Почнува најголемиот светски технолошки саем: Што да очекуваме од CES

Објавено на 11.01.2021 во Новости



Почнува најголемиот светски технолошки саем: Што да очекуваме од CES

CES во Лас Вегас им овозможува на бројни технолошки компании да се презентираат со стартапи, чија главна цел е да ја претстават новата технологија, уреди и да пронајдат нови партнери. Секоја година во Лас Вегас во овој период од годината, се слеваат илјадници луѓе од цел свет, но овој пат настанот ќе се одвива виртуелно.

Поради пандемијата од коронавирусот, 54-от CES 2021 ќе се одржи виртуелно од денес, 11 јануари, до 14 јануари. Овие три дена ќе бидат претставени нови модели на смартфони, телевизори, смарт домашни уреди, до најнови изуми, кои би можеле да го променат светот во иднина.

Шефот на Verizon, Ханс Вестберг, ќе зборува за 5G технологијата, Гери Шапиро и Карен Чупка од организациониот одбор на CES ќе расправаат за новите технолошки трендови што не очекуваат, Мери Бара од General Motors ќе разговараат за тоа што не очекува во автомобилската индустрија во иднина, додека Лиза Су од AMD ќе ја презентира визијата на AMD за иднината, која вклучува новитети во областа на гејмингот и графиката.

Претседателот на Microsoft, Бред Смит, ќе зборува за дволичноста на технологијата, неверојатна алатка за придвижување на човештвото, но и алатката што може да ја сруши демократијата и да ги загрози човечките права. Земајќи ги во предвид неодамнешните случувања во САД, сигурно ќе биде интересно да се слушне што има да каже Дејмиен Кирен, главниот и одговорен човек за приватноста на Twitter.

Најавени се 1950 излагачи вкупно на CES 2021. Ќе има од оние што се најпознати од Asus, Lenovo, LG, Microsoft, Nvidia, Panasonic, Philips, Samsung, Sony, но и бројни други, кои допрва се позиционираат на глобално ниво. Целокупниот список може да го пронајдете на официјалните страници на CES. Телефони.мк ќе ги следи најновите настани и ќе ве информира. Останете со нас.