Кога доаѓаат Samsung Galaxy S21 моделите во Македонија?

Објавено на 26.01.2021 во Новости



Кога доаѓаат Samsung Galaxy S21 моделите во Македонија?

По глобалниот Unpacked настан, компанијата Samsung Electronics на локалниот виртуелен настан ги претстави најновите водечки модели - Galaxy S21, S21 + и S21 Ultra паметните телефони, како и Galaxy Buds Pro безжичните слушалки. Овој нстан обедини познати личности и претставници на медиумите од осум земји во регионот на кои работи Samsung, а меѓу првите што ги испробаа новите телефони беа, британската астронаутка Хелен Шарман, хрватската пејачка Франка Бателиќ и словенечката скијачка Илка Штухец. Новите Samsung уреди во Македонија ќе пристигнат на 29 јануари - Galaxy S21 (5G 8/128 GB) ќе биде достапен по препорачана малопродажна цена од 50.999 денари, додека препорачаната малопродажна цена за Galaxy S21 + (5G 8/128 GB) ќе биде 62.999 денари. Препорачаната малопродажна цена на најјакиот овогодишен модел, Galaxy S21 Ultra (5G 12/128 GB), ќе биде 74.999 денари, додека Galaxy Buds Pro ќе чини 14.099 дeнари. 

„Во текот на изминатата година, сите се уверивме колку технологијата зазема значајно место во нашите животи, а особено ми е драго што денес можеме да ги претставиме новите Samsung паметни телефони, кои со своите неверојатни перформанси и напредна технологија одговараат на сите секојдневни предизвици.“, изјави Павле Зобунџија, директор на одделот за мобилни комуникации во компанијата Samsung Electronics Adriatic, и додаде дека телефоните од Galaxy S21 серијата овозможуваат целосно ново искуство на светот околу нас, како уреди кои се подеднакво важни и за работење, забава и комуникација со семејството и пријателите, каде и да се наоѓаат. 

Galaxy S21 има нов, покомпактен дизајн, додека Galaxy S21+ на корисниците им нуди 6,7 инчен проширен екран и посилна батерија. Galaxy S21 ќе биде достапен во фантомска виолетова, сива, розова и бела боја во верзии од 128 GB и 256 GB и со 8 GB RAM меморија.  Galaxy S21+ ќе биде достапен во фантомска виолетова, сребрена и црна боја во верзии од 128 GB и 256 GB, заедно со 8 GB RAM меморија. Двата паметни телефони имаат врвни камери со бројни опции и карактеристики. 

Паметниот телефон Galaxy S21 Ultra има дизајн кој е истовремено елегантен и впечатлив. Galaxy S21 Ultra ќе биде достапен во две бои - фантомска црна и сребрена боја и е обложен со луксузен матиран завршен слој, заради што изгледа пософистицирано. За разлика од S21 и S21+ уредите, Galaxy S21 Ultra е достапен во верзија од 128 GB и со 12 GB RAM меморија. S21 Ultra поддржува и S Pen пенкало, што им овозможува на корисниците да цртаат, уредуваат фотографии, водат белешки и потпишуваат документи.  

Кристално јасниот звук и комуникацијата се многу важни за Samsung и сите негови корисници. Со 11 милиметарски вуфер со импресивна длабочина и 6,5 милиметарски звучник, Galaxy Buds Pro обезбедува побогат и поживописен звук со минимално мешање. Покрај тоа што имаат нов и пософистициран изглед, овие безжични слушалки се и водоотпорни и можат да траат до осум часа без полнење. 

До 28 јануари трае и специјалната промоција, според која сите корисници што ќе нарачат Galaxy S21 5G или S21+ 5G паметен телефон, како подарок ќе добијат Galaxy Buds Live безжични слушалки, односно Galaxy Buds Pro доколку се одлучат за Galaxy S21 Ultra 5G, а и двете понуди го вклучуваат и Galaxy Smart Tag уредот како подарок.

За повеќе информации посетете ги: https://www.samsung.com/mk/smartphones/galaxy-s21-5g/, https://www.samsung.com/mk/smartphones/galaxy-s21-ultra-5g/