Apple iPad mini 2 - Малиот принц

Објавено на 16.01.2014 во Рецензија



Apple iPad mini 2 - Малиот принц

Apple iPad mini 2 ја одигра улогата на фаворит од сенка на Apple кој им ги помати сметките на огромниот број на Android таблети со мала големина, односно со екрани помеѓу 7 и 8 инчи. Apple за да не изгледа како да ги копира идеите на конкурентите лани го претстави првиот модел на таблет со големина на екранот од 7.9 инчи, а овој пат ја лансираше и неговата понапредна верзија чија главна предност е зголемената резолуција која го исполнува нивниот Retina Display стандард. Исто така таблетот iPad mini 2 носи уште неколку подобрувања во внатрешноста.Во неговите квалитети можевме лично да се увериме благодарение на Duna Computers кои ни овозможија да го тестираме прекрасниот таблет iPad mini 2.

Бепрекорен дизајн

iPad mini 2 визуелно нема речиси никакви поголеми промени во однос на претходниот модел кој сеуште еден од најдобрите на пазарот со употреба на премиум материјали, сместени во минимални димензии. Токму тука е предноста на малиот таблет кој е изработен речиси целосно од алуминиум, има димензии кои изнесуваат 200 x 134.7 x 7.5 mm и тежи само 341 грам што го прави многу лесен и удобен за држење во рака. Мал недостаток е неговата ширина заради сразмерот на екранот, па така е речиси невозможно да го држите со само една рака подолго време, што не е проблем кај таблетите од 7 инчи.

iPad mini 2 е еден од најквалитетните таблети кои ќе ги сретнете на пазарот, а премиум чуството при ракување со таблетот е неизоставно. За жал и покрај бројните шпекулации Apple се одлучи да не го употреби скенерот за отпечатоци Touch ID ниту златната боја на маската како кај смартфонот iPhone 5s што е мало разочарување. Таблетот има две бои за избор на маската, тоа се сребрена и темно сива (space gray).

Дисплеј

Главниот адут на iPad mini 2е токму збогатениот IPS LCD Retina Display со резолуција од високи 2048 x 1536 пиксели кои резултираат со густина на сликата од 360 пиксели на еден инч. Боите и деталите на дисплејот се одлично изразени, а исто така има голема видливост и широки агли. Со овој екран нема да имате никакви проблеми со видливоста на отворено заради силната осветленост. Таблетот е идеален за гледање на видеа со HD резолуција или пак играње на најдобрите 3D мобилни игри. Квалитетот на сликата и богатата визуелна презентација сигурно ќе ве воодушеви на прв поглед и што е најважно дисплејот не ги заморува вашите очи, па ќе може да го користите подолго време.

Интерфејс и софтвер

iPad mini 2е уред што доаѓа со новиот оперативен систем iOs 7, но за разлика од другите производители Apple нема внесено посебни додатоци за работа на таблетот, туку тие се дел од самиот софтвер. Подобрувањето на софверот може да го забележите и со надградените апликации кои се специјализирани за работа на таблетот, а предностите лежат во високата резолуција како и поголем и попрегледен интерфејс на опциите на самата апликација.

Од функциите на iOs 7 за iPad mini 2 се издвојуваат контролите преку гестовите на „бришење“ низ екранот за минимизирање, затворање и премин од една во друга апликација што го зголемува нивото на мултитаскинг. Понатаму се истакнува и едноставноста во пристапот на главното мени каде се сместени сите прилагодувања подредени во неколку категории како системски опции, управување со апликациите, конекцијата, меморијата и интернет сервисите.

Големи подобрувања има и во брзото известување со новиот додаток кој ви овозможува сите пораки од социјалните мрежи или имеил сервисот да ги активирате веднаш без оглед што работите во моментот, а доколку таблетот не ви е при рака ќе ве алармира звук и нотификациите ќе останат забележани и во наредните денови.

Понатаму iOs 7 носи нови функции кои овозможуваат брзо споделување на содржини и податоци, па така со активирање на долната страна на екранот се отвара Air Drop менито каде може да селектирате на кој начин ќе ја пренесете одбраната слика, песна или друга мултимедијална содржина.

Apple не застанал тука и Air Drop менито го збогатил и со уште голем број на функции кои овозможуваат брз пристап до главните состојби на смарт уредот како степенот на осветленоста на екранот, прилагодување на мобилната или интерент конекцијата и останатите поврзувања и режими на работа.

Хардвер

Втората голема надградба кај iPad mini 2 е употребата на новиот А7 процесор кој се базира на 64 битна архитектура што е доволно за обезбедување на врвни перформанси. Овој чипсет има две јадра со брзина од 1.3 GHz и е комбиниран со PowerVR G6430 GPU графичката карта. Од останатите компоненти се издвојуваат и 1 GB RAM, како и четири модели со вградена меморија од 16, 32, 64 и 128 GB.

Перформанси

Работата со таблетот покажува колку е моќен овој процесор бидејќи ниту една операција не беше закочена, а доста добро се покажа при сурфање на интернет со многу големи брзини преку Wi-Fi конекција од 6 MB/s, како и висок перформанс на најатрактивната игра Dead Triger 2 која бара максимални графички компоненти. Таблетот има и посебна верзија со мобилна 4G LTE мрежа, додека стандардниот модел има Wi-Fi поврзување, како и вообичаените aGPS и Bluetooth 4.0 конекции.

Нова iSight камера

iPad mini 2 поседува речиси идентична камера како и неговиот претходник со сензор од 5 мегапиксели, но Apple тврди дека додал нови компоненти како дел од новата iSight апаратура со леќа со големина од f/2.5 mm што значи и зголемен капацитет на апсорбпција на светлината. Камерата исто така има светло за заднинска осветленост, LED блиц, BSI сензор, дигитална стабилизација на сликата и снимање на HD видеа со 1080p. Единствен недостаток на 5 мегапикселната iSight не е во градбата или апаратурата, туку во интерфејсот каде не се понудени некои нови алатки за прилагодување на сликите, туку стандардните модови и додатоци како Panorama и HDR. Затоа најдобро е да инсталирате некоја бесплатна апликација за дополнителни ефекти и филтри за камерата.

Мултимедиа и забава

Таблетот има висок степен на функционалност и приказот на веб апликациите е речиси идентичен како и нивната десктоп верзија со што значително се зголемува ефикасноста при работа, но освен за професионални задачи со iPad mini 2 сигурно ќе имате многу забава. Треба да се истакне дека неговиот звучник произведува многу пријатен тон благодарение на двата стерео звучници и во ниту еден момент не ја губи гласноста, ниту пак доаѓа до дисторизии при највисоките тонови. Секако тука е и огромниот избор на апликации и содржини во iTunes и App Store кои ќе ви го привлечат вниманието.  

Заклучок

iPad mini 2 слободно може да се оцени како еден од најдобрите таблети на пазарот благодарение на квалитетниот дизајн составен од премиум материјали и врвна естетика, како и самиот факт што се работи за уред со големина од 7.9 инчи што е совршено за домашна и надворешна употреба. Понатаму iPad mini 2 плени со леснотијата со која се извршуваат сите операции, почнувајќи од мултитаскинг, работа со апликации, играње на најсложените 3D игри, гледање на HD видеа на YouTube и многу други задачи кои се извршуваат без ниту едно кочење.

Тоа му го препишуваме на новиот 64 битен A7 процесор кој совршено функционира кај мобилните уреди, вклучувајќи го и овој таблет. На крај завршниот збор ќе го дадеме за квалитетот на екранот кој е беспрекорен, видливоста е на завидно ниво, а ќе уживате и во високата HD резолуција при гледање на видеа, слики, читање текст и други содржини. Единствен недостаток кај овој таблет е во одлуката на Apple да не го употреби скенерот за отпечатоци Touch ID кој се најде кај iPhone 5s, но се друго е одлично искомпонирано.

Автор

Христијан Станоевиќ

Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: