Интервју со НајдиДом.мк - Ќе ја олесниме потрага по нов дом

Објавено на 12.11.2015 во Македонски апликации



Интервју со НајдиДом.мк - Ќе ја олесниме потрага по нов дом

НајдиДом.мк е нова иновативна веб алатка за пронаоѓање на посакуваниот стан, куќа, деловен простор и е замислена како брзо решение низ морето од информации за недвижнините и од традиционалните и од современите извори на огласување. Разговаравме со тимот на НајдиДом.мк за почетната идеја, функционалностите на сервисот и што се може да им понуди на корисниците кои сакаат да купат, продадат или изнајмат недвижен простор.

ХС: Што се содржи НајдиДом.мк, кои се можат да бидат извори на информации, како ќе ги вклучите самите огласувачи?

НД: НајдиДом.мк како платформа содржи исклучиво огласи за недвижнини како станови, куќи и вили, земјишта или парцели, бунгалови и деловен простор. Агрегаторот ги презема сите огласи за недвижнини од Пазар3, Реклама5, Врапче и НовиПазар, но ова е листа што во иднина планираме да ја зголемиме. Целта е да ги претставиме сите недвижнини кои се продаваат или изнајмуваат на едно место од македонските портали за недвижнини и да ја олесниме потрагата по нов дом.

ХС: Колку оваа алатка е функционална, кои се нејзините предности во однос на традиционалните или онлајн огласи за недвижнини?

НД: Платформата преку конкретни филтри како цена, град, општина, квадратура, локација, број на соби и слично, каде корисниците според своите потреби можат лесно да ги пребаруваат сите огласи и да го пронајдат совршениот избор. Во однос на традиционалните и останатите онлајн огласи за недвижнини, предностите на НајдиДом.мк се заштедата на време и финансии и пронаоѓање на брзо решение за една од најголемите дилеми на корисниците.  

ХС: Дали агенциите за недвижности ќе ве гледаат како конкурент или пак иден партнер и олеснувач во нивната работа?

НД: НајдиДом.мк претставува и е позициониран како иден партнер на агенциите за недвижнини во Македонија со тоа што претставувањето на сите огласи во Македонија на едно место им олеснува на корисниците полесно да го пронајдат новиот дом, а воедно и да насочи поголем број на заинтересирани лица за купување/изнајмување на недвижнини кон агенциите за недвижнини.

ХС: Кажете ни дали вие сте имале потреба од пронаоѓање на стан, куќа, место за кирија и колку личното искуство ви било мотив за создавање на НајдиДом.мк?

НД: Мотивот за креирање на платформа од ваков карактер првично беше предизвикан од лично искуство, поради времето и финансиите кои ги губиме како индивидуалци или компанија при барање на нов дом или деловен простор. Без разлика дали се работи за дом или деловен простор, најголемиот дел од денот го поминуваме таму. Поради тоа и решивме да го креираме НајдиДом.мк за да им ја олесниме потрагата во нов дом на нашите корисници.

Основачи на НајдиДом.мк се Игор Стаматовски и Игор Попов.

Новинар: Христијан Станоевиќ