iPhone XS Max е продолжување на визијата на Apple

Објавено на 23.10.2018 во Рецензија


iPhone XS Max е продолжување на визијата на Apple

Оцени

usability
10.0


Перформанси
10.0


Цена
9.0


Камера
9.9


резултат
9.7


Наши забелешки

Positives:

- Подобрена заштита од вода и прашина;
- Најбрза и најпрецизна Face ID технологија;
- Рекордно висока touch-input фреквенција од 120Hz;
- Dolby Vision и HDR10 технологија за чиста слика;
- 3D touch технологија;
- Најмоќниот A12 Bionic процесор;
- Камера со Smart HDR режим;
- Супер ефикасна камера;
- Енергетска ефикасност на батеријата и брзо полнење;

 

Negatives:

- Нема значително подобрен интерфејс и софтвер;



Целата рецензија

Apple вели дека iPhone X беше визијата за иднината на мобилната технологија, а iPhone XS серијата сега е продолжување со истата визија со подобрени спецификации. Apple порано беше познат по едноставните имиња, но iPhone XS Max е доказ дека и најдобриот понекогаш знае и да одлута. Многумина се согласуваат дека ова не е добро име за iPhone - XS Max, кој доколку би се нарекувал XL, тоа би било попромислено. Apple го претстави класичниот 5,8-инчен iPhone XS, и 6,5-инчениот iPhone XS Max. Apple годинава одлучи да го покрие и пазарот со евтини телефони, кој традиционално го опфаќаше Android. Ајде да видиме подетално што ни носи iPhone XS Max.

Дизајн

Ако мислите дека iPhone XS Max е преголем, грешите, тој е со идентична големина како iPhone 7 и 8 Plus, само што сега екранот е поголем. iPhone XS Max доаѓа во сребрена, вселенско сива и златна боја на тело. Квалитетно е изработен дизајнот, а кога го држите во рака е многу удобен, без оглед на неговата стаклена површина. Благодарение на нормалниот раб, односно челичната рамка, во комбинација со рамната површина на екранот и задната страна, уредот не се лизга и удобен е за манипулација.Има Gorilla Glass 6 заштитен слој на стаклото, изработен специјално за Apple.

iPhone XS Max се разликува од претходниците со подобрената заштита од вода и прашина, кој располага со IP68 сертификат. Новиот iPhone може да преживее до 30 минути под вода најмногу до длабочина од 2 метра, додека вредноста кај iPhone X беше само 1 метар. Позади се наоѓа двојната камера со логото на Apple, а на врвот на екранот е предната камера и Face ID системот за препознавање на лице.

Ова е најпрецизниот и најбрзиот систем за отклучување на уредот преку препознавање на сопственикот. Face ID, минатата година го замени Touch ID, кој е своевиден нов тип на безбедност за iPhone. PayPal апликацијата веќе доби поддршка и за идентификација преку препознавање на лицето.

Дисплеј 

iPhone XS и XS Max доаѓаат со AMOLED екрани, додека ценовно прифатливиот iPhone XR останува на IPS екран. Главниот снабдувач на Apple е повторно Samsung, еден од пионерите на OLED технологијата. Факт е дека iPhone XS Max го има еден од најдобрите екрани на пазарот, што го потврдува и DisplayMate, еден од најголемите авторитет кога станува збор за техничко испитување на квалитетот на екранот.

Екранот на iPhone XS Max во дијагонала изнесува 6.5 инчи, со резолуција од 2688 x 1242 пиксели, што резултира со густина на пиксели од 458ppi. Тука имаме и 120Hz touch-input, кој многумина после официјалното претставување го заменија со фреквенцијата за освежување на екранот, но тоа сепак не е случајот таков. 120Hz touch-input конкретно значи дека екранот има двојно поголема фреквенција за следење на допирот на прстот од останатите уреди, кои по правило имаат 60Hz, што му овозможува побрза реакција.

Тоа најмногу може да го почувствуваат гејмерите. Екранот на iPhone XS Max е посебен затоа што има поддршка за Dolby Vision и HDR10 стандард, технологија што ги користи сервисите како што се Netflix за приказ на видео содржини. Но, ако филмовите ги гледавте на уред што нема поддршка за Dolby Vision, нема да може да уживате во брилијантноста на боите.

Хардвер

Huawei прв го претстави 7-нанометарскиот процес, кој Apple сега го лансираше во новиот iPhone. A12 Bionic е официјалното име на процесорот на iPhone XS Max, кој во комбинација со 4GB RAM меморија дава одлични резултати во брзината. Основниот модел доаѓа со 64GB внатрешна меморија, а може да додадете и пари ако сакате повисока меморија од 128GB. A12 Bionic е рамо до рамо со процесорот на Huawei Kirin 980, кој додека не се тестира со моќниот Mate 20 Pro, не би можеле да ги споредиме. 

Чипсетот се состои од шест јадра, каде четири се задолжени за помалите, а дополнителните две од по 2,49GHz Vortex јадра се за потешки процеси, и се вклучуваат по потреба. Тука го имаме и новиот 8-јадрен NPU, задолжен за AI задачи, како и ISP (Imaging Signal Processor), кој ја подобрува новата камера во голема мера. 4GB LPDDR4X RAM-от има видлив напредок во споредба со ланскиот iPhone X, кој имаше 3GB. 

Софтвер

Новиот iPhone секогаш доаѓа со новата верзија на iOS, овој пат со 12 верзија. Конкретно оваа верзија не носи значителни промени во дизајнот на интерфејсот, туку во перформансите, што ги вклучува и постарите модели на iPhone.

Се уште е присутен класичниот iOS интерфејс без изборник на апликации, кој полека станува се повеќе популарен и на Android, затоа што полесно се доаѓа до апликациите. Правилото за поедноставно ракување се повеќе станува закон за девелоперите. Центарот за известувања сега е групиран, што ја олеснува манипулацијата внатре во самото известување на центарот.

Подобрен е „Do Not Disturb“ режимот за кога спиете да не ве будат известувањата, со тоа што само се појавуваат во центарот за известувања, а истовремено се намалува и светлината на екранот. Наутро се се враќа во нормала и вашите известувања си стојат на место. Тука е се уште пристугна и 3D touch технологијата, со која може да вклучите режим со помала тастатура, со цел да можете да типкате само со една рака.

Apple обезбедил виртуелна home типка, која се појавува во облик на мала дамка на дното на екранот. Со силен 3D touch притисок доаѓате до почетниот екран, што значи дека ја има истата функција како притисокот на физичкото home копче на постарите iPhone модели. 

Камера

После трката во мегапикселите, отворот на блендата и различните методи за фокусирање, производителите сфатија дека следниот важен чекор за зголемување на квалитетот на фотографиите, е физичкото зголемување на сензорите. Led во првата половина од годината го проби Huawei со својот P20 Pro модел, а сега истата или слична филозофија ја применуваат и останатите, па така ни Apple не е исклучок. Главниот сензор од 12 мегапиксели е зголемен во однос на минатогодишниот, од 1/3 на 1/2.5 инчи, поради што сега пикселот мери по 1,4µm, што е повеќе во споредба со 1,22µm кај iPhone X. Отворот на блендата е номинално истиот, односно f/1.8. Телефото камерата го задржа сензорот со иста големина и отворот на блендата, а го донесува и целосно истото оптичко зголемување од 2X. Напоменуваме дека двете камери се оптички стабилизирани.

Една од најважните новости кај оваа камера е Smart HDR режимот, со кој уредот во автоматските поставки сам ќе процени дали HDR опцијата во одреден момент е потребна или не, што зналително ќе го скрати времето за ваша проценка на ситуацијата и евентуалното активирање на режимот. Резултатот ќе бидат фотографии со видливо поголем динамички распон, што овозможува фотографирање на јасни и општо поквалитетни фотографии во услови со голем контраст на светло. Камерата на iPhone XS Max снима повеќе фотографии со различни експозиции, со што на крај ги соединува во една фотографија, користејќи ги најдобрите делови од секоја од нив. Се разбира, за ова е заслужен и новиот ISP (Image Signal Processing), како и NPU (невралниот процесор), со што се користат сите предности на вештачката интелигенција.

Селфи камерата е иста како кај iPhone X, со 7MP и отвор на бленда од f/2.2. Благодарение на новот ISP, сега можете да снимате со резолуција од 1080p и 60fps видео.

Батерија

Зголемувањето на димензиите ја зголемија и батеријата, која сега доаѓа со капацитет од 3.174mAh. Можеби ви се чини малку, но автономијата на овој уред може да се категоризира како натпросечна, која за најзахтевните корисници ќе издржи цел ден, односно од утро до вечер. Apple тврди дека батеријата на iPhone XS Max ќе издржи до 90 минути подолго од iPhone X.

Од искуство е пресметано дека за гледање на три епизоди од серијата „Пријатели“ на Netflix, околу 60 минути, се трошат околу 15% од батеријата, што е одличен резултат. iPhone XS Max се полни за 15 минути до 30% од капацитетот. ДО 50% се полни за 30 минути, после еден час со брзо полнење до 75%, а кога ќе стигне до 80%, полнењето се забавува. За последните 25% му е потребен уште еден час, што значи вкупно му е потребно 2 часа за полнење до 100%. 

Заклучок

iPhone XS Max е еден од најдобрите смартфони на денешницата, кој располага со одличен екран, хардвер, софтвер, па се до камерата и вградената вештачка интелигенција во секој сегмент на уредот. Вештачката интелигенција е тоа што го прави смартфонот врвен, а тоа по што најмногу се разликува од конкуренцијата е неговата цена. Доаѓа со само 64GB меморија за лични податоци, а чини неверојатни 1.099 долари за верзијата со 64GB, 1.249 долари за 256GB или 1.449 долари за 512GB. Тоа е цената што мора да ја платите ако сакате да го имате еден од најдобрите уреди. 

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар


За авторот

Александар Младеновски
Author Image
Дипломиран новинар, истражувач со познавања во повеќе области, практикува јога, сака да ги инспирира луѓето и да поттикне промени.



 
Најнови телефони
 
  • Watch Edition Series 3
  • Watch Series 3
  • Watch Series 3 Aluminum
  • Watch Edition Series 2 42mm
  • Watch Series 2 42mm
  • Watch Edition Series 2 38mm
  • Watch Series 2 38mm
  • Watch Series 2 Aluminum 42mm
  • Watch Series 1 Aluminum 42mm
  • Watch Series 2 Aluminum 38mm