Samsung Galaxy S5 Active - Подготвен за борба

Објавено на 12.06.2014 во Рецензија



Samsung Galaxy S5 Active - Подготвен за борба

Samsung Mobile со пласманот на водоотпорниот Galaxy S5 веќе ги задоволи желбите на корисниците за поквалитетен дизајн и исполнување на стандардните за издржливост, па затоа се поставува прашањето каква улога ќе има Galaxy S5 Active, смартфон кој исто така ги исполнува овие функции. Samsung Galaxy S5 Active оди еден чекор понапред и е создаден за многу поголеми предизвици и сосема заслужено си го завзема местото во класата на „борбени“ телефони.

Дизајн

Samsung Galaxy S5 Active е смартфон кој нема премногу да ве воодушеви со естетиката на дизајнот бидејќи кај него се е подредено на издржливоста, а не на убавината. Токму затоа изгледот дава впечаток на „војнички“ смартфон со голем број на додатоци кои му даваат цврстина и обезбедуваат да не навлезе вода или прашина. Samsung Galaxy S5 Active го исполнува IP67 сертификатот и 810g војничкиот стандард, подготвен за секакви теренски и временски услови.

Смартфонот може да издржи 30 минути под вода на длабочина од еден метар и отпорен е на удари и потреси. Маската доаѓа со избор на сива, црвена и зелена боја, додека пак неговите димензии изнесуваат 145 x 73 x 9 милиметри со тежина од 170 грама, што го прават многу практичен за користење. Galaxy S5 Active исто така има вграден Heart Rate сензор, батерија и слот за microSD картичка до кои може да се пристапи преку задната прекривка и 3.5 милиметарски влез за слушалки, microUSB слот за поврзување и полнење и IR сензор. Под екранот се сместени три физички копчиња за навигација и контроли кои се прилично цврсти и се вклопуваат во целокупниот дизајн.

Дисплеј

Можеби многумина ќе се изненадат кога ќе дознаат дека војничката верзија на Samsung Galaxy S5 го поседува истиот дисплеј како и премиум верзијата, односно е употребен 5.1 инчен Super AMOLED дисплеј со Full HD резолуција од 1080 x 1920 пиксели и фантастични 432 ppi густина на пикселација. Во повеќе анализи е утврдено дека овој дисплеј е еден од најквалитетните на пазарот бидејќи нуди совршена репродукција и израз на бои, има одлична осветленост која нема да ве остави на цедило во ниту еден случај и деталноста на сликата е поставена на највисоко ниво.

Софтвер и интерфејс

Samsung Galaxy S5 Active работи на оперативниот систем Android 4.4 KitKat комбиниран со корисничкиот интерфејс TouchWiz кој досега повеќе пати сме го анализирале и оцениле дека содржи премногу софтверски опции кои реално нема премногу често да ги користите, а од друга страна дизајнот и функционалноста се веќе застарени и потребно е да се менуваат. Сепак, кај Samsung Galaxy S5 Active сретнуваме една сосема нова алатка, креирана специјално за потребите на корисниците на овој смартфон кои по природа би требало да се големи авантуристи. Станува збор за апликацијата Activity Zone која се активира со посебно копче сместено на левата страна на смартфонот. Со Activity Zone добивате повеќе опции за мерење на вашите физички и фитнес активности, како педометар за следење на чекорите и километражата, компас, потоа светилка, стоперица, како и информации за временските услови.

Хардвер и перформанси

Исто и во делот на хардверот кај Samsung Galaxy S5 Active не се напрaвени никакви компромиси во однос на премиум моделот, па така и овој смартфон работи на четири-јадрениот Qualcomm Snapdgragon 801 процесор од 2.3 GHz, Adreno 330 графичка карта, 2 GB RAM, 16 GB вградена меморија и одлична батерија со капацитет од 2800 mAh. Токму затоа на сите тестови за мерење на перформансите во брзина, графика, справување со мултитаскинг и други категории Samsung Galaxy S5 Active ги бележи највисоките резултати речиси подеднакво добри како и премиум верзијата. Смартфонот исто така поседува 4G LTE мобилна антена со што добива пристап до одлични брзини при интернет сообраќај, а за пофалба е и интернет прелистувачот на Samsung.

Заклучок

Samsung Galaxy S5 Active е смартфон кој би ги задоволил потребите и на Рамбо трчајќи низ џунглата со митролез во една рака покосувајќи стотици герилци истовремено играјќи Angry Birds. Шалата на страна, Samsung Galaxy S5 Active не е смартфон за секој, што би рекле не сите работат во рудник, но затоа пак може да биде одличен избор за авантуриститe кои постојано се во природа соочувајќи се со екстремни теренски и временски услови. Samsung Galaxy S5 Active може да им се најде и на несмасните кои постојано се плашат да не им падне телефонот од рака.

Автор

Христијан Станоевиќ

Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: