Huawei ги претстави новите Mate 30 и Mate 30 Pro

Објавено на 20.09.2019 во Новости



Huawei ги претстави новите Mate 30 и Mate 30 Pro

На светската премиера одржана во Минхен, Германија, Huawei го претстави телефонот што сите го очекувавме. Првиот човек на Huawei, Ричард Ју, во ниту еден момент не откри со каков оперативен систем ќе бидат новите смартфони. Во еден момент спомна само дека Mate 30 серијата е со EMUI 10 корисничкиот интерфејс на Huawei, базиран на Android 10.

Huawei Mate 30 е со Huawei OLED Horizon дисплеј, а под хауба го има последниот Huawei чипсет, претставен на IFA во Берлин - Kirin 990 5G. 5G ерата ни овозможува да размислиме за технологијата во смартфоните, а Huawei Mate 30 серијата е ултимативен израз на она што е возможно, вели Ју. 

Дизајнерски, Mate 30 серијата се потпира на минатогодишната Mate 20 серија, од предната страна има сега помал засек, кадешто се лоцирани двете камери и два сензора. Huawei OLED Horizon екранот се прелива преку неговите рабови со цел да го зголеми просторот за прикажување на содржини. Во Huawei овој пат се одлучиле за максимален минимализам, па така од бочните страни го нема копчето за контрола на глас. За таа цел ќе има виртуелно копче што ќе може да го постават каде што ќе им одговара.

Предните камери имаат напредна 3D Face Unlock технологија за препознавање на лица и отклучување на екранот, додека под самиот екран има читач на отпечатоци на прсти, кои се грижат за биометриска безбедност. Од задната страна има метален прстен што ги заокружува трите, односно четирите камери, кои го имитираат изгледот на DSLR камерите. 

Mate30 доаѓа со тројна SuperSensing камера која се состои од 40MP + 16MP + 8MP сензори. Mate30 Pro има дополнителна 3D камера за креирање на чувство на длабочина на фотографиите. SuperSensing камерата може да снима видео во 4K, а дополнителните ефекти вградени во самата апликација на камерата, овозможуваат резултати што делуваат сосема професионално. Особено ако се истакне податокот дека SuperSensing камерата пропушта 40% повеќе светлост што овозможува снимање и во услови на лошо осветлување или ноќни услови.

Mate 30 доаѓа со батерија од 4200mAh, додека Pro верзијата е со 4500mAh. Двете батерии се со Huawei SuperCharge технологија и безжично полнење преку полначот на Huawei од 27W. EMUI10 се базира на Android 10 кој доаѓа со Dark Mode за подобра ефикасност на батеријата. 

Huawei Mate 30 и Mate 30 Pro би требало да се најдат на пазарот следниот месец за цена од 799 евра за Mate 30 верзијата со 8GB RAM и 128GB меморија, или 1099 евра за Mate 30 Pro за верзијата со 8GB RAM и 256GB меморија. Претставени се и слушалките FreeBuds 3 што веќе ги видовме на IFA саемот во Берлин пред некоја недела.