Apple iPhone 5s vs Samsung Galaxy S4 - Борба до крај

Објавено на 08.10.2013 во Рецензија



Apple iPhone 5s vs Samsung Galaxy S4 - Борба до крај

За да дојде до судир на најголемите мобилни ѕвезди требаше да поминат неколку месеци, а фановите на двете компании со нетрпение очеуваат да видат кој ќе излезе како апсолутен победник iPhone 5s или Samsung Galaxy S4. Тешко е да се направи една идеална споредба, па затоа освен традиционалното прегледување на категориите ќе се осврнеме и на други фактори како функционалност, иновација и влијание на пазарот.

Дизајн без свежина

Samsung Galaxy S4 стана најпрепознатливиот смартфон на пазарот, со голем број на фанови ширум светот, но компанијата претрпе повеќе критики за малото ниво на иновација и постојаната употреба на пластика. Слична констатација може да се даде и за iPhone 5S кој не се разликува премногу во однос на својот претхoдник, но затоа пак има еден многу важен новитет како скенерот за отпечатоци Touch ID и секако златната боја која стана вистински хит. Во естетскиот дел не може да се даде конечен заклучок бидејќи станува збор за личен вкус, некој ќе го одбере класичниот и минималистички дизајн на iPhone 5s, друг пак ќе ја прифати елеганцијата и едноставноста на Samsung Galaxy S4.

Во делот на функционалноста имаме два сосема различни концепта, Samsung си игра со големините и постојано ги поместува границите на ефикасно искористениот простор, па така екранот од 5 инчи воопшто не е некоја пречка. Apple пак не отстапува премногу од почетната философија и овој пат се задржува на големина на екранот од 4 инчи, но со минимални подобрувања на неговата маска која е потенка и полесна. Galaxy S4 иако има поголем екран во директната споредба воопшто не изгледа како џин во однос на iPhone 5s, па затоа во оваа категорија поените одат на контото на корејците. Димензиите на iPhone 5s изнесуваат 123.8 х 58.6 х 7.6 милиметри, што е речиси идентично со тие на Galaxy S4 од 136.6 х 69.8 х 7.9 милиметри. iPhone 5s е нешто полесен со 112 грама, додека пак Galaxy S4 тежи 130 грама.

Екран

Оваа година беа срушени речиси сите рекорди на висока резолуција на екраните на смартфоните. Некогаш Apple гордо се фалеше со својата Retina Display резолуција која ги постави стандардите високо, но сега тој праг е речиси двојно надминат со Super AMOLED екранот на Galaxy S4 кој има Full HD резолуција од 1080 x 1920 пиксели и густина на сликата од 440 ppi, што е многу повеќе од iPhone 5s чиј LED-backlit IPS LCD дисплејот има HD резолуција од 640 x 1136 пиксели и густина на сликата од 326 ppi. Во оваа категорија апсолутен победник е Galaxy S4 кој далеку поквалитетна слика, со јасно изразени детали, висока осветленост и силни бои. Секако и iPhone 5s има квалитетен екран, но едноставно не може да се мери со Galaxy S4.

Новиот iOs 7 против богатиот TouchWiz Nature UX

Apple по повеќе години направи вистински „ремонт“ на оперативниот систем кој во најновата верзија iOs 7 има целосно променет кориснички интерфејс, нов дизајн и повеќе функционални додатоци за лесен пристап, како што е за прв пат воведениот контролен центар, каде може да активирате дел од најважните опции на смартфонот. iOs 7 изгледа како сосема нов софтер и од првичните резултати може да се каже дека е одлично оптимизиран, без поголеми кочења и проблеми.

Samsung продолжува да го збогатува својот TouchWiz Nature UX кориснички интерфејс кој е еден од најквалитетните во Android сегментот и речиси целосно го прекрива софтверот на Google. Како револуционерни промени се претставени контролите со одмавнување на раката врз површината на екранот наречени Air Gestures, како и Smart Play опциите кои го поедноставуваат гледањето на видеа и мултимедијална содржина. Тука се и еден куп софтверски додатоци за организација и водење на здрав живот со апликацијата S Healt, додека пак инфраред сензорот преку соодветната апликација го претвора смартфонот во далечински управувач.

Првиот 64 битен процесор против првиот осум-јадрен процесор

Во хардверскиот дел се водат и најголемите пресметки меѓу главните конкуренти Samsung и Apple, кои имаат сосема различни философии до неодамна. Samsung обожува да се фали со своите наредни осум-јадрени процесори, како и фактот што во секој нов модел на Galaxy S внесува иновации и значителни подобрувања. Почетната верзија на Samsung Galaxy S4 работи на четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 600 процесор со брзина од 1.9 GHz, додека пак втората верзија го користи осум-јадрениот Exynos 5 процесор, а компанијата вети дека корисникот ќе има врвни перформанси и тоа го потврдуваат бројните тест резултати.

Apple пак, никогаш не ја открива архитектурата на процесорт кој е означен само како А7 заедно со добро познатата формулација дека е двојно побрз од неговиот претходник, но оваа година за прв пат се задржаа на техничките аспекти на процесорот кој вусшност е првиот мобилен чип базиран на 64-битната технологија. Затоа iPhone 5S е еден од најбрзите и најфункционални смартфони на пазарот, а тоа во комбинација со одлично оптмизираниот софтвер го прават еднакво добар како и директните конкуренти. Предност на Samsug Galaxy S4 е што има и слот за мемориска microSD картичка за надополнување на меморијата од 16GB, додека iPhone 5s ја нема таа можност и за верзијата со поголем мемориски капацитет треба да се доплати.

Камера

Samsung Galaxy S4 на хартија има помоќна камера со сензор од 13 мегапиксели, додека пак iPhone 5s се задржа на камерата од 8 мегапиксели, но со нова апаратура која има поголем капацитет за апсорбирање на светлината. На дневно осветлување и двата смартфони вадат слики со висок квалитет, но за нијанса подобро се покажува Galaxy S4 каде има поголем степен на деталност, додека пак iPhone 5s е подобар во ситуации со ограничена светлина.
 
 
Во софтверските додатоци убедливо поразновиден е Samsung Galaxy S4 каде ќе најдете еден куп опции за прилагодување на сцената и додавање на различни ефекти, додека пак кај iPhone 5s новитет е снимањето на видеа во забавена снимка со HD резолуција и 120 фрејма во секунда каде се добива фантастичен квалитет.
 

Заклучок

Тешко е да се одлучи кој од овие два супер смартфони е подобар поради тоа што се работи за два сосема различни концепти, а при тоа не можат да се најдат никакви поголеми забелешки во нивната функционалност. Samsung Galaxy S4 ќе биде „Светиот грал“ за сите љубители на Android, како и тие што сакаат смартфон со поголем и поквалитетен екран. iPhone 5S пак е доволно моќен за сите што сакаат престижен смартфон кој е доволно напреднат во однос на неговите претходни модели, па така тие што веќе имале смартфон на Apple нема да се двоумат да го купат.

Без сомнение iPhone 5s и Samsung Galaxy S4 се апсолутни владетели кои седат на тронот, додека пак останатите може само полека да им се доближуваат, а нивната предност не се должи на огромните разлики во квалитет, туку таа се добива со комбинација на моќниот бренд и големата популарност.

Автор

Христијан Станоевиќ





Прочитајте повеќе: