Asus Transformer Book Trio - Три во едно

Објавено на 17.02.2014 во Рецензија



Asus Transformer Book Trio - Три во едно

Таблетите се категорија која потешко стигнува до своите купувачи бидејќи се работи за производи кај кои ретко гледаме воведување на големи иновации и новитети и пазарот е преплавен со еднолични уреди со просечен квалитет. Една од определбите на најквалитетните брендови во оваа област е воведување на подобри таблети кои ќе нудат многу повеќе за корисниците како што се трансформација на уредот во лаптоп и понуда на повеќе оперативни системи. Токму таков е Asus Transformer Book Trio кој дефинитивно се издвојува од останатите во класата со двата оперативни системи Android и Windows и може да се пофали со неколку интересни додатоци.

Дисплеј

Taблетот има екран со надпросечна големина од 11.6 инчи кој доаѓа од IPS LCD технологијата и може да се пофали со високата HD резолуција од 1080p со густина на пикселација од 190 ppi со што се добива ефективна слика која може без проблем да се адаптира на нашето око при читање на текст и користење на други мултимедијални содржини. Недостаток на дисплејот на Asus Transformer Book Trio е во делот на осветленоста која е потпросечна и ќе имате намалена видливост при користење на таблетот на отворено. Боите се одлично изразени и на моменти делуваат помалку вештачки но, тоа може да се прилагодува.

Дизајн

Asus е компанија која никогаш не се плаши да експериментира и досега видовме фантастични уреди со двојни функции на смартфон што се внесува во таблет и таблети кои имаат дополнителна телефонска функција како Asus Phonepad. Во тој дух е изработен и Asus Transformer Book Trio каде квалитетот на градба е истакнат на високо ниво и од задната метална прекривка ќе бидете премногу задоволни.

Предната страна е нешто поголема од вообичаено поради пошироката рамка која го опкружува екранот и се добиваат димензии кои изнесуваат 304.9 x 193.8 x 9.7 милиметри и тежина од 700 грама со што Asus Transformer Book Trio сигурно не се сместува меѓу најтенките и најлесните таблети но, истовремено не е ниту премногу гломазен за да биде непрактичен бидејќи екранот како што споменавме е прилично голем со 11.6 инчи. Во пакет со таблетот се вклучени дополнителни прекривка за екранот и физичка тастатура која ќе ја оцениме во продолжение.

 

Докинг тастатура

Една од главните предности на Asus Transformer Book Trio е што доаѓа со дополнителна физичка QWERTY тастура која лесно се прикачува на таблетот и истовремено функционира и како негов витален дел. Во неа се сместени суштински компоненти како дополнителна батерија но, и вториот и главен Intel Core i7-4500U процесор со две јадра и брзина од 1.8 GHz. Моќниот процесор е надополнет и со 4 GB RAM и 500 GB вградена меморија.

На докинг станицата се вклучени и комплет влезови и излези за аудио, видео, два USB 3.0 порта, microHDMI и Mini Display порт. Копчињата на тастатурата се добро изработени даваат навремена реакција но, мал недостаток е што немаат позаднинско осветлување па така нема да гледате што притискате во темница.

Перформанси

Основниот таблет кој работи на оперативниот систем Android има нешто поскромни хардверски компоненти кои одговараат на потребите на софтверот. Доколку го користите само таблетот неповрзан со тастатурата добивате хардвер составен од дво-јадрен Intel Atom Z2560 процесор со брзина од 1.6 GHz, 2 GB RAM, 16 GB и батерија која има капацитет за активна работа од 5 часа плус 8 часа од дополнителната батерија која се наоѓа во тастатурата.

Три начини на работа

Asus Transformer Book Trio работи на Android 4.2.2 Jelly Bean и има целосен пристап до Windows 8.1 системот што е особено важно при поврзување со тастатурата бидејќи на овој начин добивате мини лаптоп кој може да ги користи сите вообичаени десктоп компоненти. Инаку таблетот може да се користи и како PC станица благодарение на сите вообичани портови, со што го заслужува епитетот „Трио“. Таблет операциите се извршуваат само со оперативниот систем Android, бидејќи нема хардверски капацитет за да се комбинира работата со Windows 8.1.

Вториот лаптоп мод се активира со дополнителната тастатура и непречено може да се префрлате од Android во Windows 8.1 менито речиси инстантно со притискање на посебно копче. Конечно, третиот PC мод ви овозможува додека работите со Android системот десктоп варијантата на Windows 8.1 да ја активирате преку надворешен монитор како независна десктоп станица преку monitor/HDTV излезите со microHDMI или Mini Display приклучоците.

Камера

Камерата кај Asus Transformer Book Trio e најнезначајниот дел но, доколку некој планира да прави слики и видеа со овој таблет/лаптоп ќе треба да се задоволи со 5 мегапикселна камера и предна камера со 1 мегапиксел за автопортрети и видео разговори. Бидејќи се работи за хибриден уред на располагање ќе имате две апликации за камерата но, многу покорисна и поефикасна е апликацијата на Android каде ќе најдете и голем број на прилагодувања и додатоци како HDR и панорама. Со Asus Transformer Book Trio може да снимате HD видеа со капацитет од 1080p со чист звук без поголеми дисторзии но, недостаток е немањето на постојан автофокус кој ќе треба да го прилагодувате рачно.

Заклучок

Asus Transformer Book Trio е супер хибриден уред кој со цело право може да се пофали дека обезбедува дури три различни функции за корисникот. На овој начин ви се заштедува време доколку работите на различни проекти на различни платформи бидејќи со леснотија може да се префлите од Android на Windows 8.1, како и предноста од носење на само еден уред со себе кој може лесно да се трансформира.

Сепак, овој моќен хибрид има еден голем недостаток, а тоа е цената која е поставена премногу високо на околу 1500 долари, со што сите би рекле дека за тие пари ќе купитe два таблета и моќен лаптоп. Доколку не ви пречи високата цена Asus Transformer Book Trio може да биде фантастичен избор за напредните корисинци кои сакаат да ги имаат најновите уреди и иновации, да извршуваат голем број на операции истовремено и сакаат целосно искуство од двете одлични платформи Android и Windows 8.1.

Автор

Христијан Станоевиќ