Македонците од денес нема да плаќаат за роаминг

Објавено на 01.07.2021 во Новости



Македонците од денес нема да плаќаат за роаминг

Од денеска се укина роамингот за телефонски разговори, СМС пораки и интернет меѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Со тоа се заокружи примената на Договорот од Вториот дигитален самит од 2019 година меѓу шесте држави од Западен Балкан.

Првата фаза од спроведувањето на договорот почна во 2019 година, кога цената на роамингот беше намалена и за над 80 проценти, а од денеска стартува втората фаза и целосно укинување на роамингот.

Од Агенцијата за електронски комунукации (АЕК) за МИА изјавија дека се завршени сите чекори за разговори, пораки и пренос на податоци без тарифирање во роаминг.

Агенцијата за електронски комуникации донесе Одлука за утврдување на максималните цени на роаминг-услугите во јавни мобилни комуникациски мрежи на 25 јуни 2019 година. Со неа се предвидува значително намалување на малопродажните и големопродажните цени на роаминг услугите за корисниците на електронските комуникациски услугите во роаминг кои патуваат во петте земји на Западен Балкан – Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. Во меѓувреме, од 1 јули 2019 година заклучно со вчера, беше воведен преоден период во кој операторите за роаминг-услугите можеа да наплаќаат само одреден дополнителен надомест на националните електронски комуникациски малопродажни цени.

Државава има потпишано одделни меморандуми за намалување на цените на роаминг услугите и со Грција и со Бугарија, но тие не се стапени во сила.