Ја тестиравме Патувај зелено во Скопје - Апликацијата е одлична

Објавено на 19.09.2014 во Android



Ја тестиравме Патувај зелено во Скопје - Апликацијата е одлична

Градот Скопје ја промовираше апликацијата Патувај зелено или Skopje Green Route која ќе им овозможи на граѓаните да го испланираат своето патувањe преку одредување на дестинацијата и приказ на потребното време за одење пеш, со велосипед, а се прикажуваат и цените за потрошено гориво доколку патувате со автомобил, додека пак ако одберете градски превоз ќе ви биде прикажана соодветна автобуска линија и информација кога е следниот автобус
 
 
Патувај зелено нуди и информации за велоспедските патеки во Скопје, како и приказ на локациите на кои може да изнајмите велосипед. Втората предност на апликацијата се информации за загадувањето на воздухот обезбедни од неколку мерни станици во Скопје, така што во реално време ќе знаете колкаво е количеството на штетни честички во воздухот.
 
 
За да ја активирате дестинацијата треба да вклучите GPS по што вашата локација автоматски ќе биде препознаена, а на мапата на Скопје со долго притискање на екранот на одредена точка до каде што сакате да стигнете ќе ја одредите рутата на патување.
 
 
Апликацијата Патувај зелено располага и со информации од Центарот за управување и контрола на сообраќајот и на мапата ќе бидат означени точките на кои се изведуваат работи на пат или има друг вид на застои.
 
 
Патувај зелено или Skopje Green Route може бесплатно да ја инсталирате за Android од Play Store. Во нејзината изработка учествуваа студенти од Факултетот за информатички науки од Скопје и е подржана од УНДП.