LG G2 - Шампион во тешка категорија

Објавено на 18.11.2013 во Рецензија



LG G2 - Шампион во тешка категорија

LG G2 е најголемото изненадување во 2013-та година и со цело право овој фантастичен смартфон може да се бори за првото место во премиум класата. Се работи за повеќе од достоен противник на Samsung Galaxy S4 и овој пат конкурентите од Јужна Кореја вложија максимум за понуда на смартфон кој ќе воодушеви со секој сегмент. LG G2 оди чекор понапред со тоа што нуди за нијанса поголем екран, а исто така беше првиот интернационален смартфон со мега чипсетот на Qualcomm Snapdragon 800. LG G2 има уште неколку адути како врвна камера, а одлично се покажа и во сите бенчмарк тестови со исклучително високи перформанси. Во продолжение ќе го погледнеме одблиску LG кој го добивме на тестирање благодарение на операторот Вип.

Дизајн

LG G2 носи напредни опции со модерен, функционален и комфорен дизјан. Овој модел ги поместува границите кога е во прашање дизајнот на смарт телефонот и тоа преку сместување на сите копчиња на задната страна на уредот. Rear Key концептот произлегува од фактот дека на корисниците им е се потешко да им пристапат на страничните копчиња, а со им се дава поголема контрола, бидејќи токму тука показалецот е во природна положба. Истражувањата исто така покажаа дека ова поместување на копчињата резултира со помал број паѓања на телефонот од рака при подесувањето на јачината на звукот за време на разговорот. Сепак и покрај добрата идеја копчињата на задната страна не се премногу функционални и треба време за да ја научите нивната местоположба.

Со подолго притискање на копчето за подесување на звукот, автоматски се активира QuickMemoTM апликацијата или камерата, што го олеснува правењето брзи белешки и фотографии. Иако копчето power се наоѓа на задната страна, благодарение на KnockON функцијата не е потребно да се врти телефонот, туку за да се вклучи телефонот доволно е два пати да се допре екранот.

Смартфонот е изработен од пластика и го има речиси истото ниво на квалитет на градба како кај останатите премиум уреди од класата, па дури може да се каже и дека потсетува на Samsung Galaxy S4. Tокму тоа е и целта на LG, да понуди одличен смартфон кој ќе биде алтернатива на Samsung, но нема премногу физички да се разликува од него. Димензиите на LG G2 изнесуваат 138.5 x 70.9 x 8.9 mm и со тежинта од 143 грама го прават за нијанса поголем и потежок од Galaxy S4, но затоа има многу потенка рамка околу екранот со што максимално е искористена предната површина.

Екран

LG со овој модел го претстави и новиот Full HD екран со дијагонала од 5.2 инчи, кој e најголем дисплеј за еднорачна операција во категоријата на телефони со ширина од 2.7 инчи. Со веќе докажаната IPS технологија, LG G2 нуди и супериорна графика, прецизни бои и јасен приказ на сликата без никаква дисторзија. LG G2 смарт телефонот користи и графички RAM (Graphic RAM ) за уште поголема енергетска ефикасност. GRAM технологијата ја намалува потрошувачката на енергија на екранот и до 26 отсто и истовремено го продолжува траењето на батеријата за 10 отсто.

LG G2 го нуди и еден од најквалитетните екрани на пазарот со резолуција од 1080x1920  пиксели и густина на сликата од 423 пиксели на еден инч. Предноста на IPS LCD дисплејот е што има многу добар приказ на боите кои се јасно и силно изразени, а одлични резултати покажува и во осветленоста, па така нема да имате никакви пречки за употреба на отворено.

Хардвер

LG G2 е еден од првите интернационални смартфони кој беше лансиран со досега најмоќниот четири-јадрен Qualcomm Snapdragon 800 Krait 400 процесор со брзина од 2.3 GHz, што му овозможи со леснотија да ги освои водечките позиции на речиси сите тестови на перформанси во повеќе категории. На листата на хардверски компоненти се наоѓаат и 2GB RAM, моќната Adreno 330 графичка карта, како и две варијанти на вградената меморија од 16 и 32 GB, но за жал нема можност за надополнување преку microSD мемориска картичка. LG G2 поседува и батерија од дури 3.000mAh, што гарантира голема издржливост при активно користење. Токму на последните тестови LG G2 го освои првото место со издржливост на батеријата со повеќе 6 часа комбинирана активна работа, многу подобар од Galaxy S4 и Nexus 5.

Софтвер

Истражувањата покажуваат дека најчесто користени функции на телефонот се токму најосновните, како повиците, праќањето SMS пораки или користењто на друштвените мрежи. Токму затоа LG G2 нуди низа практични функции кои пред се се фокусираат на најпопуларните опции:

· Answer Me — автоматски одговара на повик кога телефонот ќе се приближи до увото;

· Plug & Pop — препорачува можни опции кои може да се изберат кога ќе се детектираат слушалки или USB кабел;

· Text Link — информациите од текстуалните пораки можат лесно да се зачуваат и да се сместат во календар или да бидат пребарани на интернет;

· QuickRemote — LG G2 може да управува уреди за домашна забава, а може да се користи и како универзален далечински управувач за повеќе уреди истовремено;

· Slide Aside — овозможува полесен мултитаскинг со едноставно „лизгање“ на отворените апликации на страна со помош на три прста;

· Guest Mode — ја штити приватноста на сопственикот на телефонот преку прикажување само определени апликации со помош на секундарен систем за заклучување;

Камера

LG G2 доаѓа со оптичка стабилизација на сликата (OIS технологија) за да се спречи замаглувањето при фотoграфирање, што овозможува појасни и поостри фотографии дури и кога се направени во движење или при лоши услови на видливост. Повеќето смартфони кои користат OIS технологија поседуваат камери со резолуција од 4 до 8 мегапиксели, додека LG G2 е единствен по тоа што нуди камера со резолуција од дури 13 мегапиксели. Покрај тоа, Super Resolution и Multi-point AF опциите овозможуваат стабилен фокус при фотографирање, како што е случајот кај дигиталните апарати. Камерата на LG G2 е богата и со голем број на софтверски додатоци и различни подесувања на сцената кои даваат максимален квалитет во речиси сите видови на осветлување и окружување, благодарение на моќниот LED блиц. Во интерфејсот има и опција за фокусирање на звукот при снимање на видеа така што ќе добиете многу чист аудио квалитет, а видеата достигнуваат резолуција од 1080p со дури 60 фрејма во секунда.

Мултимедиа

Во последните неколку години, како резултат на се поголемиот број квалитетни мултимедијални содржини, се појави поголема потреба за врвен квалитет на звукот на смартфоните кои станаа центри за најразличен вид забава, од филмови и музика до напредни видео игри, така што корисниците очекуваат, покрај висококвалитетни екрани, и исклучителен звук на телефонот. LG G2 е првиот смартфон на пазарот кој овозможува 24 bit/192kHz Hi – Fi репродукција, што претставува студиски квалитет на звук. Заедно со смартфонот во пакет доаѓаат и QuadBeat 2 слушалки кои репродуцираат многу силен и квалитетен тон. LG G2 има сопствен музучки и видео плеер со голем борј на основни функции како подредување на песните според албуми, изведувачи и жанрови, а исто така ги подржува речиси сите модерни аудио и видео формати.

Заклучок

LG G2 е годинешното најголемо изненадување во понудата на премиум класата на смартфони, со тоа што LG успеа да лансира смартфон со огромна моќ и голем број на позитивни карактеристики. Тука се вбројуваат одличниот Full HD екран, како и минималистичкиот дизајн кој овозможува целосна искористеност на предната површина па затоа и дисплејот е за нијанса поголем со 5.2 инчи, а тоа речиси и воопшто не се забележува. Во делот на дизајнот е внесена уште една иновација, а тоа сместувањето на физичките копчиња на задната страна кои можеби се добра идеја, но факт е дека треба време да се навикнете на нивната употреба. Понатаму LG G2 најмногу може да се потпре на моќта на хардверот која на повеќе пати се докажа на тестовите на перформанси, како и на супер издржливата батерија со капацитет од 3000 mah.

LG Optimus G2 ќе и стави крај на „Галаксиманијата“

Навистина е тешко да се најдат слабите страни на овој смартфон, но ако сме пребирливи би ги навеле недостигот на слот за мемориска картичка, како и употребата на пластика која исто така е најголема забелешка и за Samsung Galaxy S4. Во сите други категории LG G2 е апсолутен шампион и смартфон кој вреди да се поседува. Според последните информации LG продал околу 12 милиони примероци на LG G2 што значи дека почетната цел е делумно постигната, но сепак е недоволно да се тргне од врвот Samsung Galaxy S4 кој и понатаму ја има довербата на купувачите.

Автор

Христијан Станоевиќ





Прочитајте повеќе: