Sony Xperia M2 - Смартфон за забава

Објавено на 19.05.2014 во Рецензија



Sony Xperia M2 - Смартфон за забава

Смартфоните на Sony Mobile во ниската класа и средната класа имаа голем успех ширум светот и особено во Македонија каде голем број на корисници се одлучија да користат некој од телефоните како Sony Xperia sola или typo. Sony полека работи на замена на овие смартфони од средната класа со нови уреди кои се помодерни и поефикасни, а токму таков е Sony Xperia M2, смартфон кој може да ги задоволи сите потреби на корисникот, без големи недостатоци во хардверот.
 
 
Дизајн
 
Sony Mobile не се откажува од својот елегантен OmniBalance дизајн кој исто така е применет и кај Sony Xperia M2, но со неколку понови детали каде рамната предна површина на која до израз доаѓа дисплејот заштитен од Corning Gorilla 3 стаклото, додека пак задната страна иако е изработена од пластика убаво се вклопува во целокупниот изглед.
 
 
Рамките околу дисплејот се значително намалени во однос на неговиот претходник со што се добива еден прилично компактен смартфон, но единствено поголем простор одзема врвот каде е сместен звучникот за слушалката и предната камера. Странично десно се наоѓаат копчињата за регулација на звукот, копчето за вклучување и заклучување на екранот и шутерот за камерата.
 
 
Дисплеј
 
Sony Xperia M2 има прилично голем 4.8 инчен LCD дисплеј со не така задоволителна резолуција од само 540 x 960 пиксели што резултира со густина на сликата од 229 ppi. Во оваа класа QHD резолуцијата е прилично стандардна но, неколку конкуренти отидоа чекор понапред пласирајќи смартфони со одлична резолуција од 1080 х 720 пиксели за целосна HD слика. Дисплејот на Sony Xperia M2 има добра видливост и прегледност, но му недостасуваат посилни и попрецизни бои. Осветленоста од 461 нит исто така е на просечно ниво, но со мали проблеми со видливоста на отворено која се губи поради високата рефлексија на сончева светлина.
 
 
Софтвер и интерфејс
 
Корисничкиот интерфејс на Sony е еден од најдобрите во конкуренцијата бидејќи е едноставен и прекрасно дизајниран, истовремено нудејќи голем број на дополнителни алатки за организација на менито, мултитаскинг и брз пристап до повеќе опции за прилагодување. Во основата работи оперативниот систем Android 4.3 Jelly Bean кој наскоро треба да биде надграден со најновата верзија на KitKat, така што во софтверскиот дел нема да имате никакви причини за грижа. Sony во својот интерфејс нуди голем број на различни визуелни теми и позадини, како и корисни кратенки и икони за апликации кои може да се постават на почетните панели.
 
 
Од дополнителните сервиси на Sony ги издвојуваме Socialife News за приказ на сите актуелни вести и известувања од социјалните мрежи кои ги користите, PlayStation Mobile за поврзување со гејмерската конзола, Garmin апликацијата за мапи и навигација и мултимедијалните апликации Music и Video Unlimited.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Sony Xperia M2 слично како и останатите смартфони од средната класа работи на новиот четири-јадрен Qualcomm Snapdgragon 400 процесор од 1.2 GHz кој одлично се покажа во поевтините уреди и обезбедува солидно извршување на операциите, работата со апликации, сурфање на интернет или пак играње на некоја понова 3D мобилна игра.
 
 
Останата листа на спецификации ја сочинуваат и 1 GB RAM, 8 GB меморија која може да се надополни преку microSD картичка, LTE, Bluetooth 4.0, Wi-Fi, NFC, DLNA, A-GPS со подршка за Glonass и MHL за поврзување со голем монитор или HD телевизор. Смартфонот го напојува батерија со капацитет од 2300 mAh која обезбедува активна работа од 14 часа во разговор. Режимот на работа Battery STAMINA ќе препознае кога смартфонот е во мирување и активра посебни мерки за штедење на батеријата.
 
 
Sony Exmor RS камера
 
Sony Xperia M2 има квалитетна 8 мегапикселна камера со Sony Exmor RS сензор, која е поджана со LED блиц, позадинско осветлување, дигитална стабилизација на сликата, автофокус и други додатоци во апаратурата и софтверот. За поставување на сцената наједноставно е да се користи режимот Superior Auto кој самиот предвидува на кој начин да се искористи леќата, балансот на бело и овие слики се со максимален квалтет од 5.5 мегапиксели бидејќи дел од потенцијалот се користи за прилагодување на фокусот.
 
 
Доколку самите ја поставувате сцената нема да згрешите бидејќи лесно е да научите која опција во какви услови треба да се користи, а одлични резултати ќе добиете и со HDR режимот за кој треба поголемо внимание и трпеливост. Во самиот интерфејс на камерата ќе најдете супер квалитетни додатоци како на пример Social live за брзо поставување на вашите слики на социјалните мрежи, Timeshift Burst за правење на 31 слика во низа за две секунди, како и повеќе забавни ефекти.
 
 
Заклучок
 
Sony Xperia M2 е одличен смартфон во средната класа кој нуди квалитетен дизајн и високо ниво на изработка, солиден хардвер кој дава максимални резултати при извршување на задачите и богат софтвер со голем број на квалитетни додатоци, има супер издржлива батерија која ќе го направи смартфонот активен со часови, но од друга страна пак дисплејот морало за нијанса да биде поквалитетен бидејќи резолуцијата од 540 x 960 е мало разочарување.
 
 
Останатите недостатоци се лоцираат во слабиот квалитет на слушалката и звучниците кои се под просекот. Сепак, кога се ќе се собере кај Sony Xperia M2 има многу повеќе предности отколку маани, но затоа пак цената од околу 400 долари може да биде пречка за многумина, бидејќи за овие пари може да се купи Nexus 5 или Motorola Moto X кои се уште добро се држат во премиум класата.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: