Nokia Lumia 2520 - Елеганција и моќ

Објавено на 12.01.2014 во Рецензија



Nokia Lumia 2520 - Елеганција и моќ

Nokia Lumia 2520 е првиот Windows 8 таблет на финската компанија Nokia кој може сериозно да се вмеша во борбата со премиум конкуренцијата. Овој таблет е вистинско освежување на Windows 8 сферата бидејќи доаѓа од бренд кој знае што сакаат корисниците и не лансира генерички уред кој само ќе ги пополни полиците.
 
 
Nokia Lumia 2520 е супер квалитетен таблет кој може да ги задоволи сите потреби на корисниците и доколку ви треба работа со напрeден оперативен систем како Windows 8 ова е вистински избор. Во продолжение ќе ги разгледаме сите аспекти од функционалноста на Nokia Lumia 2520 и дали може да се спротистави на професионалниот таблет Surface 2 Pro.
 
 
Дизајн
 
На прв поглед Nokia Lumia 2520 изгледа како еден голем смартфон и воопшто не изненадува дизајнерското решение бидејќи се работи за веќе проверен рецепт кој совршено функционира кај квалитетните Lumia телефони. Nokia Lumia 2520 припаѓа на категоријата на уреди со големина од 10 инчи, изгледа одлично и модерно, а неговите димензии се многу скромни и изнесуваат 267 x 168 x 8.9 mm, додека неговата тежина изнесува 615 грама. Таблетот доаѓа со четири бои на маската бела, црна, светло сина, додека највпечатлива е светкавата црвена боја која е најневообичаена и сигурно на многумина ќе им го привлече вниманието. 
 
 
Функциoналниот дел на таблетот исто така е квалитетно изработен, главното Windows копче е сместено под екранот, додека над него се наоѓаат LED сијаличката за известувања и предната камера од 2 мегапиксели. На уредот ќе најдете и голем број на додатоци како microHDMI, microUSB 3.0, 3.5mm влез за слушалки и пинови за дополнителна физичка тастатура. 
 
 
Дисплеј
 
Таблетот има 10.1 инчен IPS LCD HD екран со резолуција од 1920 x 1080 пиксели, но со нешто пониска густина на сликата од 218 ppi што и не е така лошо за голем уред како Nokia Lumia 2520. Квалитетот на боите е на високо ниво и тие се многу силно изразени, додека осветленоста на екранот воопшто не претставува никаков проблем. Истото важи и за видливоста од различни агли и без оглед во која насока ќе го држите таблетот нема да имате проблем со читање на текст или приказ на деталите.

Софтвер
 
За жал најголемиот недостаток на Nokia Lumia 2520 е што работи на скратената Windows RT 8.1 платформа која не може да ги користи повеќето десктоп апликации, туку работи само на апликациите за Windows 8 од базата на Microsoft Marketstore. Сепак, софтверскиот недостаток го надоместува Nokia со вклучување на сопствените бројни сервиси и апликации. Меѓу нив се издвојуваат Nokia HERE апликацијата за мапи и навигација, потоа Nokia Music преку кој може да превземате музичка содржина но, и да го користите како обичен музички плеер.
 
 
Од посебните софтверски додатоци за поголемо функционалност на таблетот се издвојуваат Health & Fitness, Food & Drink, Calculator, Alarm и Sound Recorder, како најквалитетни за поголема продуктивност на корисникот.
 
 
Хардвер
 
Nokia Lumia 2520 се спротиставува на Surface 2 со нешто поразличен хардвер, па наместо чипсетот Nvidia Tegra 4 го користи многу поафирмираниот четири-јадрен процесор Qualcomm Snapdragon 800 кој има работен такт од 2.2 GHz, со 2 GB RAM за непречен мултитаскинг и Adreno 330 GPU за врвен графички перформанс. Меморијата има капацитет од 32 GB и може да се зголеми за потребите на корисникот преку microSD мемориска картича.
 
 
Вака поставени компонентите не делуваат доволно моќно како Microsoft Surface 2 Pro кој повеќе наликува на лаптоп, но и со овој хардвер Nokia Lumia 2520 прикажува одлични резултати при извршување на сите видови на операции. Огромна предност на таблетот е можноста за поврзување со супер брзата 4G LTE конекција, но доколку не ви се трошат пари за мобилен интернет тука е бесплатната WiFi конекција. Од останатите поврзувања достапни се стандардните aGPS, Bluetooth 4.0 и NFC. Nokia Lumia 2520 има моќна батерија со капацитет од 8000 mAh која би требало да биде доволна за активна работа од два дена.
 
 
Камера и мултимедиа
 
Речиси сите таблети имаат камера со ограничен квалитет бидејќи логично е оваа компонента да ја користите што е можно помалку, но сеедно Nokia се потрудиле да вметнат подобро парче опрема како што е 6.7  мегапикселната камера со Carll Zeiss оптика. Сликите се навистина одлични со прецизни тонови и бои, додека пак кога ќе сликате ноќе ќе треба таблетот да го држите стабилно за да не се изгубат деталите и фокусот. Може да снимате и HD видеа со стабилни 30 фрејма во секунда, со одлична репродукција на аудиото, а видеата имаат послаб квалитет кога осветленоста е пониска. Како додаток за мултимедиата може да ја користите и апликацијата XBox Music преку која исто така може да симнувате песни, за кои треба да платите. Инаку квалитетот на двата звучника е оценет како многу прифатлив и не се забележуваат големи дисторзии.
 
 
Заклучок
 
Nokia Lumia 2520 е одлично компониран таблет и неговиот квалитет воопшто не изненадува бидејќи е дел на финската компанија која поседува големо знаење и напредна технологија. Најзабележителн дел е дизајнот на таблетот кој го издвојува од останатите, а секако може да се пофали и со квалитетен хардвер, камера која е над просекот, како и изборот на голем број на софтверски додатоци кои ќе ги покријат сите потреби на корисникот. Во однос на конкуреницијата може да се каже дека Nokia Lumia 2520 е рамо до рамо со iPad Air, Samsung Galaxy Note 10, како и со Microsoft Surface 2 RT кој е најмногу сличен. 
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: