на експозиција, брзина на затварачот, ISO вредностите и слично. Квалитетот на фотографиите на денско светло е очекувано одличен. Денес е навистина тешко да пронајдете мобилен што во идеални услови снима лоши фотографии. Имате голема доза на острина и голем динамички распон. Оптимизаторот на сцена е најдобро да го исклучите, затоа што од него и немате многу полза, така што фотографиите реално излегуваат најдобро во целосно автоматски начин. Pixel-binning технологијата овозможува комбинирање на четири пиксели во еден, така што на крај добиваме 16MP фотографија со најдобрите пиксели на располагање. И понатаму може да одберете 64MP резолуција, но имајте на ум дека фотките во тој случај ќе бидат прилично тешки и реално не толку добри како 16MP добиените со напреден алгоритам.

Samsung Galaxy A52 има можност за снимање на видеа во 4К резолуција, што е голем чекор напред. Доколку ја намалите резолуцијата на 1080 пиксели, во тој случај може да добиете и оптичка стабилизација на снимката. 

Батерија

Капацитетот на батеријата изнесува 4500mAh, што за просечен корисник би било доволно долго да го издржи цел ден. Долготрајноста на батеријата зависи како го користите уредот. Екранот е најголем потрошувач, а после него е процесорот. Ако сте љубители на игри или сурфате долго време на социјалните мрежи, тогаш полначот може да ви притреба и пред да заврши денот.

Автономијата е солидна, но не очекувајте долготрајност ако одберете 90Hz стапка на освежување и Always-On дисплеј. Имате поддршка за брзо полнење и полнач од 15W. Ако сакате може посебно да купите 25W полнач за побрзо да го полните телефонот. Полначот од 15W ја полни батеријата за 30 минути до 35%, додека оној со 25w ќе надмине 50% за истото време. Полначот од 15W полни од 0% до 100% за два часа. а 25W му треба 1 час и 30 минути.

Водоотпорност

Samsung Galaxy A52 има IP67 сертификат за водоотпорност и отпорност на прашина. Производителот тврди дека може да издржи 1 метар под вода, најмногу до 30 минути. Се разбира, може да издржи под вода, но само под услов водата да биде слатка, да не биде солена или помешана со детергент. Тоа значи и дека во поинакви услови, како на пример, доколку паѓа дожд или ви падне телефонот во вода, нема потреба да имате грижа на совест дека уредот би се оштетил.

Заклучок

Samsung и оваа година заврши одлична работа во средната класа, а резултатот е Galaxy A52. Така, за цена од 21 илјада денари, колку што чини моделот со 6/128GB, добивате одличен 6,5-инчен смартфон со Super AMOLED екран, одличен процесор, 6GB RAM и навистина голема внатрешна меморија. A52 ќе може да снима оптички стабилизирано видео од 1080p или во 4K без оптичка стабилизација, зависи како ќе процените дека ви е потребно.

А52 како претставник на средната А-класа е еден од најмоќните адути на компанијата, што мислите вие? 

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Александар Младеновски
Author Image
Дипломиран новинар, истражувач со познавања во повеќе области, практикува јога, сака да ги инспирира луѓето и да поттикне промени.