LG G Flex vs Samsung Galaxy Round

Објавено на 16.12.2013 во Рецензија



LG G Flex vs Samsung Galaxy Round

LG G Flex и Samsung Galaxy Round се првите два така наречени флексибилни смартфони за кои се крена голема фама во текот на изминатите месеци. Можеби очекувањата беа дека ќе видиме смартфони кои може да се превиткуваат и ќе бидат отпорни на кршење, но сега треба да се задоволиме со ограничената употреба на оваа иновација која сеуште е во почетна фаза. Главната придобивка од закривените екрани е полесно да може да се управуваат големите смартфони со тоа што прстите побрзо ќе стигнуваат до одреден дел на дисплејот, па да видиме што може да понудат LG G Flex и Samsung Galaxy Round.

Закривени екрани права слика

LG G Flex има екран со големина од 6 инчи, додека пак Samsung Galaxy Round има големина од 5.7 инчи и е речиси идентичен како и фаблетот Galaxy Note 3 со употреба на истата технологија и Full HD резолуција од 1080 x 1920 пиксели со густина на сликата од 386 ppi. LG G Flex има квалитетен екран но, со понизок степен на HD 720p резолуција од 720 x 1280 пиксели и густина на сликата од само 245 ppi што се забележува при гледање во смартфонот од мало растојание.

Сепак предноста на LG G Flex е што екранот има голема закривеност која се распрострира во вертикала од врвот до дното и со тоа смартфонот многу полесно се прилагодува на дланката, па така брзо ќе стигнете до горниот или долниот дел од екранот. Samsung Galaxy Round воодушевува со прецизноста и квалитетот на екранот, но го нема истото ниво на функционалност на кривината која е поставена хоризонтално во широчина. Затоа пак во самиот интерфејс се внесени неколку нови опции со кои полесно може да ги користите прстите при активација на одредени делови од менито и апликациите.

Опасни кривини

LG G Flex има една мала предност а, тоа е задната прекривка која наводно има можност за самопоправување, односно брзо „лечење“ на сите гребаници. Навистина оваа технологија на LG функционира и сите помали гребаници и оштетувања на маската брзо ќе исчезнат. Како второ предноста на дизајнот на LG G Flex е неговата флексиблност и можноста да се превиткува но, до одреден степен без притоа да се оштети. Трето при пад закривеноста на LG G Flex ќе го спречи тој да падне директно на екранот каде е и најголемата слабост на сите смартфони.

Samsung Galaxy Round има свои предности, а тоа е пред се удобноста на дизајнот кој овозможува смартфонот лесно да се користи до увото при воспоставување на телефонски повици и исто така добро лежи во раката. Samsung долго време ја развива технологијата на флексибилни екрани, но со Samsung Galaxy Round се чини дека малку избрза бидејќи смартфонот нема што многу да понуди во тој дел и дизајнот е далеку послаб во однос на LG G Flex. Димензиите на двата смартфона се речиси идентични. 

Споредба на хардверот

Во оваа категорија Samsung Galaxy Round се истакнува со својот квалитет бидејќи ги поседува речиси истите компоненти како и моќниот фаблет Samsung Galaxy Note 3.Тој работи на четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 800 процесор и има рекордни 3 GB RAM. LG G Flex не заостанува премногу бидејќи работи на истиот процесор од генерацијата Krait 400 кој има графичка карта Adreno 330 и е една од најмоќните кога се во прашање графичките перформанси за мобилен телефон, а единствената разлика е што има само 2 GB RAM. На LG G Flex му недостасува и мемориска картичка.

Затоа пак LG G Flex има многу поголема и флексибилна Li-Po батерија со капацитет од 3500 mAh, додека пак  Samsung Galaxy Round е нешто послаб со стандардната Li-Ion батеријата од 2800 mAh. Токму тука се гледа и успехот на LG кој многу повеќе го користи флексибилниот дизајн за сместување на помоќна флексибилна батерија. Двата смартфона имаат речиси идентични додатоци и поволности, како можност за поврзување на супер брзата 4G LTE мобилна мрежа, како и најнови стандарди за Bluetooth, USB и GPS.

Заклучок

LG G Flex и Samsung Galaxy Round се вистински пионери во мобилната инндустрија и затоа почетните недостатоци може лесно да им се простат, бидејќи нудат нешто сосема ново. LG G Flex е смартфон кој веќе е достапен на глобалните пазари и неодамна беше пуштен во продажба на европскиот континент што ја покажува сериозноста на компанијата и вербата во овој уред, додека пак Samsung Galaxy Round е ограничен во домашната земја Јужна Кореја без поголеми амбиции за меѓународна промоција. Секако Samsung Galaxy Round не е невозможно да се купи бидејќи преку овластени дистрибутери ќе се продава во Европа и САД.

Во овој момент LG G Flex е многу попривлечен бидејќи неговата конструкција има многу поголема примена и со употребата на флексибилен и закривен дисплеј во вертикала од врвот надоле е многу попрактичен за употреба. Доколку пак повеќе ве привлекува Samsung Galaxy Round препорака е наместо него да го купите фаблетот Samsung Galaxy Note 3 кој е убедливо најдобриот смартфон за 2013-та или пак да почекате уште неколку месеци додека не биде претставен новиот Samsung Galaxy S5 кој можно е да се појави токму со флексибилен и еластичен дизајн.

Автор

Христијан Станоевиќ





Прочитајте повеќе: