Samsung Galaxy Express 2 - Експресно брз смартфон

Објавено на 07.02.2014 во Рецензија



Samsung Galaxy Express 2 - Експресно брз смартфон

Samsung Galaxy Express 2 е еден од најновите смартфони на корејскиот гигант и се издвојува од огромната понуда со неколку интересни карактеристики. Главната замисла на Samsung Mobile е овој смартфон да биде еден од најевтините во средната класа кој ќе работи на новата LTE 4G мобилна мрежа, заедно со неколку квалитетни компоненти.
 
 
Дизајн
 
Samsung Mobile е познат по тоа што не вложува големи напори во дизајнот за средната и ниската класа, па затоа овие поевтини Galaxy смартфони често се гломазни со нешто поголеми димензии од вообичаеното, а тука не е исклучок ниту Samsung Galaxy Express 2. Се работи за уред кој има големина на екранот од 4.5 инчи но, има тежина од 135 грама и дебелина од 9.8 милиметри. Сепак, за неговата градба која иако е малку гломазна може да се каже дека е добро составена и ќе добиете чуство на повисок квалитет од вообичаеното. Предната страна многу наликува на формата на Samsung Galaxy S4, а под екранот се сместени трите вградени копчиња back, home и setings. Рамката околу екранот е доволно тенка за вкупна ширина на смартфонот од 65 милиметри, додека во висина е нешто повеќе издолжена и се добиваат вкупно 132 милиметри па нема да ви биде многу тешко да го држите и управувате со една рака.
 
 
 
 
Екран
 
Кај Samsung Galaxy Express 2 кој припаѓа на средната класа за жал нема да го најдете AMOLED дисплејот кој се смета за еден од најквалитетните со најнапредна технологија, но истиот е заменет со сосема пристојниот IPS LCD дисплеј. Samsung Galaxy Express 2 има големина од 4.5 инчи на екранот и резолуција од прифатливи 540 x 960 пиксели што резултира со густина на сликата од 245 пиксели на еден инч. Острината и деталноста на сликата се на високо ниво, додека помали проблеми има со осветленоста на екранот за која нема опција автоматски да се прилагодува на надворешните услови и тоа ќе треба да го правите рачно кога ќе го користите смартфонот преку ден под силна сончева светлина. 
 
 
Софтвер
 
Samsung Galaxy Express 2 ги поседува сите најнови софтверски додатоци кои доаѓаат во пакет со корисничкиот интерфејс Samsung TouchWiz Nature UX 2.0 и ја има истата функционалност како и Samsung Galaxy S4, потег што навистина е за пофалби бидејќи досега смартфоните од пониските класи работеа со многу посиромашен софтвер. Со Samsung Galaxy Express 2 ќе може да ги користите сите смарт алатки како „воздушни гестови“ без потреба од допир на екранот за внес на команди, потоа смарт опциите за гледање на видеа и мултимедијална содржина, како и бројните алатки за работа и организација S Planner, S Memo, S Beam, Screen Mirroring и уште многу други.
 
 
Samsung има и своја апликација за инстант испраќање пораки ChatON и прегледна виртуелна тастура со одличен распоред на буквите, бројките и симболите. Мал недостаток во софтверот е што Samsung Galaxy Express 2 работи на постарата верзија на Android Jelly Bean 4.2 што може да значи дека во иднина надградбите ќе се извршуваат многу потешко.
 
 
Хардвер
 
Се до разгледување на хардверот на Samsung Galaxy Express 2 не може да му се најдат поголеми неостатоци со оглед дека се работи за уред од средната класа и токму кога ќе ги погледнете неговите спецификации може малку да се разочарате. Смартфонот работи на дво-јадрен Snapdragon S4 Plus системски чип со брзина на CPU од 1.7GHz во комбинација со за нијанса подобрата Adreno 305графичка и 1.5GB LPDDR2 RAM. Неговата меморија изнесува 8 GB но, поради огромниот број на софтверски додатоци за користење се достапни само 4.5 GB па, затоа неопходно е да купите дополнителна мемориска microSD картичка. 
 
 
Изненадувачки но, перформансите на Samsung Galaxy Express 2 се навистина извонредни без забележување на поголеми кочења во интерфејсот, работа со апликации или пак играње на покомплицирани игри. Најважниот момент во хардверот е секако употребата на антена за 4G LTE мрежата која е приспособена за работа пред се во Европа, а бидејќи сеуште не е пуштена во употреба во Македонија може да се поврзете преку стандардната 3G HSPA+ мрежа која достигнува одлична брзина до 42.2 Mbps.
 
 
Камера
 
Samsung Galaxy Express 2 има 5 мегапикселна камера со авто фокус и LED блиц, а тоа што ја прави подобра е дефинитивно дополнителниот софтвер на Samsung кој овозможува голем број на прилагодувања на сцената, избор на ефекти и додатоци. Предната камера е со VGA квалитет и ретко ќе ја користите за автопортрети и видео повици. Во интерфејсот на камерата кој е идентичен како и кај Samsung Galaxy S4 најмногу се издвојуваат опциите Panorama, Night, Sports, Action Shot и други.
 
 
Заклучок
 
Samsung Galaxy Express 2 e убедливо еден од најскапите смартфони во средната класа бидејќи се продава по цена од околу 350 евра без склучен договор со што многумина добро ќе размислат дали да го купат затоа што во истата класа ќе најдете многу добри смартфони на Alcatel, Sony и HTC. Samsung Galaxy Express 2 во речиси сите категории нуди пристоен квалитет, па така нема да имате никаков проблем со видливоста на екранот, хардверот ќе ги врши сите операции непречено иако е состаен од само дво-јадрен процесор, додека најголемиот бенефит е употребата на најновиот софтвер со кого може да се пофалите дека ги имате истите опции како супер квалитетниот Samsung Galaxy S4. Томку затоа високо поставената цена се чини дека е сосема оправдана.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: