Sony Xperia XZ2 Compact - Компактен во ера на огромните

Објавено на 14.04.2019 во Рецензија


Sony Xperia XZ2 Compact - Компактен во ера на огромните

Оцени

usability
9.0


Перформанси
8.7


Цена
8.5


Камера
8.7


резултат
8.7


Наши забелешки

Positives:

 

- Моќен хардвер

- Компактен и прегледн дисплеј

- Напредна камера

 

Negatives:

 

- Не е дел од трендот



Целата рецензија

Sony Mobile повеќе години упорно се држеше до својата формула на лансирање на компактни верзии на премиум моделите кои имаат нешто помали екрани, но идентичен изглед и исти компоненти без да направи некакви компромиси во хардверот. Оваа шема веќе е надмината со примената на целосниот дисплеј со минимална рамка, па така и огромните смартфони со екрани од над 6 инчи станаа „компактни“. Сепак, тоа не значи дека Compact смартфоните на Sony се помалку добри или дека не се употребливи. Затоа решивме да фрлиме поглед наназад кон смартфонот Sony Xperia XZ2 Compact, особено сега во ерата на Full екраните, па да видиме како се споредува со модерната конкуренција.

Дизајн

Sony Xperia XZ2 Compact кој беше лансиран кон средината на минатата година за кратко го пропушти почетокот на новиот тренд на Full смартфони и затоа иако е релативно нов изгледа како да е ретро модел со застарена шема на дизајнот. Секако, и кај Sony постоеше одреден степен на конзервативност во визуелниот изглед кој не се менуваше премногу низ годините, а во таа шема се вклопува и Sony Xperia XZ2 Compact кој многу наликува на неговите претходници со правоаголниот изглед, засилените надворешни работи и нешто поголема рамка под дисплејот во која се вметнати функционалните копчиња за интерфејсот, како и внатрешни компоненти. Така предната површина на Sony Xperia XZ2 Compact не е идеално искористена, иако странично рамката е многу тенка, што пак повеќе придонесува за компактноста и ергономијата на Sony Xperia XZ2 Compact. Уредот е доста дебел со 12,1 милиметри што е рецидив од претходните дизајни на Sony Mobile, но затоа пак имаме смартфон кој е многу цврсто изработен со квалитетна алуминиумска рамка и пластика на задната страна. Sony Xperia XZ2 Compact има убав изглед со избор на црна, бело-сребрена, зелена и розева боја на маската. 

Дисплеј

Sony Xperia XZ2 Compact го оправдува своето има со големина на екранот од само 5 инчи, избор кој денес е речиси невозжно да се најде бидејќи сите нови смартфони имаат големина од дури над 6 инчи. Sony Xperia XZ2 Compact располага со одлична технологија на дисплејот со Triluminos и X-Reality Engine, има поддршка за HDR, a заштитен е со Corning Gorilla Glass 5 што ќе спречи гребнатинки на стаклото. Исто така Sony Xperia XZ2 Compact може да се пофали со импресивна густина на сликата од 483 ppi, што е резултат на одличната 2K HD резолуција од 1080 x 2160 пиксели распоредена на помалата површина од 5 инчи. Овој смартфон е идеален за преглед на HD видеа, како и на мултимедијални игри, а ќе немате проблем ниту со внес на податоци или прегледност на отворено под директна сончева светлина.

Перформанси

Sony Xperia XZ2 Compact не заостанува зад премиум моделите со одлично склопен хардвер предводен од моќниот осум-јадрен Snapdragon 845 процесор составен од  Kryo 385 Gold јадра со работен потенцијал од импресивни 2.7 GHz и помошни четири Kryo 385 Silver јадра со такт од 1.7 GHz. Sony Xperia XZ2 Compact поседува и 4 GB RAM за непречен мултитаскинг, како и сосема доволно основна вградена меморија од 64 GB. Со ваков сетап на хардверот Sony Xperia XZ2 Compact сосема брзо и без никакви заостанувања ги извршува сите задачи, има брзи транзиции и респонзивно отвора апликации. Батеријата на Xperia XZ2 Compact е нешто под воспоставената граница и изнесува 2870 mAh, но тоа и не е така страшно бидејќи дисплејот не е преголем па така нема ни трошење на премногу ресурси. Добар адут е и можноста за брзо полнење на батеријата преку Quick Charge 3.0 технологијата со моќност од 18W. Скенерот за отпечатоци кој е брз и прецизен е сместен на задната страна.

Камера

Како што кажавме Sony Xperia XZ2 Compact пристигне кратко пред новите трендови меѓу кои и камерите со повеќе сензори. Секако и Sony секогаш стоел на ставот дека вистинска иновација не е во квантитетот туку во квалитетот на сензорот за процесирање на сликите направени со камерата, а не во мегапикселите или бројот на камери. Sony Xperia XZ2 Compact располага со единечна главна камера 19 мегапиксели, леќа со ширина од f/2.0, и 25mm, 1/2.3 инчи, како и 1.22µm на пиксел, а има предвидлив PDAF и ласерски AF. Вистинскиот потенцијал на оваа камера се гледа во можноста за снимање и на видеа со највисока резолуција од 2160p при 30fps, како и на супер забавени видеа со 960fps при резолуција од 1080p. Камерата исто така има поддршка за HDR, панорама и LED блиц. Селфи камерата не изостанува со квалитетот нудејќи сензор од 5 мегапиксели, со f/2.2 леќа широка 23mm и 1/5 инчи големина на пиксели, додека пак може да снима при 1080p резолуција со 30 фрејма во секунда.

Заклучок

Sony Xperia XZ2 Compact ги исполнува сите критеруми за совршен компактен смартфон, има дисплеј со врвна технологија и одлична прегледност, многу моќен хардвер во кој нема направено никакви компромиси или скратувања, располага со модерни технологии како брзо полнење на батеријата и снимање во ултра забавена снимка, а има и USB Type C конектор за брз пренос на податоци како и NFC чип за поврзување и безжични мобилни плаќања. Sony Xperia XZ2 Compact беше лансиран со цена од околу 450 евра, а сега речиси една година подоцна сигурно може да се најде и за помала сума. Sony Xperia XZ2 Compact делува како смартфон од минатото бидејќи за нијанса ја пропушти новата ера иако нема намера да биде конкурент или пандан на сегашните видови на смартфони, туку посебен модел за тие кои сакаат помал уред со големина на екранот од 5 инчи. Што мислите вие за Sony Xperia XZ2 Compact, како тој денес би го оцениле?

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар


За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар



 
Најнови телефони
 
  • Watch Edition Series 3
  • Watch Series 3
  • Watch Series 3 Aluminum
  • Watch Edition Series 2 42mm
  • Watch Series 2 42mm
  • Watch Edition Series 2 38mm
  • Watch Series 2 38mm
  • Watch Series 2 Aluminum 42mm
  • Watch Series 1 Aluminum 42mm
  • Watch Series 2 Aluminum 38mm