LG G Pro 2 - Смартфон за професионалци

Објавено на 30.03.2014 во Рецензија



LG G Pro 2 - Смартфон за професионалци

LG G Pro 2 e првиот супер квалитетен смартфон на корејската компанија со кој започнува походот во 2014 година. Се работи за нова зголемена верзија на ланскиот одличен фаблет, но LG Mobile и покрај неговата големина од 5.9 инчи го промовира во категоријата на смартфони. Причината за тоа лежи во неговите димензии кои се одлично скроени и му дава чуство на корисникот дека LG G Pro 2 е смартфон  кој може лесно да се користи. Освен овие предности, LG G Pro 2 може да се пофали со навистина моќен хардвер кој го издвојува од останатите конкуренти, па во продолжение следи анализа на сите категории.
 
 
Дизајн
 
Големиот смартфон има одлична конструкција изработена од поевтини материјали но, задржано е премиум чуството на квалитет. Задната прекривка е мал новитет во естетиката на LG, додека пак предната страна има минимална рамка која го окружува екранот, со што се добива беспрекорно ефикасен модел кој може лесно да го управувате и покрај големината од 5.9 инчи.
 
 
Неговите димензии изнесуваат 157.9 x 81.9 x 8.3 милиметри со тежина од 172 грама и споредено со останатите конкуренти кои имаат и помали екрани е многу полесен и потенок. Физичките копчиња и кај LG G Pro 2 се сместени на задната страна до камерата. Тука може да го отклучите екранот или пак да го регулирате степенот на гласност на звук.
 
 
Дисплеј
 
Пред промоцијата на LG G Pro 2 постоеја повеќе шпекулации дека токму тој ќе биде првиот смартфон на LG Mobile кој ќе дојде со новиот Quad HD стандард на резолуција, но производителот сепак се реши за сигурниот избор на Full HD резолуција од 1080 х 1920 пиксели со густина на сликата од одлични 373 ppi. Во описот на дисплејот на LG G Pro 2 стои дека тој е True Full HD IPS Plus LCD што значи дека има дополнителен квалитет во подреденоста на спектарот на бои, контрастот и осветленоста и тоа навистина доаѓа до израз.
 
 
Софтвер
 
LG G Pro 2 е и првиот смартфон на корејскиот бренд кој доаѓа од старт со најновата верзија на оперативниот систем Android 4.2.2 KitKat, што значи дека ги содржи сите новитети како Imersive Mode, промена на иконите во контролниот центар и лентата за известувања и многу други додатни опции. Сепак, LG како и секогаш додава нешто свое во софтверот преку корисничкиот интерфејс Optimus IU кој е еден од најдобро организираните со бројни опции за мултитаскинг и брзо завршување на операциите. Со активирање на левата или десната лента може да го управувате смартфонот со една рака бидејќи на една страна се појавуваат минијатурни икони на апликациите.
 
 
Еден од најизвиканите новитети на Optimus IU е опцијата LG Knock Code која ви озвожува да го отклучите екранот со внес на огромен број на можни комбинации со движење на прстите и LG тврди дека никој не може да го активира смартфонот доколку не ја знае вашата „лозинка“ што го прави побезбеден дури и од скенерот на отпечатоци Touch ID на iPhone 5s.
 
 
Хардвер и перформанси
 
LG G Pro 2 е убедливо еден од најмоќните уреди во понудата со фантастични компоненти кои може да ги задоволат сите ваши потреби и ќе ги воодушеви дури и најнапредните корисници кои секогаш сакаат нешто повеќе. LG G Pro 2 работи на четири-јадрениот Krait 400 Qualcomm Snapdragon 800 процесор со моќност од 2.3 GHz, надополнет со неверојатни 3 GB RAM кои се и повеќе од доволни за непречен мултитаскинг. Неговата меморија од 32 GB може да се надополни преку microSD картичка што е сосема доволно за складирање на сите фајлови и податоци.
 
 
Со вака моќен хардвер сите операции како прелистување на интернет страни, гледање на HD видеа, играње на 3D игри со напредна графика и работа со апликации се извршуваат со леснотија без никакви кочења. Батеријата на моќниот LG G Pro 2 има капацитет од 3200 mAh и добро се справува со трошењето на енергија на огромниот екран и врвниот хардвер со можност за активна работа од 8 часа.
 
 
Камера
 
Камерата кај LG G Pro 2 е позајмена од ланскиот премиум смартфон LG G2, со тоа што поголеми подобрувања во апаратурата нема, задржан е сензорот од 13 мегапиксели, но затоа пак има повеќе промени во софтверот, како и подобрена OIS+ технологија која овозможува супер стабилизација на сликата при снимање на видеа. Кај снимањето на видеа има и една напредна опција која ви овозможува да снимате со 4К HD квалитет или пак при пониска резолуција од 720p но, со 120 слики во секунда со што се постигнува одличен ефект на забавена и прецизна снимка. Во интерфејсот на камерата има и голем број на додатни опции за постигнување на различни ефекти како HDR, панорама и новата алатка Magic Focus. Со неа може да го менувате фокусот на сликата откако ќе ја направите со камерата со рефокусирање на предниот или објектот во позадина.
 
 
Заклучок
 
LG G Pro 2 е убедливо еден од најмоќните смартфони на пазарот кој има речиси идентични перформанси како и најдобриот претставик во оваа класа Samsung Galaxy Note 3 кој ги освои првите места на сајтовите за тестирање на можностите на хардверот и другите компоненти. LG G Pro 2 има одличен 5.9 инчен дисплеј, супериорен хардвер и квалитетна 13 мегапикселна камера со голем број на додатоци, но од друга страна за еден ваков фаблет му недостига функционално пенкало, но тоа не е пресудно за сите купувачи. 
 
 
Предноста на LG G Pro 2 лежи во неговиот ефикасен дизајн, додека недостатоци речиси и не може да се најдат, па ако сме премногу пребирливи би рекле дека добро би било смартфонот да има стерео звучници. Цената на LG G Pro 2 во домашната Јужна Кореја изнесува околу 900 долари и до сега успеа да ги победи речиси сите конкуренти во продажбата. Наскоро следи и пласманот во Европа и бидејќи ќе се поклопи со продажбата на Samsung Galaxy S5 се очекува цената на LG G Pro 2 да падне под 800 долари за верзијата со отклучена SIM картичка, додека пак операторите преку нивните понуди сигурно ќе ја спушатат цената дополнително.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: