Sony Xperia Z Ultra - Годзила смартфон

Објавено на 29.08.2013 во Рецензија



Sony Xperia Z Ultra - Годзила смартфон

Sony Xperia Z Ultra е чудовишно голем смартфон, мутант избеган од лабораторијата на јапонската Sony кој ќе внесе забуна, изненадување и воздишки кај корисниците. Сеуште постои дебата дали ова е смартфон или помал таблет, поради неговата големина на екранот од 6.4 инчи со што е вистински рекордер. Финалната оценка за тоа ја оставаме на вас, но во овој текст запознајте се одблиску со јапонското чудовиште популарно наречено Sony Togari.

Дизајн

Прво нешто без оглед дали сакате или не, мора да се позанимавате со неговата големина, па оттука и прашањата за функционалноста на дизајнот. Некои би го отпишале од старт, како неприфатливо огромен за смартфон (за таблет сосема пристоен), но ќе се изненадите колку тоа воопшто не е пречка. Секако телефонирањето на ваква „цигла“ држејќи ја до увото ќе изгледа малку чудно на почетокот, но фаблетот е многу тенок, лесен и со пристојни димензии за барем нормално држење во рака и сместување во некој џеб (секако тесни фармерки или панталони не доаѓаат во предвид).

Sony Xperia Z Ultra има многу предности, како прво фаблетот е водоотпорен како и сите најнови Xperia смартфони, потоа е изграден од цврст алуминиумски материјал со целосна покривка на задната страна, како и цврсто стакло на предната кое е отпорно на гребаници. Според добиените стандарди на квалитет Sony Xperia Z Ultra е еден од најцврстите смартфони воопшто. Неговите димензии го сместуваат во класата анорексични бидејќи има дебелина од само 6.5 милиметри, висина од 179 мм и ширина од 92 мм, додека неговата тежина изнесува 212 грама. За споредба Samsung Galaxy Mega кој има големина на екранот од 6.3 инчи и изработен целосно од пластика а, тежи речиси исто 199 грама.

Екран

Голема фама крена Sony со понудата на сосема нова технологија на екранот која е наречена Triluminous. Доколку тоа не ви значи ништо треба да знаете дека истата се користи кај најквалитетните HD телевизори од серијата Sony Bravia што значи моќен графички перформанс, јасни и силно изразени бои и висока деталност. Екранот на Sony Xperia Z Ultra има големина од 6.4 па затоа овој потег на Sony е за поздравување бидејќи направиле се за тој да го достигне Full HD стандардот што е вистинска реткост за смартфони од оваа категорија. Неговата резолуција изнесува 1080x1920 пиксели што резултира со густина на пикселација од одлични 344 ppi. Втора голема предност е што врз површината на екранот може да пишувате и со обични пенкала или моливи, а не само со функционално пенкало како кај Samsung Galaxy Note.

Софтвер

Интерфејсот на Sony Xperia Z Ultra е речиси идентичен како и кај сите најнови смартфони на компанијата, вклучувајќи го и „помалиот“ брат Sony Xperia Z кој ја донесе оваа промена. Смартфонот работи на оперативниот систем Android 4.2.2 Jelly Bean, а врз него е искористен интерфејсот Socialife, кој како што кажува самото име ги генерира сите новости поврзани со социјалните мрежи и сервиси кои ги користите. Неговата функција е на брз и директен начин да одговорите на сите промени, пораки, позиви или пак да возвратите на коментарите на Facebook. Благодарение на огромниот екран добивате и поголема површина која е искористена со додавање на уште еден ред на апликации во почетните панели, а истите може да ги прилагодувате со соодветни виџети за брз пристап.

Хардвер

Ваков ѕверски уред би бил некомплетен без соодветен хардвер кој ќе обезбеди врвна компјутерска моќ. Затоа Sony Xperia Z Ultra е опремен со најдобриот и најбрз четири-јадрен Qualcomm Snapdragon 800 процесор кој има брзина од неверојатни 2.2 GHz. Тоа допринесува смартфонот да ги завршува сите операции молневито брзо, транзициите низ менито и интерфејсот се како подмачкани. За да се задржи милтифункционалноста на високо ниво присутни се и 2 GB RAM како и најновиот графички чип Adreno 330. Достапни се 16 GB вградена меморија која може да се надополни со microSD картичка.

Смартфонот го користи брзиот интернет прелистувач Google Chrome, а за конекција се присутни мобилните мрежи LTE и 42.2Mbit/s HSPA, заедно со најбрзиот Wi-Fi a/b/g/n/ac протокол, како и Bluetooth 4.0, A-GPS, DLNA, NFC, FM радио и MHL излез за HDMI приклучок за телевизор. Интересно е што смартфонот може да се поврзе и со DUALSHOCK 3 PlayStation џојстикот.

Камера

Sony Xperia Z Ultra ја има постарата технологија на камерата Exmor R со 8 мегапиксели, но причината за ова е самата големина на фаблетот со кого е тешко да правите многу слики, речиси иста ситуација како и кај таблетите каде не се посветува големо внимание на камерата. Инаку таа има доволен квалитет за да ги задоволи сите потреби со LED блиц, HDR, Sweep Panorama и посебната опција Superior Auto mode која автоматски ја прилагодува сцената, па така не треба премногу да се трудите да го погодите блицот, осветленоста или филтерот. Се снимаат и видеа со резолуција од 1080p и 30fps, кои имаат мали недостатоци со атмосферските звуци и контрастот, но крајниот резултат е задоволувачки.

Заклучок

Доколку се мислите дали да купите таблет или смартфон „Соломонскo решение“ би било да го купите фаблетот Sony Xperia Z Ultra кој е одличен спој на двата света, совршенство на дизајнот и прилагодени димензии кои го одвлекуваат вниманието од огромниот екран. Sony Xperia Z Ultra е мобилен телефон за тие што сакаат повеќе од обичен уред, да им користи за мултитаскинг, брз притап до податоци и програми и со него да извршуваат повеќе функции од едноставно телефонирање, праќање пораки и проверување на статусите на Facebook. Sony Xperia Z Ultra е убедливо најдобриот фаблет во класата од многу причини, како водоотпорниот дизајн, цврстата градба, тенкото тело, најновата технолoгија на хардеверот и функционалниот софтвер.

Автор

Христијан Станоевиќ

Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: