Sony Xperia Pro доаѓа со солена цена од 2500 долари за content професионалци

Објавено на 27.01.2021 во Новости



Sony Xperia Pro доаѓа со солена цена од 2500 долари за content професионалци

Sony по речиси една година ја стартуваше продажбата на новиот атрактивен смартфон Sony Xperia Pro наменет за сниматели, фотографи и професионалци кои креираат визуелни медиа содржини, но неговата цена е досега невидена за ваков уред.

Sony Xperia Pro засега е достапен за преднарачка во САД и тоа по огромна сума од 2500 долари. Ако се гледа на него само како на смартфон таа цена е можеби превисока, но ако го гледате како парче опрема тогаш може навистина да биде корисен и да се исплати.

Sony Xperia Pro е замислен како придружен дел од сетапот на новата прилагодлива камера Sony Alpha која дава фантастични слики и видеа. Бидејќи веќе се снима во 4K и 8K за целиот материјал брзо да се префрли, потребна ви е експресна 5G брзина. Sony Xperia Pro се поврзува со камерата Sony Alpha, неговиот екран може да служи како монитор и preview и има USB Type C и microHDMI конектори.

Ако се поврзете преку FTP сервер огромните материјали многу брзо ќе може да ги испратите до вашиот клиент или уредник, за потоа истите брзо да се обработат за на сајт, каталог или други медиуми. 

Sony Xperia Pro само како смартфон нуди 6.5 инчен 4K HDR OLED дисплеј, работи со осум-јадрен Snapdragon 865 процесор, има четири mmWave 5G антени за 360 степени покриеност на сигналот и тројна главна камера со по 12 мегапиксели на задната страна.

Автор: Aleksandar Stankov