Huawei P10 Lite - Лесен пробив

Објавено на 30.09.2017 во Рецензија


Huawei P10 Lite - Лесен пробив

Оцени

usability
8.7


Перформанси
8.7


Цена
9.0


Камера
8.5


резултат
8.7


Наши забелешки

Positives:

 

- Прифатлива цена

- Добро оптимизирани перформанси

 

Negatives:

 

- Нема силна заштита на екранот

- Не наликува премногу на оригиналниот модел



Целата рецензија

Huawei и годинава ја продолжи праксата на лансирање на Lite верзија на својот најквалитетен и најпрепознатлив смартфон Huawei P10 и со за нијанса пониската цена да им овозможи на поголем број на купувачи кои имаат помал буџет да купат квалитетен уред од престижното друштво. За Lite серијата на Huawei треба да се земе во предвид дека не претставува буквално „мини“ верзија на премиум моделот како што тоа неуспешно го правеше Samsung, туку повеќе се фокусира на перформансите. Huawei P10 Lite не е многу сличен во изгледот со Huawei P10, туку повеќе му  е рамен кога се во прашање можностите, па затоа во продолжение ќе посветиме поголемо внимание на сите негови детали.

Дизајн

Huawei P10 Lite како што напоменавме и во воведот има „црти“ од поскапиот модел, но нуди и свои препознатливи детали кои го издвојуваат. Во оваа класа Huawei P10 Lite е еден од ретките што може да се пофали со стаклен дизајн на предната и задната страна, концепт кој сега и Apple го примени кај iPhone 8. Смартфонот е одлично изработен со металната рамка, има тенко тело од 7,2 милиметри и тежи 146 грама со што е за нијанса поефикасен и покомпактен од своите претходници. Наш фаворит е сината боја на маската која има уникатен отсјај и со овој модел најмногу ќе се истакнете во вашата околина.

Странично рамките околу дисплејот речиси и се незабележливи со тоа што поголем простор има на врвот и дното кои не се перфектно искористени. На задната страна ќе го најдете вградениот скенер за отпечатоци, а десно странично се тенките физички копчиња за вклучување и заклучување, како и контролата над звукот. На долната решетка е влезот за полначот и USB со звучникот. На горната страна е 3,5 милиметарскиот аудио влез. На левата страна се наоѓа влезот за картичките при што ќе мора да направите избор дали сакате две nanoSIM картички или една nanoSIM и една microSD мемориска картичка.

Дисплеј

Huawei P10 Lite има невообичаено голем екран од 5.2 инчи за оваа категорија на телефони со LTPS-IPS LCD технологија и е одличен за тие што сакаат голема површина за преглед на содржини. Резолуцијата е одлична со 1,080 x 1,920 пиксели и густина на сликата од солидни 424ppi. Дополнителна предност е 2.5D заобленоста на екранот што прави да имате подобри агли на прегледност, како и поудобно држење во раката. На Huawei P10 Lite му недостасува заштита од Gorilla Glass стаклото кое спречува поголеми гребнатинки и видот на заштита засега е непозната што е мал минус. За самиот квалитет на сликата, боите, контрастот и осветленоста нема никакви замерки бидејќи се одлично изразени. Кога ќе бидете на отворено сепак, ќе мора да го поставите светлото на максимум за да немате поголеми проблеми со рефлексијата на сончева светлина.

Перформанси

Huawei P10 Lite работи со сопствениот HiSilicon Kirin 658 процесор со осум јадра со Cortex-A53 и технологија која обезбедува работен потенцијал од 1,4 и 1,7 GHz за исполнување како на покомплицираните задачи така и на процесите кои се одвиваат во позадина и не одземаат премногу пресметувачка моќ. Хардверот на Huawei P10 Lite соодветсвува на средната висока класа и со Mali-T830MP2 графичка, 3 GB RAM како и 32 GB основна вградена меморија. Со овие компоненти Huawei P10 Lite има капацитет да одговори на модерните потреби на корисникот, не покажува слабости во работата со апликации и мултитаскингот, ниту пак во гејмингот. Смартфонот има солидна батерија со капацитет од 3000 mAh, како 18W супер брз полнач кој го исполнува капацитетот за многу кратко време. Huawei P10 Lite го користи оперативниот систем Android 7.0 Nougat, но во голема мера е прилагоден со интерфејсот EMUI 5.1 кој му дава специфични функционалности и одлична оптимизација. 

Камера

Huawei P10 Lite располага со 12 мегапикселна камера со f/2.2 апаратура, има фазна детекција на автофокус кој е брз и прецизен, еден LED блиц,  1/2.8" големина на сензорот, со додатни ефекти како HDR и панорама. Сликите со Huawei P10 Lite се во рамки на пристојното, со добар израз на деталите и боите. Видеата како и кај другите смартфони не се совршени, но може да снимате во 1080p@30fps што е добар стандард. Селфи камерата има 8 мегапиксели, автофокус кој врши огромна работа и подобра f/2.0 апаратура, заедно со снимање на видеа од 1080p резолуција.

Заклучок

Huawei P10 Lite е смартфон кој се обидува да остави свој белег, како со самиот изглед, така и со добро компилираните спецификации кои обезбедуваат доста напредни перформанси без грижи дека ќе имате проблеми со конкретна задача или активност. Предноста на Huawei P10 Lite во однос на останатите поевтини смартфони на кинескиот бренд барем на европскиот пазар е тоа што е нашироко достапен преку мобилните оператори, па лесно ќе го најдете во пост-пејд понудите кога ќе склучувате нов договор. Инаку цената на Huawei P10 Lite се движи до 300 евра што е доста прифатливо како за самиот бренд, така и за неговите можности. Што мислите вие за Huawei P10 Lite?

Автор: Христијан Станоевиќ

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар


За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар



 
Најнови телефони
 
  • iPhone 8 Plus
  • iPhone X
  • iPhone 7 Plus
  • P9 Plus
  • P10
  • Galaxy S8 Plus
  • Galaxy S8
  • Note 7
  • Galaxy C7
  • Desire 10 Lifestyle