Роаминг се укинува за земјите од Западен Балкан од 1 јули

Објавено на 04.05.2021 во Новости



Роаминг се укинува за земјите од Западен Балкан од 1 јули

Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ на 1 јули започнуваат со имплементација на договорот од Вториот дигитален самит од 2019 година, со кој што граѓаните добиваат поевтин роаминг за телефонските разговори, СМС пораки и користење на интернет.

„Од 1 јули ќе се укине роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, што значи дека на граѓаните, но и деловните субјекти од регионот ќе им остануваат повеќе пари во буџетот“, изјави генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу. 

Првата фаза од спроведувањето на договорот почна во 2019 година, кога цената на роамингот беше намалена за 80%, а втората фаза, т.е. целосното укинување на роамингот е најавена за 1 јули годинава. Европската унија побара укинување на роамингот во телекомуникациските тарифи за земјите од Западен Балкан, како форма на олеснување на комуникацијата на граѓаните.

„Граѓаните ќе имаат повеќе пари во џебот, оние што би се потрошиле доколку ги платат тие сметки во регионот поради тарифите за роаминг. Второ, мислам дека е важно да се нагласи дека не само што се зголеми бројот на луѓе кои користат Интернет, туку за време на пандемија сфативме дека се зголеми времето кое луѓето го поминуваат на Интернет, што исто така дава одредена тежина“, изјави Брегу, за Радио Слободна Европа.

Младите во регионот сметаат дека олеснувањето на роамингот е корисно за слободата на движење, а со оглед на тоа што пандемијата влијаеше на економскиот развој на земјите, Советот за регионална соработка проценува дека подобрата соработка меѓу нив може да доведе и до значителни заштеди.