Nokia Lumia 625 - Најпродаваниот Windows Phone

Објавено на 18.09.2013 во Рецензија



Nokia Lumia 625 - Најпродаваниот Windows Phone

Nokia Lumia 625 e досега најуспешниот Windows Phone 8 смартфон на пазарот кој бележи фантастични бројки во продажбата. Nokia и Microsoft конечно го пронајдоа потребниот рецепт за привлечен смартфон за широката потрошувачка со балансирани компоненти и пред се ниска цена. Но, освен цената Nokia Lumia 625 може да се пофали и со уште неколку квалитети, како оптимизиран софтвер и издржлива батерија.
 
 
Дизајн
 
Nokia по сите параметри се обидува да се разликува од бројните смартфони на Android, нудејќи различен дизајн кој изобилува со бои и форми. Главната цел е преку дизајнот да се направи уред кој ќе се истакнува во масата на еднолични Андроиди и Nokia успева во тоа со Lumia 625. За разлика од претходната серија овој пат посветено е поголемо внимание и на функционалноста, па така овој смартфон има компактно и цврсто тело, со димензии кои изнесуваат 133.2 милиметри во висина, 72.2 милиметри во ширина и дебелина од 9.2 милиметри, што не е премногу привлечно за денешни стандарди, но тоа не е голема пречка за Lumia 625.
 
 
Nokia ги смести сите физички копчиња на Lumia 625 на десната страна, тоа се копчето за заклучување, регулаторот на звук како и посебното копче наменето за активација на камерата. На дното се наоѓа microUSB влезот за полначот, а на врвот е сместен влезот за слушалките од 3.5mm. 
 
 
Екран
 
Lumia 625 има екран со големина од 4.7 инчи што според многумина е златната средина за мобилните телефони, што значи ниту е премногу гломазен, ниту пак е премногу мал за приказ и удобно гледање на мултимедијални содржини. За жал овој IPS LCD дисплеј не може да се пофали со висок степен на резолуција како и сите други „Лумии“ и таа изнесува 480 x 800 пиксели што е некаков поднослив минимум за смартфон од пониската класа. Екранот има проблеми со видливоста на отворено поради слабата осветленост, а истото важи и за боите и контрастот кои се бледи и недоволно изразени. За заштита е употребено Gorilla Glass 2 стаклото, а екранот е супер осетлив што значи дека може да го управувате носејќи ракавици.
 
 
Софтвер
 
Nokia Lumia 625 работи на најновата верзија на оперативниот систем Windows Phone 8 во која е вклучена GDR2 надградбата. Тоа значи дека смартфонот ги поседува најновите подобрување кои се забележуваат во организација на почетниот екран со Live Ties прозорците кои претставуваат по една апликација или сервис. Истите може да ги прилагодувате со просторот кој го зафаќаат, како и да ги сместите оние апликации и сервиси кои ви се најкористени. Предноста на овој интерфејс е што имате приказ на голем број на корисни информации на почетниот екран, без потреба од поединечно барање и влегување во одредени опции од менито или пак листата на апликации.
 
 
Главните додатоци во софтверот се најдобрите сервиси како Nokia Smart Camera, Nokia Music и HERE Maps. Nokia Music е одличен музички плееер со кој може да откривате песни за бесплатно емитување, но таа опција има свои ограничувања. Nokia HERE Maps е одлична апликација за мапи и навигација и има повеќе одлични бесплатни опции како добивање на насоки чекор по чекор.
 
 
 
Хардвер 
 
Перформансите на овој смартфон може да се оценат како одлични, бидејќи не се забележува никакво кочење во интерфејсот, времето потребно за транзиција или пак отворањето на апликациите. Тоа се должи на дво-јадрениот Snapdragon S4 процесор со брзина од 1.2GHz. Се работи за чип кој е изработен врз база на Adreno 305 Krait архитектурата и еден од подобрите во серијата на Qualcomm, но секако е далеку под моќта на најновите четири-јадрените процесори од серијата 600 или 800. За жал Lumia 625 поседува само 512 MB RAM што се покажува како недоволно во одредени ситуации како на пример играњето на најновите игри меѓу кои и Halo: Spartan Assault за кои е потребен минимум од 1 GB.
 
 
За вашите податоци и фајлови се достапни 8 GB вградена меморија која може да се надополни преку microSD картичка до 64 GB. Lumia 625 ги има сите потребни конекции како 4G LTE мрежата за супер брз интернет, а тука се и стандардните поврзувања преку Wi-Fi b/g/n, GPS и Bluetooth 4.0. Microsoft го нуди Internet Explorer како базичен интернет прелистувач, а во Marketplace се забранети прелистувачи од други брендови како на пример Google Chrome. Батеријата со капацитет од 2000mAh е наведено дека издржува 15 часа разговор во 3G, што би требало да биде сосема доволно за една нормална употреба, без голема грижа дека треба постојано да го барате полначот. 
 
 
Камера
 
Овој смартфон има главна камера од само 5 мегапиксели со auto-focus и единечен LED блиц, додека предната камера е со VGA квалитет. Интерфејсот е прилично едноставен со понуда на неколку стандардни сцени и прилагодувања на балансот на бело, macro mode и backlight. Nokia Smart Camera апликацијата пак ви нуди огромен број на опции со кои може да ги прилагодуваате сликите, како на пример додавање на ефекти, како креирање на т.н наречена акциона слика, избор на најдобрата секвенца од повеќе слики направени во серија, отстранување на објекти од сликата и др. Квалитетот на сликите е навистина просечен, недостасува поголем степен на деталност и острина, што може и да се очекува од 5 мегапикселна камера. Со неа може да снимате и видеа со HD резолуција од 720p и 30 фрејма во секунда. 

Заклучок
 
Nokia Lumia 625 е смартфон со многу недостатоци, но и неколку квалитетни карактеристики. Тешко е да се даде конечен заклучок, бидејќи овој уред има направено голем број на компромиси и оценката ќе зависи од самиот корисник во зависност што му е најважно, дали добар екран со големина од 4.7 инчи, или пак моќен хардвер, дали квалитетна камера или пак издржлива батерија. Nokia Lumia 625 е еден од најпродаваните Windows телефони пред се поради ниската цена и големиот екран кој за многумина корисници и е главен магнет. Затоа треба да се знае дека хардверот иако не е составен од врвни компоненти, солидно си ја завршува работата заради добрата оптимизација на софтверот, а тука е и просечната камера која нема да ве разочара за повремени слики.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: