Пазете со онлајн шопингот - 40 проценти од кинеските производи се фалсификат

Објавено на 05.11.2015 во Новости



Пазете со онлајн шопингот - 40 проценти од кинеските производи се фалсификат

Повеќе од 40 % од производите продадени преку интернет во Кина минатата година биле или фалсификувани или со лош квалитет, пренесе државната новинска агенцијата Ксинхуа. Во извештајот, кој е поднесен пред кинеските законодавци, се наведува дека само 59 % од производите продадени онлајн минатата година биле „оригинални или со добар квалитет“.

Кина води кампања против продажбата на пиратски или фалсификувани производи, затоа што тоа претставува проблем на големите светски трговски марки на кинескиот пазар. Кинескиот гигант за трговија на интернет – Алибаба, лобира да не биде ставен на американската црна листа, но годинава е изложен на голем притисок, поради продажбата на фалсификати на нивните платформи.

Во извештајот се повикува на „забрзано носење на закон за е-трговија, подобрување на контролата и разјаснување на правата на потрошувачите и одговорноста на трговците“. Исто така, во текстот се додава дека ова е важно пред се поради брзиот раст на онлајн продажбата, која во минатата година се зголеми за 40 % на 441,84 милијарди долари.

Минатата година се поднесени 77.800 жалби при купување на интернет, што е зголемување од 356,6 % во однос на 2013 година.

Извор: pozitiv.mk