Три работи што Apple ги направи контра визијата на Стив Џобс

Објавено на 27.01.2015 во Новости



Три работи што Apple ги направи контра визијата на Стив Џобс

Додека беше на челната позиција на Apple Стив Џобс даде неколку прогнози поврзани со трендовите во мобилната индустрија целосно уверен во совршеноста на iPhone и останатите производи на кои не им требаа никакви промени. Сепак, мобилната индустрија доби одлични конкуренти кои се обидоа да се наметнат токму со контра понуда, па сосема очекувано е денес Apple да ги прекрши „заповедите“ на водачот.
 
 
Една од најчесто озборуваните теми од критичарите на Стив Џобс е поврзана со големината на iPhone која ја сметаше за совршена, но пазарот покажа дека корисниците сакаат поголеми телефони со екрани и над 5 инчи, без оглед дали совршено лежат во дланката. Затоа Apple мораше да ги лансира „огромните“ iPhone 6 и iPhone 6 Plus, но за оваа одлична одлука не веруваме дека Стив Џобс би им се лутел на вработените.
 
 
Како што ја започна револуцијата на скапоцениот iPhone и неговото неменување, Стив Џобс имаше ист однос и кон неговото последно чедо таблетот iPad. Според неговата философија таблетот никако не смее да има помал екран од 9.7 инчи бидејќи корисникот треба да има голема површина за работа со апликации, преглед на мултимедија и гејминг. Малите таблети според Џобс се непрактични, но тоа не траеше долго бидејќи Apple се одлучи и за помал iPad mini модел со 7.9 инчен дисплеј.
 
 
Тим Кук кој го замени Стив Џобс како извршен директор направи уште една значајна промена во неговата филозофија, а тоа е промена на „реалистичниот“ дизајн на оперативниот систем iOs. Стив Џобс сметаше дека иконите и елементите во менито треба да имаат природен изглед кој ќе потсетува на предмети од реалниот живот, што секако беше многу успешно, но по неколку верзии на iOs очигледна беше потребата од промени. Тоа беше постигнато со iOs 7 кој донесе еден нов подинамичен изглед со поефикасни и полесни анимации и 3D икони, со што стариот skeuomorph стил беше надминат.
 
 
Ова се трите најголеми промени во визијата на Стив Џобс кои ги примени Apple под водство на Тим Кук, а се најавува уште една која може да биде најпроблематична. Тие што користат iPhone уште од почетокот ја знаат легендарната изјава на Стив Џобс дека најдоброто функционално пенкало Stylus е всушност човековиот прст и нема никаква замена за попрецизна и посовршена контрола врз уредот. Сега се шпекулира дека Apple ќе користи Stylus за нов таблет iPad Pro кој ќе има 12 инчен дисплеј, но за овој план ќе треба да почекаме.
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ
Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: