Oppo Find 7 - Откритие на годината

Објавено на 01.07.2014 во Рецензија



Oppo Find 7 - Откритие на годината

Кинескиот бренд за кратко време успеа да влезе во елитата најпрво со премиум смартфонот Oppo Find 5 кој се носеше сосема солидно со скапите конкуренти, но со најновиот Oppo Find 7 стрела кон самиот врв бидејќи беше еден од првите со употреба на Quad HD дисплејот како највиоск стандард во мобилната индустрија. Исто така доаѓа со многу прифатлива цена од околу 500 долари што го прави многу конкурентен и сугурно би имал високa бројка на продажба доколку Oppo изгради мрежа на партнерства со европските и американските оператори, потег кој е во најава, па затоа треба да се внимава на Oppo Find 7 и сите наредни модели.

Дизајн

Oppo веќе со својот четврт премиум смартфон гради сопствен имиџ со препознатлив дизајн, а во таа шема се вклопува и Oppo Find 7 кој изгледа одлично и се разликува од мноштвото еднолични Android смартфони. Дизјанот на Oppo Find 7 е едноставен со прекривка од карбонски влакна на задната страна, додека предната е прилично мазна со употреба на цврст поликарбонат и без присуство на физички копчиња кои се вградени во интерфејсот. Димензиите на Oppo Find 7 изнесуваат 152.6 x 75 x 9.2mm, при што се забележува поголема издолженост на рамката околу екранот во врвот и дното, додека пак неговата тежина 171 грам може да биде предизвик за удобно држење и ракување со само една рака.

Екран

Oppo Find 7 има голем 5.5 инчен IPS LCD дисплеј со досега највисоката Quad HD резолуција од 2560 х 1440 пиксели, што резултира со неверојатна густина на сликата од 538 пиксели на еден инч. Oppo е всушност еден од првите познати брендови кој го воведе овој новитет и им ја фрли ракавицата на големите конкуренти. Резултатите во споредба со Full HD дисплеите од 1080p се навистина видливи, со поголема деталност на сликата, поголема острина и поубав приказ на бои, но не треба да се очекуваат премногу драматични промени бидејќи резолуцијата на мал екран на телефон не доаѓа премногу до израз. Секако, купувачите секогаш го заслужуваат најдоброто и најновото, штом веќе плаќаат високи суми за премиум смартфони како Oppo Find 7.

Oppo Find 7 - Видео од најдобриот смартфон на планетата

Софтвер

Софтверскиот пакет на Oppo Find 7 е составен од комбинација на оперативниот систем Android 4.3 Jelly Bean врз кој се базира корисничкиот интерфејс Color OS кој е одлично вклопен во целиот дизајн и функционалност. Color OS брзо ќе научите да го управувате бидејќи организацијата на менито, апликациите, иконите и брзите активации е прилично едноставна и нема многу дополнителни и непотребни опции, но подобро би било да се изврши најновата надградба со Android 4.4 KitKat која е многу поефикасна.

Една од карактеристиките на Oppo Find 7 е можноста за отклучување на екранот со двојно тапкање, слично како кај смартфоните на LG и Motorola. Од заклучениот екран може да активирате повеќе апликации како камерата со гестови на цртање, на пример О или V и слични едноставни симболи. Сите основни апликации во интерфејсот како Dialer, Contacts, Calendar, Messages, E-mail и останатите се изменети од страна на Oppo но, нивниот дизајн е модерен и едноставен, но доколку не сакате да го користите Color OS постои можност да го промените и вратите на базичниот интерфејс на Android 4.3 Jelly Bean.

Хардвер

Oppo Find 7 со работата на Quad HD дисплејот има големи хардверски побарувања но, тоа воопшто не е пречка за постигнување на врвни резултати на тестовите на мерење на перформанси, каде четири-јадрениот Qualcomm Snapdgragon 801 процесор од 2.5 GHz сосема солидно си ги завршува сите задачи и операции навремено и нема никакви закочувања. Хардверот е составен и од 3 GB RAM кои се и повеќе од доволни за непречен мултитаскинг и активирање на повеќе апликации истовремено, потоа меморијата изнесува високи 32 GB кои ако не ви се доволни може да се надополнат преку microSD картичка до 128 GB. За поврзување се достапни мобилните конекции 4G LTE и HSPA+ со 42 Mbps капацитет, заедно со стандардните Bluetooth 4.0, NFC, 5 GHz Wi-Fi/ac и A-GPS.

Камера

Oppo Find 7 има импресивна 13 мегапикселна камера која може да се пофали со одлична апаратура и многу ефикасен софтвер. Станува збор за најновиот IMX214 BSI сензор на Sony кој е многу подобар од претходните модели со поширока леќа, подобра оптика заедно со стандарден LED блиц. Oppo Find 7 благодарение на додатоците во софтверот и моќниот сенозр може да прави исклучително квалитетно 50 мегапиксели слики со висока HD резолуција и за нив се потребни околу 5 секунди за да се процесираат. Во останатата понуда на камерата се стандардните Panorama, HDR и Slow shutter за правење на артистични слики со интересни светлосни ефекти, особено во ноќни услови. Камерата на Oppo Find 7 исто така може да ги сочувува сликите „чисти“ без никакви преработки во RAW режимот, а тоа се прави со цел подоцна самите да одберете какви ефекти и промени ќе примените.

Заклучок

Oppo Find 7 е смартфон кој дефинитивно заслужува поголемо внимание и доколку беше изработен од некој познат бренд досега ќе беше еден од најпродаваните смартфони на пазарот. Oppo Find 7 воодушевува во речиси сите категории, најпрво доаѓа со фантастичен Quad HD дисплеј со совршена слика, потоа има моќен хардвер способен да се справи со сите предизвици, а тука секако е и одлично склопената камера која ќе ви се најде во секаква ситуација кога сакате да ги одбележите убавите моменти околу вас. Мал недостаток на Oppo Find 7 е софтверот бидејќи доаѓа со малку постарата верзија на Android 4.3 Jelly Bean, но затоа пак Color OS интерфејсот не е премногу сложен за работа и брзо ќе се снајдете со сите опции и додатоци. Oppo Find 7 е речиси совршен телефон, но останува прашањето за неговиот пласман кој засега е ограничен на азискиот пазар и може да се порача од сајтот на Oppo по цена од околу 500 долари. Многу често се најавува дека Oppo конечно ќе се пробие на европскиот пазар и првите чекори се веќе направени, затоа со нетрпение очекуваме овој бренд да дојде и во Македонија.

Автор

Христијан Станоевиќ





Прочитајте повеќе: