Google Nexus 7 vs Apple iPad 3

Објавено на 27.07.2012 во Рецензија



Google Nexus 7 vs Apple iPad 3

Вовед

Уште од неговиот старт, iPad 3 долго време остана на врвот од таблет универзумот без некоја посериозна конкуренција.

Не дека претходно, немаше таблети со Android кои му станаа закана на iPad 3 (на пример, Motorola XOOM, Samsung Galaxy Tab или Asus Transformer Prime), но и покрај нивните силни перформанси iPad 3 остана на сцена.

Епа народе, овој пат големи се изгледите тоа да се смени со доаѓањето на Google Nexus 7.



Дизајн

200 долари, колку што чини Google Nexus 7, е цена против која е невозможно да се борите. Добро сега, кога сме кај дизајнот, колку пари-толку музика. Високата цена кај iPad е токму поради квалитетните материјали од кои е направен. Но, не е за потценување ниту цврстата пластика кај Nexus.

Од друга страна пак, Google Nexus 7 е поудобен за држење, копчињата ви се подостапни за притискање, додека тастатурата кај iPad 3 е малку подолгнавеста и ќе треба да вложите поголем напор.

Големината се покажува како позитивен фактор и при ракувањето со копчињата. Па така, Копчињата кај iPad 3 полесно се притискаат и подобро реагираат, додека кај Nexus истите не реагираат баш најдобро и се поситни.

Што се однесува до остатокот, приказната е таа. И двата таблети имаат 3,5 аудио приклучоци, звучници од позади, микрофони и приклучоци за полнач/кабел за пренос на податоци.

Дисплеј

Визуелно гледно, и двата таблети доаѓаат со убави и јасни дисплеи, сепак, надалеку познатиот Retina дисплеј го става iPad 3 во голема предност. Како прво, тука е резолуцијата од 9,7 инча во предност на iPad 3 што дава резолуција од 2048 x 1536 пиксели – додека Nexus има 7 инчен IPS дисплеј со резолуција од 1280 x 800 пиксели – двојно помалку.



Така што кога ги гледате и двата паралелно, и двата изгледаат фантастично – со јасни бои и остри детали. Но, разликата се забележува кога ќе зголемите. Тука јасно се гледа што значи Retina дисплеј.

Интерфејс и функционалност

Интерфејсот е терен каде Nexus 7 стапува во игра со својот Android 4.1 Jelly Bean кој, како најнова верзија на Android, ги носи најновите закрпи и визуелни подобрувања и милион мали комплексни, но функционални особини – наспроти едноставниот, но јасен дизајн на iOS.


Интерфејс на Google Nexus 7

Зависи кој што го интересира, бидејќи на крајот и двете платформи одлично го искористуваат хардверот и софтверот кој им стои на располагање – значи се работи за желба на корисниците.


Интерфејс на iPad 3

Но, центарот за известувања, на пример, кај Android 4.1 е една од работите кои ги нема кај iOS. Особено, поради најновите опции, покрај тековните известувања, да можете многу работи во таблетот да контролите преку ова место.

Процесор и меморија

Без разлика кој уред со каков процесор доаѓа, и двата уреди ги извршуваат задачите екстремно брзо без речиси никакво доцнење. Инаку, чисто информативно, iPad 3 користи дво-јадрен Apple A5x процесор, додека Nexus 7 работи на чеитири-јадрениот NVIDIA Tegra 3 процесор.

Единствена разлика во перформансите, што на некои може да им смени, е меморијата. Ако сте многу по филмовите и музиката, може да посегнете по iPad бидејќи доаѓа во варијанти со меморија од 16GB, 32GB и 64GB, наспроти 8GB и 16GB кај Nexus 7. A, како за беља, и кај двата таблети не е можно проширување на меморијата.

Интернет

Сега кога веќе Adobe Flash не е поддржан за Jelly Bean, се намалуваат опциите за Android. Инаку, и Safari кај iPad и Chrome кај Nexus 7 нудат одлична брзина и опции при сурфање.


Интернет на Nexus 7

Но,  може да се забележи извесно доцнење кај Google Nexus 7 кога се работи за обработка на зголемена слика или текст, инаку нема некои други недостатоци.


Интернет на iPad 3

Камера

Досега неколку пати сме споменале дека според некои луѓе задната камера е непотребно нешто кај таблетите – токму и недостатокот на истата ја држи цената ниска кај Nexus 7. Ваквите луѓе се водат според филозофијата дека доколку дојде ред вие да сликате нешто тоа ќе го направите со мобилниот.

Но, за други пак ова е голем недостаток, бидејќи независно што задната камера кај iPad 3 не е нешто посебно, сепак постои и може да ви се најде. Претпоставувам дека ова ќе биде вечна дискусија помеѓу корисниците, па затоа ќе оставиме секој да си одлучи за себе.

Мултимедија

Кога се работи за слушањето музика, нема некој огромна разлика помеѓу двата плеери кај Android и iOS. Ова го мислиме повеќе на хадрверско ниво, при што и двата таблети „опукани до даска“ даваат пријатни и не грчевити тонови.

Разликата настанува малку во софтверот. На пример, кај Android e убаво тоа што песните или албумите се распоредени како 3D сликички, па се поинтересни при разгледување. Исто така, и двата системи нудат еквалајзери со разни опции, но додека кај Android тие се достапни за модификација во самиот аудио плеер, кај iOS додека дојдете до нив треба да одите низ главните опции, па таму да ги барате – што до некаде е минус.

Но, iPad предничи кога се работи за гледање филмови и видеа. Неговиот Retina дисплеј дефинитивно е без конкуренција за оваа страна од мултимедијата.

Заклучок

Навистина е тешко, ако не и невозможно, да се дојде до победник или губитник кога се работи за двата најдобри таблети на денешницава – барем во моментов. Така што останува на личен избор на корисниците.

Но, една работа која може да влијае кој од овие два таблети да го купите е цената – Nexus 7 е достапен за 200, iPad 3 за 500 долари – не е баш мала разликата, но до некаде оправдана.

За 500 долари, со iPad 3 добивате врвен квалитет во дизајнот, врвна технологија и неверојатен Retina дисплеј. Од друга страна пак, за 200-те долари на Nexus 7 ја добивате најновата верзија на „зеленото роботче“ - Android 4.1 Jelly Bean, која носи еден тон подобрувања.

Значи ако не сте многу при пари, а сакате нешто „ситно, ама динамитно“ тогаш вашиот избор е Nexus 7, додека ако сте решени малку да го одврзете џебот и да добите врвен квалитет, тогаш iPad 3 е ваш.

Кој таблет би го избрале вие? Пишете ни тука.

Владимир Ѓуров