Официјално Samsung Gear S и LG G Watch R - Смарт часовници за мерак

Објавено на 28.08.2014 во Смарт часовници



Официјално Samsung Gear S и LG G Watch R - Смарт часовници за мерак

Корејските гиганти и огромни конкуренти LG и Samsung директно се судрија и во ист ден ги промовираа новите смарт часовници Samsung Gear S и LG G Watch R кои изгледаат навистина прекрасно и повеќе потсетуваат на луксузни рачни часовници отколку на парче модерна технологија.
 
 
Samsung Gear S доаѓа со закривен екран со големина од 2 инчи и ја користи Super AMOLED технологијата што значи дека корисниците ќе имаат врвна слика со силно изразени бои, додека пак LG G Watch R го нуди првиот целосно кружен екран со големина од 1.3 инчи и Plastic OLED технологија при резолуција од 320 х 320 пиксели. 
 
 
Во оваа категорија Samsung Gear S има мала предност поради повисокиот степен на осветленост и приказ на бои, но LG G Watch R е многу поелегантен, изгледа полуксузно и секој би посакал да го носи на својата рака.
 
 
Samsung Gear S работи на оперативниот систем Tizen, што значи дека ќе има помал избор на апликации, но затоа пак може да се поврзе со било кој смартфон преку Bluetooth конекција, а има и независна Wi-Fi и 3G конекција за користење на интернет сервиси и примање на телефонски повици.
 
 
Од друга страна пак LG G Watch R работи на Android Wear платформата на Google која се очекува да добие огромен број на апликации благодарение на масовната Android заедница на девелопери и во оваа категорија ја добива битката, се додека Samsung не докаже дека во Tizen ќе се вложат повеќе напори и поголема подршка од девелоперите.
 
 
Во однос на дизајнот и функционалноста LG G Watch R освојува нови поени бидејќи е заштитен од вода и прашина со IP67 сертификатот, има ременче од нер`ѓосувачки челик и резерва со кожно ременче што изгледа одлично вклопено во целиот изглед, додека пак Samsung Gear S поради малата заобленост и флексибилност ќе биде многу удобен за носење на раката. Samsung Gear S исто така го исполнува IP67 сертификатот.
 
 
Хардверските компоненти се многу слични и двата часовника работат на Qualcomm Snapdragon процесор од 1.2 GHz, со 512 MB RAM, 4 GB вградена меморија, но LG G Watch R има поиздржлива батерија од 410 mAh, додека Samsung Gear S е ограничен на дводневна работа со батерија од 300 mAh. 
 
 
Останува уште само да биде откриени цената и датумот на пуштање на продажба на Samsung Gear S и LG G Watch R, па овие детали ќе бидат познати во текот на наредната недела кога ќе започне саемот IFA 2014 во Берлин.
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ