iPhone 5 – најочекуваниот смартфон за 2012 година

Објавено на 24.09.2012 во Рецензија



iPhone 5 – најочекуваниот смартфон за 2012 година

Конечно пристигна iPhone - телефонот кој светот со нетрпение го очекуваше уште минатата година – телефон со поголем екран и 4G LTE технологија.

Наместо нов се појави, мала промена во името и поголеми во софтверот iPhone 4S. Корисниците беа и повеќе од задоволни, но си велеа, штом мала надградба носи толку новини, кој знае што ќе  донесе 5-та? Ајде да видиме што носи.



Што  е ново?!

Најголеми и звучни промени се поддршката за 4G LTE и поголемиот, иако не огромен, дисплеј и iOS 6. Тоа не е сè: тука е добрата камера која веќе ја видовме кај претходниот модел, попаметен Siri, нов звучник и трет микрофон, како и Passbook, дигитален паричник за чување документи како билети, пропусници и други дигитални форми.

Но, да почнеме со ред.



Дизајн

Како прво, ќе ве изненади колку е лесен телефонот. Тој е најтенкиот iPhone досега, иако е подолг и има поголем екран. Во однос на формата, нема потреба ништо да се кажува – телефон ја „тера“ истата препознатлива форма уште од самиот почеток пред 5 години.



iPhone 5 е направен речиси целосно од метал, горе-долу како претходниот модел, а истото се однесува и на распоредот на копчиња: ги има истите метални копчиња за звук, копчето за заспивање/будење на врвот и копчето за моментално намалување на звукот си останува, а сега и влезот за слушалки се преселил на врвот, како кај iPod Touch.



Дисплеј и интерфејс

iPhone 5 конечно го протегнал 3,5 инчниот дисплеј, кој се провлекуваше 5 години, но во должина, не и ширина. Сега 4 инчниот дисплеј има резолуција од 1136 x 640 пиксели (се разбира Retina Display со густина од 326ppi), наспроти 960 x 640 пиксели кај претходните модели.

Интерфејсот е ист како и секогаш: четири апликации на дното и другите распоредени во мрежа која сега, поради подолгиот екран, има четири наместо три реда – горе-долу тоа е најголемата иновативност кај интерфејсот.



iOS 6

Новата верзија на оперативниот систем на Apple носи многу подобрувања и особини, – целосната листа овде, но тука ќе споменеме само дел од нив.

Како прво надграден е гласовниот сервис Siri: одговара многу побрзо и попрецизно, благодарение на поддршката за LTE мрежи, а сега е вграден и во некои апликации како новата апликација Maps.



Кога сме веќе кај оваа апликација, иако едвај пуштена во јавност, беше мета на сериозни критики (http://telefoni.mk/news-3315-Mapite-na-iPhone-5-ne-gi-biva.html), бидејќи ниту оддалеку не ги исполнува особините што ги нудеше Google Street View, иако и оваа апликација не е целосно излезена од игра.

Инаку, накратко, други новини се алатка за одложување на повици (Do Not Disturb calls), Facebook интеграција, редизајнирани App и iTunes Stores, подобра интеграција на iCloud за пуштање музика преку iTunes Match и Photo Stream, итн.

Во однос на тоа како апликациите го користат подолгиот екран, ќе ја споменеме iOS 6 Mail апликацијата која нуди една линија повеќе текст, значи 6 и пол пораки истовремено на екранот, наспроти три кај iPhone 4 and 4S. Истото и кај Потсетникот, кој сега нуди приказ на дури 8 линии, наспроти петте кај претходните модели.



Следниве апликации се проверени дека го искористуваат дополнителниот простор кај екранот: iMovie, iPhoto, Pages, Numbers, Keynote, GarageBand, iCards, and all of the iPhone 5's built-in apps (Maps, Reminders, Messages, Photos, Camera, Videos, Weather, Passbook, Notes, Stocks, Newsstand, iTunes, the App Store, Game Center, Contacts, Calculator, Compass, Voice Memos, Mail, Safari, Music и, се разбира, Phone).



Мултимедија

Тука најмногу „живна“ видео плеерот кој нуди појасна слика, благодарение на новиот 16:9 однос на екранот, така што едно HD видео свршено го зафаќа целиот екран, а без проблеми се пуштаат и YouTube видеата.



Поврзување

Иако најголем адут за фалење тука е 4G LTE технологијата, сепак кај нас тоа во моментов не значи ништо бидејќи сè уште немаме реализација на 4G LTE мрежа.

Првите корисници кои го испробале новиот iPhone 5 во САД велат дека речиси и да не се забележува разлика помеѓу сурфање на 4G LTE мрежа и Wi-Fi, што ни говори за квалитетот и брзината на мрежата.

Инаку, во однос на безжичната мрежа, таа доживеа мали подобрувања, најмногу во однос на фреквенцијата која овозможува да нема мешање помеѓу повеќе уреди кои користат безжична мрежа, но во брзината нема промени.



Камера

Во основа се работи за истата камера од претходниот модел, но со извесни подобрувања. Како прво сега има нови леќи, подобрена хардверски особини како прилагодување на ниска осветленост, стабилизација на слика при снимање на видеа и правење слики и можност за правење слики додека се снима видео.

Во однос на квалитетот, сликите се сега далеку подобри и појасни. Особено треба да се пофалат сликите направени при ниска осветленост, но и оние во услови на преголема, директна светлина.

Исто така, треба да се нагласи и новиот panorama режим. Овој режим е дел од новиот iOS 6, а ќе може да го добијат и сопствениците на iPhone 4S. Целата магија на овој режим е што ви нуди слика со ширина од 360 степени, која ја правите со бавно движење во на телефонот додека снимате во хоризонтална положба – самата апликација ве води низ процесор.

Еве како изгледа едно видео со камерата:



Подобар A6 процесор

Во последниве три години, Apple претставува нова генерација на процесор со секој нов iPhonе - iPhone 4 имашеA4, iPhone 4S го носи дво-јадрениот A5, а сега iPhone 5 има нов A6 процесор со двојно повеќе RAM од 4S, 1GB наспроти 512MB.



A6 процесорот е специфично прилагоден за iPhone, како и секој претходен модел, а овој пат тоа значи двојно поголема брзина од A5 кај iPhone 4, како и двојна заштеда на батерија.

Батерија

Еве одговор на она што сите ги интересира: со поголемиот екран и 4G LTE технологијата, колку време може да издржи батеријата? LTE знае да троши многу батерија, но iPhone 5 има добра издржливост.

Apple ветува 8 часа разговор во 3G , 8 часа пребарување на интернет во 3G, 8 часа пребарување на интернет во LTE, 10 часа пребарување на интернет преку Wi-Fi, 10 часа гледање видеа, 40 часа слушање музика и 225 часа време на мирување.



Заклучок

Првите реакции за новото чедо на Apple, беа измешани. На некои им се допадна, за некои беше тотално промашување (а голем е нивниот број), а Apple си стекна нови, но и изгуби дел од старите љубители.

Разочарувањето е делумно поради фактот што корисниците обично сакаат малку поголеми промени, кои искрено и не ги нуди баш, од типот на FaceTime кај iPhone 4, или апликацијата Maps кај првиот iPhone...па дури и Siri кај iPhone 4S.

Наспроти тоа, токму најновата Maps доживеа огромно фијаско, а изговорот  поради кој Apple само малку го продолжи, не и прошири, дисплејот е дека сега имате простор за уште еден ред апликации на екранот, резултираше со безброј анти-реклами и вицеви на сметка на Apple.

Сепак, има и многу промени. Повеќе или помалку, речиси и да нема дел од новиот iPhone што не е редизајниран, одново напишан и изменет од корен. Со други зборови, корисниците лани изјавија дека новиот iPhone (тогаш iPhone 4S) e одличен, само му фали поголем екран и 4G LTE – епа сега и тоа дојде. Но, дали тоа е доволно да преминете на новиот iPhone 5?

Епа, корисниците и експертите се поделени и сметаат дека ако имате iPhone 4 тогаш може да размислите за премин на новиот модел, но ако имате iPhone 4S, размислете дали само поради новиот дисплеј и 4G LTE технологијата (која сè уште ја нема кај нас) вреди да се џитнат толку пари за новиот модел – плус секако бесплатно го добивате iOS 6 и сите новини кои ги нуди тој.

iPhone 5 во САД ќе доаѓа во црна и бела варијанта и ќе започне со цени, во договор нормално, од 200 долари за верзијата со 16GB меморија, 300 за 32GB и 400 за 64GB.

Владимир Ѓуров




Прочитајте повеќе: