Acer Liquid S1 - Кога ќе пораснам ќе бидам фаблет

Објавено на 29.09.2013 во Рецензија



Acer Liquid S1 - Кога ќе пораснам ќе бидам фаблет

Фаблет е можеби најкористениот термин оваа година и за тие кои не се запознаени се работи за мобилен уред кој припаѓа во категоријата на хибриди, односно мобилни со големина на екранот над 5 инчи и под 7 инчи каде се наоѓаат всушност таблетите. Серијата на фаблети ја најави Huawei со нивниот џин Ascend Mate со големина на екранот од 6.3 инчи, а ја продолжија Sony, Samsung и останатите. Во оваа трка се приклучи и Acer со нивниот Liquid S1 чија цел е да се натпреварува со ниската цена и на тој начин да им се приближи на оние купувачи кои сакаат токму ваков огромен уред, па да видиме дали овој фаблет вреди да се купи.
 
 
Дизајн
 
Прво нешто на кое треба да се обрне внимание е токму дизајнот и неговата функционалност бидејќи фаблетите не се едноставни уреди како вообичаените смартфони кои може лесно да се користат и да се сместат удобно во џебот. Acer Liquid S1 е изработен е пластика но, тоа не помага премногу бидејќи неговата тежина изнесува високи 195 грама, што е многу повеќе од неговиот еквивалент во големина Samsung Galaxy Note 3 кој тежи само 168 грама. Квалитетот на градба не е силна страна на Acer Liquid S1 бидејќи не се направени голем број на соодветни решенија за металната рамка која треба цврсто да го држи таблетот, па затоа се добива впечаток на евтиност. 
 
 
Распоредот на физичките копчиња е направен странично но, тие се вградена во двете алуминиумски ленти со што нивното притискање е тешко и не е лесно достапно за прстите. На врвот се наоѓа влезот за слушалките од 3.5 милиметри, додека на дното се наоѓа влезот за полначот и USB кабелот. Под пластичната прекривка на задната страна лежи влезот за двете microSIM картички, а исто така може да пристапите и до батеријата која може да ја заменувате со резервна при итни ситуации. Заедно со смартфонот доаѓа и уште една пластична прекривка но, во бела боја доколку не ви се допаѓа дизајнот составен од само црни бои.
 
 
Екран
 
Главниот мотив за оваа рецензија е токму необичната големина на екранот од 5.7 инчи, но освен со тој епитет не може да се пофали со некаков висок стандард на квалитет, бидејќи нивото на резолуција е задржано на просечни 720 x 1280 пиксели што е доволно за густина на пикселацијата од само 258ppi. Дисплејот иако е од LCD технологијата ги нема каркатеристичните силно изразени бои и висока деталност со квалитетен контраст. Кај Acer Liquid S1 тие се премногу бледи, а проблеми има и со видливоста од различни агли како и со осветленоста која е премногу слаба за нормална употреба на отворено.
 
 
Софтвер
 
Еден фаблет без дополнителниот софтвер кој ќе обезбеди голема функционалност е промашена инвестиција, па затоа Acer се потрудил со додавање на неколку интересни опции кои ќе ви ја олеснат работата со Liquid S1 и притоа ќе ви бидат од голема корист. Такви се опциите во корисничкиот интерфејс Float UI со кои ќе имате брз пристап до осум апликации што најчесто ги користите на едно место, додека пак главните четири апликации се наоѓаат под екранот и може да се активираат во било кое време во различни прозорчиња со транспарентен изглед за полесно да се менува функцијата од една во друга апликација.
 
 
Acer инсталирал и неколку корисни сервиси како Acer Cloud, Acer Print и Auto Profile, како и популарната виртуелна тастатура Swype која работи со голем број на гестови. Смартфонот работи на оперативниот систем Android 4.2.2 што ви дава пристап до огромниот број на апликации во Play Store, како и можност за користење на сите сервиси на Google преку една корисничка сметка или профил.

 
Хардвер
 
Спецификациите на Acer Liquid S1 се во рамките на просечното, па така не очекувајте премногу квалитетен процесор или графичка карта. За да се заштеди на цената на производство е искористен евтиниот четири-јадрeн MediaTek процесор со брзина од 1.5 GHz, кој како што веќе добро знаете е со многу понизок квалитет од процесорите на Qualcomm. Во листата на компоненти се вбројуваат и 1 GB RAM, PowerVR SGX 544MP графичка и 8 GB вградена меморија која може да се надополни преку мемориска картичка.
 
 
Според тестовите Acer Liquid S1 има за нијанса подобри резултати од Samsung Galaxy Mega 5.8 кој исто така припаѓа на средната класа на фаблети, но затоа и двата уреда заостануваат премногу во однос на супер моќниот Samsung Galaxy Note 3. 
 
 
Камера и мултимедиа
 
Во делот на забавата ќе може да ја користите камерата со LED блиц од 8 мегапиксели која обезбедува слики со пристоен квалитет, а во софтверот се вклучени неколку дополнителни стандарди како HDR, Panorama и прилагодување на бојата и контрастот. Со неа може да се снимаат и HD видеа со 30 фрејма во секунда што резултира со стабилна и детална слика. Освен галеријата на слики и музичкиот плеер на Android нема други апликации за мултимедиа, но тие се високо функционални и најмногу користени, па така нема да ви недостасува ништо. Звучникот е прилично гласен, а исто така има и опција за сараунд звук која дава дополнителен квалитет.
 
 
Заклучок
 
Acer Liquid S1 е уред од кој не треба да очекувате премногу бидејќи не поседува врвни компоненти, како на пример Samsung Galaxy Note 3 но, затоа пак ќе ве привлече со неговата цена и тие што сакаат да купат иновативен фаблет, а да не потрошат премногу пари ова е одлична можност. Во речиси сите категории Acer Liquid S1 не разочарува, туку напротив има доволен квалитет за нормална употреба. Предноста е што работи на одлично оптимизиран софтвер со голем број на додатоци за мултитаскинг што е и најважно кај еден фаблет, а Acer успеал да направи добар спој на функции и затоа хардверот со послаб капацитет не се заблежува премногу.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: