LG Optimus L9 II - Оптимален избор

Објавено на 10.01.2014 во Рецензија



LG Optimus L9 II - Оптимален избор

LG води многу паметна стратегија која е во прашање понудата на смартфоните застапувајќи ги сите категории и цени, а тоа особено се истакнува со препознатливата серија Optimus Lкоја во 2013 година доби второ продолжение. Тука вистински предводник е LG Optimus L9 II и купувачите веќе добро знаат што да очекуваат, а тоа е смартфон со нешто пониска цена од премиум класата и можност за тие пари да се поседува еден квалитетен уред кој ги задоволува сите потреби.

Дизајн

Визуелно смартфоните на LG не привлекуваат огромно внимание поради грубиот дизајн и впечатокот на тврди уреди со понизок степен на квалитет, како и многу гломазни маски, но тоа полека се менува. Доказ за тоа е LG Optimus L9 II кој отскокнува од тој шаблон и нуди комфорен дизајн со пристојни димензии. Смартфонот иако има голем екран од 4.7 инчи е многу удобен за држење и управување со една рака и лесно може да го сместите во џебот. Предната страна е навистина одлична, бидејќи рамката околу екранот е сведена на миниум, додека пак задната страна е малку поизразена со големите агли. На десната страна е сместено копчето за вклучување и заклучување кое е многу вовлечено, додека пак од левата страна се наоѓа леверот за звук, а под екранот се трите Android копчиња вградени во софтверот.

Дисплеј

Најголемиот адут на LG Optimus L9 II е токму прекрасниот 4.7 инчен IPS LCD екран со HD резолуција од 720 х 1280 пиксели што резултира со респектабилни 312 пиксели на еден инч за висока видливост и деталност. Дисплејот на LG Optimus L9 II е вистинско освежување за средната класа со квалитетна слика која одлично прикажува видеа, а сосема задоволни ќе бидете при играње на мобилни игри, сурфање на нет и читање на текстови. Како и повеќето LCD екрани се забалежува за нијанса послабо изразени бои, но затоа пак е надминат проблемот со осветленоста на екранот и затоа нема да имате никакви проблеми со видливоста на отворено.

Софтвер и интерфејс

Изненадува изборот на LG за овој смартфон да биде употребена нешто постарата 4.1.2 верзија на Android Jelly Bean што веднаш ни буди сомнежи дека ќе имате големи пречки со добивањето на надградби на оперативниот систем во иднина, но да се надеваме дека компанијата брзо ќе ја согледа грешката и ќе лансира надградба. Инаку во функционалноста нема големи разлики од било кој друг смартфон на LG каде се користи сопствениот Android кориснички интерфејс кој мора да се признае дека е еден од најквалитетните. Не само што имате голем избор на визуелни додатоци, со Optimus UI добивате и голем пакет на алатки за мултитаскинг и подобра организација како QuickButton, QuickMemo, QSlide и уште многу други.

Хардвер

Логично за следната класа е искористен за нијанса послаб хардвер кој нема да се бори за првите места на сајтовите за мерење на перформанси, но затоа пак на корисникот ќе му обезбеди висока функционалност и брзо завршување на сите операции. LG Optimus L9 II работи на дво-јадрениот Qualcomm Snapdragon 400 процесор со брзина од 1.2 GHz, 1 GB RAM, 305 Adreno GPU за солиден графички перформанс, а смартфонот и има 8 GB вградена меморија која може да се надополни преку microSD картичка. Ако нешто ви значи на повеќето тестови LG Optimus L9 II бележи одлични резултати спореден со смартфони од слична категорија, а за нијанса е подобар и од Sony Xperia C кој неодамна го анализиравме.

Камера

LG Optimus L9 II поседува квалитетна 8 мегапикселна камера која може да се активира и преку кратенката за брз пристап на заклучениот екран. Во самиот интефејс ќе најдете повеќе опции за прилагодување на сцената, како и поставување на различни сетапи на сликање како Panorama, HDR, Macro и Burst Shot за повеќекратни брзи слики. Најдобри резултати ќе добиете при сликање на отворено со голема природна осветленост, каде се добива пријатен тон на бои и детали. Квалитетот на видеата достигнува HD резолуција од 1080p, но се забележува недостиг на детали, а добра страна е што ауди квалитетот е на високо ниво со јасно изразени и чисти тонови.

Заклучок

LG Optimus L9 II е смартфон кој треба да го земете во обзир доколку се двоумите меѓу слични уреди од средната категорија. Негови предности се квалитетниот екран со HD резолуција, како и напредниот софтвер со изборот на голем број на алатки и додатоци за зголемување на мултитаскингот и организација. Optimus корисничкиот интефејс е еден од најдобрите во Android сферата, речиси поедеднакво добар како и TouchWiz UI на Samsung. Во останатите категории LG Optimus L9 II исто така нуди пристојно ниво на квалитет, но единствен компромис е направен во хардверот со користењето на дво-јадрен процесор, но затоа пак на тестовите за перформанси прикажа повисоки резултати од очекуваното. LG Optimus L9 II би било идеално да го купите во некоја од евтините пост-пејд тарифи каде ваквите телефони се нудат бесплатно во пакетот.

Автор

Христијан Станоевиќ





Прочитајте повеќе: