Со ривалот на Facebook одите директно во рајот

Објавено на 07.07.2015 во Новости



Со ривалот на Facebook одите директно во рајот

Група евангелисти од Бразил ја креирале социјалната мрежа Facegloria, на која се забранети содржини што се спротивни на нивните верувања. Тоа значи дека се забранети навреди, геј содржина или било какви еротски слики и видеа. Новата социјална мрежа Facegloria досега собрала 100.000 членови, која наместо копче „Like“, аналогно на тоа, има копче „Amen“, кое значи дека се согласувате со постот објавен на нечиј профил. Страницата е достапна само на португалски јазик, за која се планира проширување на глобално ниво, на сите светски јазици и мобилна верзија.



„На Facebook може да видите многу насилство и порнографија. Затоа сакавме да направиме мрежа на која може да се разговара за Бог, љубовта и ширењето на неговите зборови“, рекол дизајнерот на оваа социјална мрежа, Атила Барос.

Со самото тоа што името е слично како на гигантот Facebook, очигледно е дека Facegloria сака да му стане главна конкуренција на Facebook, а потоа и на Twitter, насекаде во светот. Мора да признаеме, ова е амбициозен проект, само не сме сигурни дали луѓето повеќе преферираат да кликаат „Amen“ или „Like“. А тоа дали ќе одите во рајот со новата социјална мрежа или не, оставаме сами да видите во некое идно време.