Sony Xperia Z1 Compact - Редефиниција на квалитетот

Објавено на 14.02.2014 во Рецензија



Sony Xperia Z1 Compact - Редефиниција на квалитетот

Sony Xperia Z1 Compact е најдобриот смартфон досега претставен во 2014 година и за него владее невиден интерес што го потврдуваат и бројките на продажба во повеќе пазари на светот и има зошто. Sony Xperia Z1 Compact целосно го промени концептот за мини верзии на познатите премиум смартфони кои само го позајмуваа името на подобриот смартфон во помало пакување со компоненти кои припаѓаат на средната класа.

За Sony Xperia Z1 Compact може да се каже дека е дури и подобар од целосната верзија на Sony Xperia Z1 бидејќи има фантастичен екран, супер камера од 21 мегапиксел и батерија која издржува речиси два дена со активна работа. Одамна не сме виделе вака мал телефон со огромна концетрација на моќ како Sony Xperia Z1 Compact, па сосема заслужено може да го прогласиме за еден од најдобрите смартфони досега.

Премиум дизајн во компактно тело

Како и сите премиум модели на Sony така и Sony Xperia Z1 Compact е водоотпорен и може да издржи под вода цели 30 минути што значи дека може да пливате во базен и да правите подводни фотографии или видеа. Квалитетот на градба исто така е на високо ниво без оглед што се работи за мини верзија и употребени се истите премиум материјали како стакло и метал. Мал недостаток е што маската многу брзо собира прашина што и не е така страшно.

Голема предност на Sony Xperia Z1 Compact се неговите идеални димензии и за разлика од повеќето 5 инчни телефони совршено се вклопува во дланката и може да го користат сите, особено жените кои нема да имаат никаков проблем со држењето и управувањето со една рака. Неговите димензии изнесуваат 127 x 64.9 x 9.5 милиметри и со тежина од 137 грама што му дава впечаток на гломазност но, како што констатиравме воопшто не се приметува некаква тежина бидејќи смартфонот удобно се сместува во џеб каде нема ни да го забележите, додека со леснотија легнува во раката.

Дисплеј

Суперлативите за Sony Xperia Z1 Compact продолжуваат и во делот на IPS LCD екранот кој има обезбедено HD резолуција од 720 x 1280 пиксели што на големина од 4.3 инчи е сосема доволно и резултира со високи 342 ppi густина на пикселација. Видливоста на екранот е совршена, деталите се високо изразени и боите имаат силен отсјај но, не премногу за да изгледаат вештачки.

Сликата на Sony Xperia Z1 Compact е одлично прилагодена за око и ќе бидете премногу задоволни при гледање на видеа, читање на текст и играње на игри. Освeтленоста на екранот исто така е за голема пофалба, а доколку ви изгледа на моменти малку затемнето има опција наречена „прилагодување на надворешните услови“ со што екранот дополнително ќе се осветли и нема да имате никаков проблем со рефлексија или ниска видливост од различни агли.

Едноставен и супер корисен интерфејс

Sony Xperia Z1 Compact работи на оперативниот систем Android 4.3 Jelly Bean што значи дека набрзо ќе добие и софтверска надградба со најновата верзија KitKat но,во овој момент нема да најдете никаков недостаток. Како надoполнување на софтверот е искористен интерфејсот на Sony кој во последно време е се подобар и има голем број на квалитетни додатоци кои нема да ги најдете кај ниту еден друг смартфон.

 

Организацијата на менито е одлично решена со понуда на три панели уште при заклучениот екран, каде се остава и избор за брза активација на камерата или некоја друга апликација. Почетното мени пак, е составено од шест панели на кои може да ги внесувате сите икони и виџети од апликациите кои најмногу ги користите, заедно со неколку кратенки на Sony кои се наменети за датумот и часовникот, камерата, временска прогноза и брз пристап до апликациите и сервисите изработени од Sony.

 

На располагање имате и огормен избор на позадини и теми кои се одлично дизајнирани.Целото мени со повлекување надолу може да се претвори во ланчер каде ќе ги видите на едно место сите употребни кратенки и на мнопгу прегледен начин може да одлучите што ви треба, а што не. Интерфејсот на Sony е дефинитивно еден од најдобрите и во софтверска смисла на организација и визуелно со кохерентниот дизајн. Повлекувањето од лево кон десно го активира менито за мултитаскинг на Sony каде ќе ви се појават 20-те најкористени апликации и истите потоа може да ги прераспределувате по ваш избор.

 

Перформанси на ниво

Хардверските компоненти на Sony Xperia Z1 Compact се многу паметно одбрани за да се дојде до нешто пониска цена во високата класа. Затоа смартфонот работи на четири-јадрениот Snapdragon 400 процесор кој се смета за нешто послаб во серијата на Qualcomm но, комбиниран со 4.3 инчен 720p екран е способен за многу поефикасна работа и искористување на целосните потенцијали, па затоа неговата брзина од максимални 2.2 GHz е сосема доволна за непречено одвивање на сите процеси каде нема да забележите ниту едно кочење.

Хардверот е надополнет и со графичка Adreno 330 која е од врвна класа и е одлична за играње на најновите 3D игри и гледање на HD видеа, додека за непречен мултитаксинг се искористени и 2 GB RAM. Меморијата на Sony Xperia Z1 Compact изнесува 16 GB и може да се надополни преку слот за мемориска microSD картичка кој е сместен на левата горна страна. Смартфонот има и 4G LTE антена што значи дека наскоро ќе може да ја користите и најбрзата мобилна мрежа, додека пак од останатите поврзувања присутни се стандардните Wi-Fi, NFC, Bluetooth 4.0, MHL и DLNA.

Фантастична 21 мегапикселна камера

Камерата на Z1 Compact има импресивни 20.7 мегапиксели и совршено склопена апаратура со широки и големи леќи кои апсорбираат многу светлина, опфаќаат широки агли пред себе и пикселите имаат рекордна големина од 1.1 микрон. Технички камерата на Z1 Compact е вистинско ремек дело со оглед дека е сместена во многу мало тело и со неа може да правите слики со супериорен квалитет во секакви услови, додека единствена забелешка оди на сметка на блицот кој има ограничен домет од два метри, што и не е така лошо.

Sony исто како и кај Xperia Z1 ги вклучил сите новитети во софтверот на камерата кои може да ги користите за прилагодување на сцената на многу начини од кој се препорачува да го користите SuperiorAuto mode за да не се мачите рачно да ги прилагодувате блицот, макро и HDR модот, додека пак понудени се и неколку интересни додатоци како SocialLife за пренос на видео од 10 минути директно на Facebook, потоа InfoEye за добивање на корисни информации за предметот кој го сликата и додавање на интересни 3D објекти преку процесот на пренесена реалност.

Заклучок

Треба да им се заблaгодариме и на Мобико кои се официјален партнер на Sony Mobile бидејќи ни овозможија лично да се увериме во квалитетите на Sony Xperia Z1 Compact, па доколку го задржавме вашиот интерес наскоро овој смартфон ќе може да го најдете и во Македонија. Sony Xperia Z1 Compact е смартфон кој целосно ја редефинира високата класа бидејќи отвора една сосема нова перспектива. Во последните две години во мобилната индустрија важеше правилото поголемо е подобро но, со Sony Xperia Z1 Compact се покажува дека и „малите“ смартфони од Android сферата може да бидат подеднакво привлечни.

Sony Xperia Z1 Compact е многу практичен смартфон и со него добивате врвни перформанси во сите области како водоотпорен и премиум дизајн, супер квалитетна камера од 21 мегапиксел, хардвер кој може да одговори на секоја задача, супер издржлива батерија која иако е со капацитет од 2300 mAh заради скратените компоненти побавно се троши и секако тука е одличниот софтвер надополнет со интерфејсот на Sony кој е одлично дизајниран, едноставен е за користење и е богат со квалитетни и корисни додатоци.

Автор

Христијан Станоевиќ 





Прочитајте повеќе: