Македонскиот стартап H-Sense го креираше веб атласот FlagIT

Објавено на 10.12.2014 во Македонски апликации



Македонскиот стартап H-Sense го креираше веб атласот FlagIT

Колку пати досега ви притребале основни информации за некоја држава, или пак знаме на државата во одреден формат и големина? Колку часови сте потрошиле на Google пребарувајќи со цел да дојдете до точни информации и преглед кој содржи се на едно место? Дали некогаш сте посакале да си ги обновите знаењата и набрзина да пролистате некои основни факти за државите во светот, но сте се откажале после долгите пребарувања?

FlagIT  е нова софтверска алатка во форма на “web API” и е наменета за програмери и не-програмери, сите оние кои имаат потреба од информации за било која држава во светот, или пак за нејзиното знаме. Има свој Wizard кој го прави лесен за употреба за секој, како и API за програмерската фела.

За прв пат на едно место, FlagIT ги собира основните и најнови информации за државите, како име на држава, главен град, официјален јазик, ISO 2 и 3 код, популација, валута и код на валута; а истовремено и нуди .JPG верзија во неколку големини од знамето на секоја држава. За да биде попрактичен за програмерите, FlagIT генерира JSON низа која ги содржи овие основни информации и може да се искористи при кодирање. Исто така, на располагање е и целосноAPI со инструкции за користење.

FlagIT е креација на македонскиот стартап H-Sense, кој веќе добро го знаеме како организатор на програмерскиот маратон Codefest и креатор на Memorate, социјалната платформа за споделување спомени. FlagIT е алатка која, како што велат од H-Sense, е подарок за сите оние кои повеќе пати посакале да постоеше нешто вакво (како што тие тоа го посакале), брзо и едноставно со ефективни резултати, како и за сите програмери кои би му нашле примена на API-то. Алатката е целосно бесплатна за користење и достапна за сите.

Освен што ќе ви го олесни програмерскиот живот (ако сте програмер), FlagIT е добра причина и мотивација удобно да се сместите во фотелја некое зимско попладне и да си го обновите знаењето за светот на брз и лесен начин.