Samsung Galaxy Trend Plus - Бидете во тренд

Објавено на 26.01.2014 во Рецензија



Samsung Galaxy Trend Plus - Бидете во тренд

Samsung Galaxy Trend Plus е еден од најновите смартфони на корејскиот технолошки гигант кој е ставен во втор план бидејќи е наменет за ниската класа, односно за купувачите со најмал буџет и за оние кои сакаат мал и едноставен телефон. Samsung Galaxy Trend Plus се продава по многу ниска цена од околу 10.000 денари и најчесто ќе го сретенете во при-пејд понудите. За тие пари добивате просечен уред кој има неколку позитивни каракатеристики како афирмиран бренд, добар дизајн и екран со пристоен квалитет.
 
 
Дизајн
 
Samsung Galaxy Trend Plus е мало телефонче со веќе познат дизајн сличен на повеќето смартфони на Samsung со заоблени агли и мали димензии кои го прават лесен за управување со една рака и е удобен за држење. Неговите димензии изнесуваат 121.5 x 63.1 милиметри, неговата дебелина е нешто над просекот со 10.5 милиметри, додека тежината од 118 грама е сосема прифатлива. Како и повеќето смартфони на Samsung изработен е од пластика која на моменти дава впечаток на евтиност, така да не треба премногу да очекувате во тој дел. Изборот на маската доаѓа во бела и црна варијанта, а задната мека прекривка може да ја отстраните. Под екранот е сместено големо физичко копче кое најмногу се користи, додека странично се наоѓаат копчињата за вклучување/заклучување и регулаторот на звук.
 
 
Дисплеј
 
Во ниската класа исто така не треба да имате преголеми очекувања кога е во прашање острината на сликата и високата резолуција, па така и Samsung Galaxy Trend Plus не отстапува од таа определба. Неговиот TFT LCD дисплеј има големина од 4 инчи и резолуција од просечни 480 х 800 пиксели. Густината на сликата е измерена на 233 ppi што е сосема прифатливо бидејќи со овој стандард ќе добиете добра видливост, репродукција на бои кои се многу „живи“, додека осветленоста е довлно високо изразена за одлична видливост на отворено и рефлексијата на сончевата светлина нема премногу да се одразува на екранот.
 
 
Софтвер и интерфејс
 
Доколку веќе сте ракувале со некој смартфон на Samsung менито и опциите на Galaxy Trend Plus ќе ви бидат сосема познати бидејќи е искористен корисничкиот интерфејс TouchWiz. Тука е присутна вообичаената организација на почетниот екран со избор на повеќе панели каде се сместени најважните апликации и сервиси кои ги користите, а исто така може да додавате и дополнителни кратенки од менито на виџети. Во контролниот центар се наоѓаат најважните прилагодувања за смартфонот до кои може да пристапите веднаш и истите се обележани со зелената боја која е знак дека се активирани. Предноста во софтверот е што е употребена нешто поновата верзија на Android 4.2.2 Jelly Bean што остава простор за надградби во иднина. Единствен недостаток во софтверот на овој смартфон е што не се употребени најновите алатки како S Health, Group Play, S Translator, and и S Voice кои ги користат уредите на Samsung од повисоките класи.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Хардверот е составен од компоненти со ограничени можности, а најмногу изненадува мобилниот процесор од фирмата Broadcom кој одамна не сме го сретнале кај производителите. Се работи за чипсет со две-јадра Cortex-A9 со брзина на работниот такт од 1.2 GHz, на него се наоѓа и графичката карта VideoCore IV и има само 768 МB RAM. Со овие компоненти кои се невообичаени Samsung Galaxy Trend Plus обезбедува пристојни резултати на сајтовите за мерење на перформансите, но и воопшто во реалната употреба се снаоѓа сосема добро. Мали кочења може да се појават при употреба на игри и апликации кои бараат помоќна „машина“, а исто така не треба да очекувате огромни брзини при користење на интернет мрежи и сервиси. Меморијата на Samsung Galaxy Trend Plus изнесува само 4 GB, па затоа неопходно е да купите дополнителна мемориска microSD картичка. Батеријата има капацитет од 1500 mAh што е доволно за активна работа од околу 8 часа.
 
 
Камера 
 
Samsung Galaxy Trend Plus има просечна камера од 5 мегапиксели и би биле навистина пријатно изненадени ако Samsung се одлучеше за нешто подобар сензор, но сеедно ниската класа мора да има свои ограничување. Камерата е опремена со LED блиц, има големина на апаратурата од F2.6, додека изненадува и примената на PopupAuto focus, наместо подобриот начин на контрола преку допир. Предноста на камерата се наоѓа во стандардно квалитетниот интерфејс на Samsung каде се понудени бројни прилагодувања на сцената како Night mode, Panorama, Burst shot, Sports и други. Со неа може да снимате и HD видеа со резолуција до 720p.
 
 
Заклучок
 
Samsung Galaxy Trend Plus е прилично едноставен телефон со компоненти кои се сосема доволни за извршување на сите потреби на корисникот. Со неговиот TFT LCD дисплеј нема да имате никакви проблеми со видливоста, додека пак хардверот ќе ви обезбеди солиден перформанс и нема да ве остави на цедило при работа со апликации, игри, користење на интернет и повремена забава со мултимедијални содржини. Кај Samsung Galaxy Trend Plus не може да се одвои сегмент кој најмногу пречи бидејќи се добива впечаток на добро избалансирани перформанси во сите категории. Сепак, пред да се одлучите да го купите овој смартфон ќе треба добро да ја разгледате ниската класа или пак да додадете уште некој денар повеќе и да купите смартфон со поголем екран и подобра резолуција, кој ќе има 8 мегапикселна камера и нешто поквалитетен хардвер и батерија.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: