Antutu вовлечен во проблеми со Google поради Cheetah Mobile

Објавено на 09.03.2020 во Новости



Antutu вовлечен во проблеми со Google поради Cheetah Mobile

Antutu ги повлече сите мобилни апликации од Play Store за Android откако се откри дека еден од нивните најголеми инвеститори всушност е злогласеното студио за софтвер Cheetah Mobile кое претходно се најде на црната листа на Google.

Преку Antutu досега се правеа едни од поквалитетните бенчмарк тестови на перформансите на новите смартфони и од овие резултати се добиваше подобра слика за можностите на уредот. Сега, сите апликации како AnTuTu 3DBench, AnTuTu Benchmark и AI Tutu Benchmark повеќе не се дел од Play Store, а преку веб страната може да се симне само нивниот APK фајл за надворешна инсталација. 

Жао Чен главниот извршен директор на AnTuTu тврди дека претставникот на Cheetah Mobile во бордот на директори нема никаква управна или раководна функција, туку само го претставува инвеститорот и дека двете компании се посебни и различни.

Сепак, овие недоразбирања кои произлегоа откако се откри дека Cheetah Mobile злоупотребувал апликации за пласирање на реклами и штетен софтвер засега не се целосно расчистени.