Заев се закани со забрана за Telegram ако не соработува за Јавна соба

Објавено на 28.01.2021 во Новости



Заев се закани со забрана за Telegram ако не соработува за Јавна соба

Премиерот Заев истакна дека може да дојде до забрана за употреба на мобилната апликација Telegram доколку не соработува за скандалот со групата Јавна соба во која се споделуваат експлицитни содржини од девојки, меѓу кои и малолетнички и потоа се вознемируваат истите.

„Испративме категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“ и нема да престанеме да инсистираме на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување. Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Македонија, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело“, објави Заев во статус на Фејсбук.

Заев додава дека целта на една ваква постапка не е цензура, туку заштита на граѓаните.

„ Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела. Се надевам дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека уште денес ќе одговорат на нашите бројни барања и ќе почнат да соработуваат“, пишува Заев.

Забраната за Telegram не е трајно решение на овој огромен проблем бидејќи постојат уште најмалку десетина апликации за заштитена комуникација каде може да се споделуваат иситите содржини доколку не се казнат сторителите.