Alcatel One Touch Fire – Прва искра

Објавено на 08.11.2013 во Рецензија



Alcatel One Touch Fire – Прва искра

Мобилниот оперативен систем на интернет прелистувачот Mozilla одамна не бил во фокусот на вниманието и неговиот развој се одвива со прилично бавно темпо, но тоа не ги спречува компаниите како ZTE и Alcatel да му дадат шанса. Alcatel One Touch Fire е еден од првите смартфони со Mozilla Firefox OS и на прв впечаток изгледа како уред во кој е е вложено премалку и французите немаат преголеми амбиции со него. Главната цел на Mozila е да најде партнери кои ќе произведат евтини смартфони за да се провери пулсот на пазарот, а токму таков е и Alcatel One Touch Fire.

Во фокусот

Alcatel OT Fire е смартфон од ниската класа со екран од само 3.5 инчи нешто што одамна не сме го сретнале на пазарот со оглед на манијата на производителите за се поголеми екрани. Но, малиот екран нема да биде вашата најголема грижа, туку пред се функционалноста на софтверот. Пред повеќе од една година кога се појавија првите информации за Mozila Firefox OS имаше големи надежи за функционалноста на мобилната платформа која се базира на Linux и HTML 5 технологијата.

Дизајн и екран

Како што може и да претпоставите Alcatel OT Fire е изработен од најчестиот материјал на ниската класа, а тоа е пластика. Сепак тоа не е слаба страна и смартфонот е удобен и лесен за држење во раката. Иако се работи за мал уред Alcatel OT Fire е прилично „дебел“ со 12.2 милиметри и е тежок 108 грама. Функционалното физичко копче е сместено под екранот и служи за враќање на почетниот екран. Копчето за вклучување/заклучување се наоѓа на врвот, додека регулаторот на звук е сместен на десната страна.

Единствен проблем на дизајнот е неговата гломазност што е многу изненадувачки за смартфоните од новата генерација, а околу екранот има огромна неискористена површина. TFT екранот од 3.5 инчи има многу низок степен на резолуција од само 320 x 480 пиксели што е премалку за основна функционалност барем според современите стандарди. Видливоста од различни агли е премногу слаба, а проблематична е и употребата на отворено под директна сончева светлина поради големата рефлексија.

Кориснички интерфејс и софтвер

Најинтересниот детал кај Alcatel OT Fire е што работи на сосема новиот и релативно непознат оперативен систем Mozilla Firefox OS. Сепак во оваа фаза на развој на мобилиот софтвер речиси и нема што ново да се понуди, па така корисничкиот интерфејс на Mozilla Firefox OS е прилично познат и има позајмено неколку карактеристики од Android како што е контролниот центар со влечење на екранот од врвот кон надоле, како и распоредот на апликациите како кај iOs во почетниот екран. Еден од новитетите кој прв ќе го забележите е дека еден од почетните панели е посветен на откривање на нови апликации со лента за пребарување и категории на апликации.

Дека се работи за нова платформа која сеуште нема висока функционалност најдобро покажува овој смартфон. На листата на системски апликации ќе ги најдете сите стандардни потреби како апликации за повикување, праѓање пораки, именик, e-mail клиент, часовник и календар, но смартфонот постојано има проблеми со нивното функционирање и се појавуваат многу кочења. Mozilla сеуште има мала база на апликации, но затоа може да инсталирате апликации од Play Store за Android. За локации и мапи наместо Google Maps се користи апликацијата HERE Maps на Nokia која иако е одличен сервис кај Alcatel OT Fire функционира со многу слабости.

Хардвер

Alcatel OT Fire работи на хардеверски компоненти кои едвај го исполнуваат минимумот за нормално завршување на операциите. Тука е сместен едно-јадрен Qualcomm Snapdragon S1 процесор со брзина од 1 GHz комбиниран со само 256 MB RAM меморија кои се главна причина за сите кочења и рестартирања на смартфонот. За вашите податоци се достапни само 160 MB, но за среќа Alcatel вклучил бесплатна microSD картичка со капацитет од 2 GB. Зa интернет поврзување достапна е Wi-Fi конекција, но прединсталираниот Mozilla прелистувач е далеку од своите вистински можности кај овој смартфон, па така многу бавно ќе отворате веб страници, а гледањето на видеа може да биде уште повеќе фрустрирачки. Единствена добра страна е батеријата со капацитет од 1400 mah која поради малите системски побарување ќе издржи два дена со едно полнење.

Камера и мултимедиа

Од камерата со сензор од 3.2 мегапиксели не треба да очекувате премногу бидејќи сликите ќе имаат низок квалитет со недостиг на детали и слабо изразени бои. Нешто подобри слики се вадат на отворено кога има сончева светлина, а истото важи и за снимањето видеа кое е ограничено на 352 х 28 пиксели и само 14 фрејма во секунда. Музичкиот и видео плеерот ќе ве вратат во времето на старите телефони бидејќи се премногу едноставни со многу застарен интерфејс и мал број на опции за контрола, а исто така недостасува подршка за голем број формати.

Заклучок

Alcatel можел да направи многу поквалитетен смартфон и да му даде поголема шанса на оперативниот систем Mozilla Firefox OS. Поради ограничените можности на слабиот хардвер ќе добиете впечаток дека главната вина ја има Mozilla заради лошата оптимизација на софтверот и недоволно подготвениот оперативен систем кај кого се забележуваат повеќе недостатоци.

Предноста на Alcatel OT Fire е што е многу ефтин и може да им послужи на тие што не им треба смартфон богат со многу опции и брзи перформанси. Речиси во сите категории на Alcatel OT Fire може да се најдат бројни недостатоци, па затоа овој смартфон не би го препорачале да го купите, освен ако ви е потребен новиот оперативен систем Mozila Firefox OS, но подобро е да почекате да излезе некој поквалитетен уред на истата платформа. Крајниот заклучок е дека Alcatel OT Fireе првата искра која сепак нема да започне пожар.

Автор

Христијан Станоевиќ





Прочитајте повеќе: