Sony Xperia miro - oдлична камера и ICS

Објавено на 15.10.2012 во Рецензија



Sony Xperia miro - oдлична камера и ICS

Ако сте млад и социјално активен човек кој сака пристоен смартфон, ама не ви се фрлаат баш многу пари Sony Xperia miro е телефонче за вас.

Се работи за телефон од ниска класа со 3,5 инчен дисплеј, камера од 5 мегапиксели и Android 4.0 ICS – веќе ќе помислите победничка комбинација за тие пари.

Ајде да видиме колку е тоа навистина така:

Во кутијата

Како и по обичај, освен телефонот, во кутијата добивате ѕиден полнач, microUSB кабелче, заштитник за екранот и упатство – нема слушалки, ниту мемориска картичка.

Дизајн

Во формата нема изненадување – Sony не отстапува од таа препознатлива форма со која „тера“ толку време. Дури, ако не беше металната маска под копчињата напред телефонот буквално ќе беше ист како и другите членови од семејството (еднаш Samsung вака ја затупија со дизајнот). Од друга страна пак, монотонијата на дизајнот ја разбива изборот на повеќе бои, меѓу кои и снежно бела.



Во поглед на распоредот на копчињата, трите копчиња на допир под екранот се добро распоредени и не премногу чувствителни. Ќе беше добро копчето за заклучување, на врвот, и копчињата за звукот да не беа толку мали.

Интересна финта е тоа што над екранот се наоѓа ламбичка која светка во случај на пропуштен повик, емаил или Facebook порака или кога батеријата е празна.

Дисплеј

Со резолуција од 320 х 480 пиксели и густина на екран од 165ppi, 3,5 инчниот дисплеј не личи многу убаво. Вистински предизвик ќе биде да се обидете да прочитате мал текст – затоа кога ќе сурфате често ќе треба да сурфате.

Но, мора да споменеме дека аглите на гледање кај телефонов се одлични, како и одбивањето на сончева светлина.



Интерфејс и функционалност

Браво за Sony што го лансирале Xperia miro со Android 4.0 Ice Cream Sandwich без потреба да чекаме надградба.

Телефонот доаѓа со Timescape интерфејс кој е претежно наклонет кон социјалните мрежи. Тоа објаснува зошто на основниот екран ќе најдете Facebook и Twitter видгети (а достапни се и видгети за Gmail, Foursquare, LinkedIn), а пораките се дури хронолошки подредени.

На располагање имате 5 основни екрани кои може да ги украсите со големиот избор на видгети и апликации. На пример, галеријата сега е заменета со друга апликација која ги листа видеата и сликите хронолошки и ја покажува нивната локација каде се направени на светската мапа – се разбира ако ви е активирано географско означување.



Освен опцијата за штедење батерија, која ги одржува само најактивни процеси, тука е и апликацијата Recommender која ви нуди добри игри и апликации од Play Store. Исто така, интересна и корисна апликација  е Smart Connect која за посебна пригода активира посебни апликации. На пример, ако ставите слушалки директно ќе ви го вклучи музичкиот плеер, или навечер кога ќе приклучите полнач веднаш ви го прикажува алармот.

Процесор и меморија

Ќе се изненадите колку добро Sony Xperia miro реагира на софтверот и покрај послабиот хардвер – процесор на 800Mhz и 512MB RAM. Дури и со живи позадини нема да забележите доцнење при работењето. На гејмерите ќе им биде мило кога ќе слушнат дека се играат повеќето 3D игри како Gears and Guts, Minecraft, Temple Run и Dead Trigger

Бидејќи внатрешната меморија од 4 гига (758MB слободни за софтвер и 2GB за музика, слики и др) е мала, нема да биде лошо да си земете една поголема microSD картичка.

Интернет

Пребарувањето, независно дали со обичниот Android пребарувач или Chrome, оди просечно со извесни задоцнувања ваму-таму. Особено проблеми ќе имате со страниците побогати со анимации и тоа без да има Adobe Flash содржина, бидејќи нема ваква поддршка, иако YouTube видеата се гледаат без проблем.

Камера

Еве пријатно изненадување. Камерата од 5 МП кај Sony Xperia miro е една од подобрите на пазарот. На отворено сликите се и повеќе од задоволителни, со соодветно ниво на осветленост, контраст и живи бои. Единствена пречка е што понекогаш ќе ви треба повеќе време да фокусирате некоја слика.



За жал, приказната драстично се менува во затворен простор. Иако квалитетот на сликите тежнее да остане ист, слабата осветленост ја расипува целата приказна. Во однос на видеата, иако и не се толку лоши, сепак максимална резолуција за снимање видеа е 640 х 480.

Мултимедија

На Sony Xperia miro ќе го најдете Walkman музичкиот плеер кој одлично си ја врши работата. Меѓу другото, тој ви нуди еквалајзер, surround ефекти и опцијата xLOUD опцијата која дополнително ќе ви го засили звукот.



Обичниот видео плеер може е доста едноставен, но поддржува еден куп видео формати, како DivX и H.264 кодексот.  Највисока резолуција за гледање видеа е 800 х 480 пиксели.

Батерија

Според Sony, батеријата од 1,500 mAh во Xperia miro ќе издржи 24 часа со полнење, но ако го користите умерено. Во однос на разговор, телефонот ќе издржи 6 часа или 22,7 денови во мирување.



Заклучок

Сега кога поминавме низ сите предности и недостатоци,можеме да кажеме дека Sony Xperia miro е пристоен смартфон, вреден за парите.

Телефонот ќе ве воодушеви со глаткото работење на процесорот и камерата која вади квалитетни слики, но може малку да ве разочара слабиот дисплеј.

Во секој случај би требало салам да и се спротивстави на конкуренцијата како Sony Xperia U, Samsung Galaxy Ace 2, па донекаде и HTC One V иако е малку поскап.

Владимир Ѓуров




Прочитајте повеќе: