Apple Vision Pro ги отвараат очите на корисниците во проширен свет

Објавено на 06.06.2023 18:46 во Рецензија


Apple Vision Pro ги отвараат очите на корисниците во проширен свет

Оцени

usability
10.0


Перформанси
10.0


Цена
9.8


Камера
9.9


резултат
9.9


Наши забелешки

Positives:

+ Проширена реалност;
+ Можност да се биде присутен во просторијата и да гледате филм истовремено;

 

Negatives:

- Висока цена;



Целата рецензија

После долго чекање, Apple на девелоперската конференција ги претстави своите први очила за проширена и виртуелна реалност - Apple Vision Pro. Apple Vision Pro е нов вид на компјутер, кој врши конекција на проширената реалност и реалниот свет, единствениот компјутер преку кој што може да се гледа во реален простор, истовремено гледајќи ги апликациите и мултимедиумска содржина.

Нема веќе ограничувања со големината на екранот. Апликациите може да бидат било која големина, а со еден потег може да „нурнете“ во мултимедиумските содржини. Како што Mac не запозна со персоналниот компјутер, VisionPro ќе не запознае со личната технологија, велат од Apple.

Vision Pro е тридимензионален интерфејс, со кој што се управува со глас, раце и очи. Апликациите се прикажуваат како нов слој на реалниот простор. Елементите имаат димензии и сенки со цел да остават впечаток на големина во просторот. Може да се зголеми величината на апликациите и да ги поместите каде што сакате во просторот.

VisionPro овозможува нуркање во мултимедијална содржина со свртување на тркалцето од горната страна на очилата. Користењето е интуитивно, се потпира на корисниците и нивната содржина. Доволно е да погледнете во вистинска насока и иконките се означени, со прстите се одбира означеното и во комбинација со гласот може да диктирате и управувате со Siri што дополнително го овозможува користењето на апликациите.

EyeSight овозможува да ви се гледаат очите преку очилата, со цел да не се чувствуваат заоставени другите присутни во собата. Кога има некој во близина, ќе се појави во видното поле на корисникот, дури и кога е вклучена апликацијата. 

Очилата функционираат во комбинација со тастатура и тачпед, но и со MacBook. Доволно е безжично да бидат поврзани. Facetime го користи просторот, а SpaceAudio овозможува подобро доживување на видео повиците. Може и да ја споделите апликацијата и мултимедиумската содржина. Функционира и со други Apple уреди.

Можно е да снимате фотографии и видеа и да ги погледнете во 3D во просторот со SpacialPhoto и Video. Секоја просторија може да ја претворите во кино сала, да го зголемите екранот и да гледате содржина со стриминг платформи со 3D филмови и 3D интерактивна содржина. Може да играте и видео игри со помош на контролер. 

Apple Vision Pro ќе го промени начинот на кој што комуницираме, работиме и се дружиме, вели Тим Кук. Тој најави и соработка со Walt Disney, што ќе овозможи стриминг на Disney+ содржините директно од Vision Pro. 

Вселенски дизајн

Очилата на прв поглед изгледаат како очила за скијање, но имаат многу опции. Дизајнирани се со алуминиумска рамка, каде што се сместени два екрана. На работ има 12 камери, 5 сензори и 6 микрофони, копче за снимање на фотографии и видеа и тркалце за управѕвање со можностите на Vision Pro. Уредот е дизајниран како модуларен систем, за да биде соодветен за лицето на секој корисник. Ременот може да се менува со цел полесно да се прилагодува кон големината на главата. Во соработка со Zeiss, направиле магнетни дополнителни леќи, кои што може дополнително да се додадат пред екранот, со цел да се избегне носење на очила преку очилата за вид.

Екран

Технологијата што стои зад Vision Pro се напредни сензори и екрани, затоа е смислен екран што овозможува да не се гледаат поединечни пиксели - Apple Silicon OLED, два панела со големина на поштенска марка со вкупно 23 милиони пиксели во комбинација со тројна леќа, која што овозможува јасен поглед и гледање на видеа во 4K резолуција.

Аудио

Посебно внимание е посветено на звукот, AudioPods се сместени на ременот на очилата, овозможуваат просторен звук, со цел корисникот да добие впечаток дека звукот е насекаде околу него.

Хардвер

Очилата имаат Lidar, IR камера и LED осветлување, со цел полесно да се гледа содржината на екранот. Сето тоа го покренува двоен Apple M2 процесор, во комбинација со новиот Apple R1 чип, развиен точно за Vision Pro, за обработка на податоци од сензорите и камерите во очилата во реално време. Прикажува слики на екранот во рок од 12 милисекунди.

Закривениот OLED на предната страна на очилата служи со цел да се прикажат очите на корисниците и така да се добие впечаток дека екранот е транспарентен. Со примена на машинско учење и предни сензори, системот користи неврална мрежа, со цел да создаде виртуелен близнак и така корисникот го прикажа во Vision Pro на другите корисници или кон надвор, другите лица во просторот. 

Батеријата што обезбедува напојување не е сместена на самите очила, туку со кабел поврзана со нив и може да се смести во џебот. Засега нема податоци за нејзиниот капацитет и времето за користење.

Нова платформа

VisionOS е оперативен систем наменет за Vision Pro, смислен со цел да реагира брзо и овозможува извонредно искуство. Тој е првиот оперативен систем смислен за просторна пресметка. 

„Ова е само почетокот за новата платформа“, велат од Apple.

OpticID го скенира ирисот и овозможува заклучување и отклучување со Vision Pro, како и приватни апликации како што се Apple Pay. Сите насоки во кои што корисникот гледа се приватни, односно сокриени од апликации и интернет страници, се додека корисникот не кликне на некоја опција. 

„Ова е најнапредниот електронски уред досега. Apple регистрираше над 5000 патенти во текот на неговиот развој“, велат од компанијата.

Со оглед на сето претходно наведено, се очекува дека цената ќе биде висока. Така оние што сакаат да користат Vision Pro ќе мора за него да одделат 3499 долари, а уредот ќе биде достапен прво во САД и тоа на почетокот на 2024 година. Од Apple велат дека уредот ќе биде достапен и во други земји низ светот, малку подоцна.

„Ова беше голем ден“, изјави Тим Кук на крајот. Постојат некои производи што го менуваат начинот на кој што ја употребуваме технологијата во нашите животи. Мислиме дека Vision Pro е таков производ. Во комбинација со платформата visionOS, нуди неверојатни производи за нашите корисници и девелопери. Најави дека за Apple Vision Pro и visionOS ќе се слушне и на претстојните конференции, па можеме да очекуваме уште некои новости пред очилата навистина да станат достапни за корисниците.

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Александар Младеновски
Author Image
Дипломиран новинар, истражувач со познавања во повеќе области, практикува јога, сака да ги инспирира луѓето и да поттикне промени.