Apple iPad mini 2

Објавено на 22.11.2013 во Рецензија



Apple iPad mini 2

Apple iPad mini 2 треба да ја одигра улогата на фаворит од сенка на Apple кој ќе им ги помати сметките на огромниот број на Android таблети со мала големина, односно со екрани помеѓу 7 и 8 инчи. Apple за да не изгледа како да ги копира идеите на конкурентите Nexus 7 и Samsung Galaxy Tab 7.0 лани го претстави првиот модел на таблет со големина на екранот од 7.9 инчи, а овој пат ја лансираше и неговата понапредна верзија чија главна предност е зголемената резолуција која го исполнува нивниот Retina Display стандард. Исто така таблетот iPad mini 2 носи уште неколку подобрувања во внатрешноста.

Дизајн

iPad mini 2 визуелно нема речиси никакви промени во однос на претходниот модел што значи дека е ископиран истиот дизајн што делува малку разочарувачки, но кога е во прашање Apple тоа и не е некое големо изненадување. Напротив Apple успева да ги убеди своите купувачи дека дизајнот на iPad mini 2 е сеуште еден од најдобрите на пазарот со употреба на премиум материјали, сместени во минимални димензии.

Токму тука е предноста на малиот таблет кој е изработен речиси целосно од алиминиум и тежи само 341 грам. Единствен недостаток е неговата ширина заради сразмерот на екранот, па така е речиси невозможно да го држите со само една рака што не е проблем кај таблетите од 7 инчи. За жал и покрај бројните шпекулации Apple се одлучи да не го употреби скенерот за отпечатоци Touch ID ниту златната боја на маската како кај смартфонот iPhone 5s што е големо разочарување.

Екран

Главниот адут на iPad mini 2 е токму збогатениот IPS LCD Retina Display со резолуција од високи 2048 x 1536 пиксели кои резултираат со густина на сликата од 324 пиксели на еден инч. Боите и деталите на дисплејот се одлично изразени, а исто така има голема видливост и широки агли. Со овој екран нема да имате никакви проблеми со видливоста на отворено заради силната освелтеност.

Интерфејс

iPad mini 2 е уред што доаѓа со новиот оперативен систем iOs 7, но за разлика од другите производители Apple нема внесено посебни додатоци за работа на таблетот. Затоа подобрувањето на софверот може да го забележите само со надградените апликации кои се специјализирани за работа на таблетот. Предностите лежат во високата резолуција наменета за искористување на потенцијалите на таблетот како и поголем и попрегледен интерфејс на опциите на самата апликација. Од функциите на iOs 7 за iPad mini 2 се издвојуваат контролите преку гестовите на „бришење“ низ екранот за минимизирање, затворање и премин од една во друга апликација што го зголемува нивото на мултитаскинг.

Хардвер

Втората голема надградба кај iPad mini 2 е употребата на новиот А7 процесор кој се базира на 64 битна архитектура што е доволно за обезбедување на врвни перформанси. Овој чипсет има две јадра со брзина од 1.3 GHz и е комбиниран со PowerVR G6430 GPU графичката карта. Од останатите компоненти се издвојуваат и 1 GB RAM, како и четири модели со вградена меморија од 16, 32, 64 и 128 GB. Почетната верзија чини 399 долари со склучен две-годишен договор, додека пак секоја наредна верзија е поскапа за 100 долари. Таблетот има и посебна верзија со мобилна 4G LTE мрежа која исто така е поскапа, додека стандардниот модел има Wi-Fi поврзување, како и вообичаените aGPS и Bluetooth 4.0 конекции.

Камера

iPad mini 2 поседува речиси идентична камера како и неговиот претходник со сензор од 5 мегапиксели, но Apple тврди дека додал нови компоненти како дел од новата iSight апаратура со леќа со големина од f/2.5 mm што значи и зголемен капацитет на апсорбпција на светлината. Камерата исто така има светло за заднинска осветленост, LED блиц, BSI сензор, дигитална стабилизација на сликата и снимање на HD видеа со 1080. Единствен недостаток на 5 мегапикселната iSight не е во градбата или апаратурата, туку во интерфејсот каде не се понудени некои нови алаткiза прилагодување на сликите, туку стандардните модови и додатоци како Panoramaи HDR. Затоа најдобро е да инсталирате некоја бесплатна апликација за дополнителни ефекти и филтри за камерата.

Заклучок

iPad mini 2 е мало надградување во однос на неговиот претходник и доколку ги погледнете еден до друг речиси и нема да ја забележите разликата. Apple пред неколку месеци сепак вети дека ќе лансира ваков таблет со зголемено ниво на резолуција на екранот и подобрувања во хардверот и тоа го исполни, но се остава едно чуство на разочараност од причина што таблетот можел да биде многу подобар. 

Главната предност на iPad mini 2, па и на секој iOs уред е во оптимизираноста на софтверот што значи дека ќе немате никакви проблеми со неговите перформанси и извршувањето на операциите. Ако се спореди со неговите конкуренти најголема пречка за iPad mini 2 е неговата висока цена која изнесува 399 долари за основниот модел, додека Nexus 7 чини 250 долари и ги има речиси истите компоненти, а освен него има и многу евтини таблети изработени од останатите Android производители.

Автор

Христијан Станоевиќ





Прочитајте повеќе: