Nokia Lumia 525 - Мало, слатко, практично

Објавено на 23.02.2014 во Рецензија



Nokia Lumia 525 -  Мало, слатко, практично

Nokia одржува статус кво ситуација чекајќи да биде завршена трансакцијата со Microsoft кој ќе го превземе мобилниот сектор и ќе треба да одлучи како да го користи брендот Lumia и во кој правец ќе продолжи производството на нови смартфони. Затоа во последниот период освен Nokia Lumia 525 нема голем број на нови уреди кои може да го привлечат вниманието, а фокусот е ставен на изработка на надградбата на оперативниот систем Windows Phone 8.1. Додека не се реализираат сите новитети ќе се задржиме на Nokia Lumia 525 како еден од најпривлечните смартфони во понудата на Nokia бидејќи доаѓа со многу ниска цена и успеа да ги врати купувачите кон финскиот бренд.
 
 
Дизајн
 
Nokia Lumia 525 е мала надградба во однос на неговиот претходник Lumia 520 па затоа нема да најдете речиси никакви промени во однос на дизајнот. Се работи за смартфон кој одалеку ќе забележите дека е производ на Nokia со сјајната надворешност и цврстината на градбата. Lumia 525 има и пристојни димензии кои изнесуваат 119.9 x 64 x 9.9 милиметри и тежи 124 грама, што секако не го става меѓу најтенките и најлесни уреди на пазарот но, е речиси идентичен во конституцијата како и останатите смартфони на Nokia. Маската доаѓа во избор од четири различни бои жолта, црвена, црна и бела.
 
 
Екран
 
Бидејќи се работи за смартфон од ниската класа во понудата на Windows Phone 8 сферата не треба да се очекува примена на дисплеј кој ќе плени со високата резолуција, па затоа корисниците ќе треба да се задоволат со многу послабиот qHD стандард од 480 x 800 пиксели со 233 ppi густина на пикселација која е сосема доволна за пристојна слика и видливост на IPS LCD диплејот со големина од 4 инчи. Екранот има голем степен на осетливост и ќе може да го управувате и со ракавици, додека пак видливоста на отворено и под различни агли е многу ограничена и ќе треба да ја поставите осветеленоста на највисоко ниво.
 
 
Софтвер
 
Повеќето од недостатоците на Nokia Lumia 525 се надоместени со примената на големиот број на корисни софтверски додатоци. Смартфонот работи на оперативниот систем Windows Phone 8 што значи дека ќе имате пристап до голем број на апликации и игри во Windows Store, каде што базата постојано се зголемува со најпопуларните сервиси, а од друга страна и Nokia ги доставува речиси сите врвни апликации како Nokia HERE и Nokia Drive за мапи и офлајн навигација, Nokia Mix Radio за мултимедија, Nokia Beamer и Nokia Cinemagraph за правење анимации и уредување на слики, како и електронскиот магазин Zinio.
 
 
Менито и организацијата на почетните панели се уредени преку LiveTies интерфејсот каде најкористените апликации и сервиси се покажуваат во икони чија големина и местоположба може да ја променувате. Виртуелната тастатура на  Nokia Lumia 525 е одлично поставена со сите букви и додатни знаци но, ќе треба да се навикнете на малиот екран. Од останатите организациски алатки Microsoft има креирано одлична понуда во Windows Phone 8 и нема ништо да ви недостасува.
 
 
Застарен но, функционален хардвер
 
Хардверските компоненти на Nokia Lumia 525 изгледаат навистина застарено но, треба да се земе во предвид дека до неодамна дво-јадрените процесори беа стандард за Microsoft така да не може да се најдат големи замерки. Nokia Lumia 525 работи на дво-јадрен Qualcomm Snapdgragonn 400 процесор со брзина од 1 GHz, во комбинација со Adreno 305 GPU графичка карта, 1 GB RAM и 8 GB меморија која може да се надополни преку microSD картичка до 64 GB. Перформансите со овој хардвер се сосема задоволителни и смартфонот нема да ве остави на цедило при извршување на било каква операција. Во делот на поврзувањето искористени се антена за HSDPA+ мрежа, Bluetooth 4.0, A-GPS GLONASS, Wi-Fi и microUSB 2.0.
 
 
Добра камера но, без блиц
 
Камерата отсекогаш било најсилното оружје на Nokia каде корисниците може да добијат одлични резултати. Nokia Lumia 525 има камера со сензор само 5 мегапиксели, просечна апаратура во споредба со останатите квалитетни смартфони и нема ниту LED блиц што е голем недостаток па затоа ноќните слики не доаѓаат во предвид. Камерата на Nokia Lumia 525 може да ја користите само преку ден каде ќе добиете многу добри слики и видеа, со висок процент на детали и пристојна репродукција на боите. Во интерфејсот на камерата е додадена и апликацијата Nokia Smart Cam со која ќе може да додавате голем број на ефекти и прилагодувања. 
 
 
Заклучок
 
Nokia Lumia 525 е најевтиниот и наједноставниот Windows Phone 8 смартфон на пазарот и е наменет токму за купувачите кои сакаат да работат на платформата на Microsoft и не можат или не сакаат да потрошат многу пари на нов телефон. Затоа Nokia Lumia 525 треба да се оценува како телефон од ниската класа со спецификации кои овозможуваат непречено извршување на основните операции, како и можноста да ги имате сите најнови сервиси на Nokia и Microsoft. Дизајнот е просечен за еден смартфон на Nokia но, задоволува неговата цврстина и сјајна надворешност, додека пак квалитетот на екранот и камерата иако се под просекот нема да ве разочараат. 
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ
Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: