LG G3 - Јас сум моќен

Објавено на 15.07.2014 во Рецензија



LG G3 - Јас сум моќен

LG Mobile конечно создаде смартфон со кој ќе може да се пофали дека има поголема моќ од премиум моделите на Samsung, Sony и HTC. LG G3 е токму уредот кој заслужува големо внимание бидејќи располага со огромна моќ и еден од првите смартфони од нашироко распорстранетите брендови кој користи Quad HD дисплеј со рекордна резолуција од 2560 х 1440 пиксели.  
 
 
LG G3 ги поседува сите компоненти за борба во премиум класата, има свеж дизајн кој не ги копира претходните модели, нуди многу новитети во интерфејсот кој е многу едноставен за користење, има супер камера со оптичка стабилизација на сликата, а како единствена маана може да се забележи недостигот на водоотпорен сертфикат, што секако и не е голема пречка за корисниците.
 
 
Дизајн
 
LG G3 има поголем екран од неговиот претходник но, телото е одлично скроено така што дисплејот од 5.5 инчи и речиси и да не се забележува, што е главен предуслов за ефикасно користење и држење во рака. Димензиите на LG G3 изнесуваат 146.3 x 74.6 x 8.9 mm, а слично како и кај LG G2 физичките копчиња се сместени на задната страна за поприроден пристап на прстите.
 
 
Смартфонот изгледа одлично со закривени рабови на дното и врвот и има мала заобленост од задната страна за поудобно и посигурно држење во раката. LG G3 не е водоотпорен, но на интернет се појавија видеа каде смартфонот издржува под вода без никакви проблеми, па затоа нема причина да се грижите ако дојде до попрскување со вода. Секако, не препорачуваме да го сфатите тоа како одобрување за влегување во базен и правење на подводни слики. LG G3 речиси целосно е изработен од цврста пластика од поликарбонат, надополнета со неколку метални елементи што го прави поприроден и потопол, како и многу попрактичен од целосно металниот HTC One M8 кој може да се лизне од раката.
 
 
Дисплеј
 
Најголемиот адут на LG G3 дефинитивно се наоѓа во дисплејот кој е еден од ретките на пазарот кој го исполнува Quad HD стандардот на висока резолуција од 2560 х 1440 пиксели што на големина од 5.5 инчи на панелот резултира со густина на сликата од 538 ppi. Сега сигурно сите ќе се прашаат дали примената на Quad HD дисплеј навистина носи зголемен степен на квалитет или пак станува збор за трик односно за мало подобрување во однос на Full HD екраните.
 
 
Во случајот на LG G3 дефинитивно се забележува подобрување на острината на сликата која е многу почиста и појасна, осветленоста исто така достигнува високо ниво, додека пак репродукцијата на бои е точна и природна. Сепак, мора да се истакне дека Quad HD не може во целост да дојде до израз кога се во прашање помалите екрани од 5 до 6 инчи, а тука е и поголемото количество на трошење на батеријата, па затоа оваа технологија ќе биде дополнително оценувана во наредниот период за да се одреди дали навистина вреди да се користи.

 
Софтвер и интерфејс
 
LG Mobile сериозно ги сфати сите забелешки на претходните верзии на корисничкиот интерфејс Optimus UI кој беше критикуван за лошиот дизајн со премногу анимации и непотребни додатоци. Кај LG G3 интерфејсот е целосно променет и добива многу потранспарентен и едноставен изглед кој е одлично вклопен во оперативниот систем Android 4.4.2 KitKat.
 
 
Менито е организирано во повеќе почетни панели на кои може да поставувате икони од апликациите и истите може да ги прилагодувате на повеќе начини, потоа на заклучениот екран може да активирате виџети и кратенки, додека пак во главното мени се наоѓа лаунчерот на апликации.
 
 
Главните додатоци во софтверот се LG KnockOn за отклучување на екранот со тапкање со прстите, потоа LG Knock Code за поставување на безбедносна комбинација за отклучување која ќе ја знаете само вие и алатките за организација и мултитаскинг QMemo+, QSlide и Dual window. Новитет во софтверот е и виртуелната тастатура Smart Keyboard која може да ја зголемувате или намалувате и има напредни опции за брзо и прецизно пишување.
 
 
Хардвер и перформанси
 
LG G3 како смартфон од високата класа го нуди најновото и најдоброто од мобилниот хардвер кој е израз на моќ, ефикасност и прецизност. LG G3 работи на четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 801 процесор Krait 400 од 2.5 GHz со Adreno 330 графички чип, потоа користи 3 GB RAM, 16 или 32 GB вградена меморија која може да се надополни преку microSD картичка, додека пак батеријата ќе ги издржи сите напори на повеќе часовна работа со капацитет од 3000 mAh. 

Со овие компоненти смартфонот е подготвен за сите предизвици и тестовите за мерење на перформанси тоа и го потврдуваат, но постои мало успорување на моменти кое се должи на поголемата ангажираност за Quad HD дисплејот. Ова не е голем проблем бидејќи LG G3 ја има истата респонзивност и брзина како и Samsung Galaxy S5, HTC One M8 и Sony Xperia Z2 кои го имаат речиси истиот хардвер, но имаат Full HD екрани. Смартфонот ги поседува сите стандардни поврзувања меѓу кои и 4G LTE мобилна конекција.
 
 
Камера
 
Камерата на LG G3 ги има задржано речиси сите компоненти на апаратурата од претходниот модел и има 13 мегапиксели, но бројката кај смартфоните никогаш не е пресудна, туку најважно е како ќе се процесуираат сликите. Камерата на LG G3 е надополнета со технологијата на оптичка стабилизација заедно со посебен ласер кој помага во поставување и одржување на фокусот. Во интерфејсот ќе најдете повеќе едноставни опции за поставување на сцената и прилагодување на сликите кои добиваат квалитетен израз на боите, светлината и деталноста. 
 
 
Заклучок
 
LG G3 е убедливо најдобриот смартфон досега во премиум класата за 2014 година, како уред со јасна визија за неговата примена, изглед и функции, што прави една убава и ефикасна целина. Ваквиот продукт може сериозно да го загрози Samsung Galaxy S5 кој не успеа премногу да не воодушеви, а исто така не понуди нешто навистина свежо и ново, додека пак HTC One M8 има недостаток во 4 мегапикселната камера, а Sony Xperia Z2 иако ги освои симпатиите има проблеми со достапноста и пласманот. Во вакви услови LG G3 со цена која е за стотина долари пониска од најдобрите смартфони има одлични шанси за успех и приближување до корисниците. За функциналноста на LG G3 воопшто не треба да има никакви сомнежи, бидејќи уредот ќе може да се користи за секаков вид на операции, забава, интернет и работа со апликации.
 
LG G3 Prime е официјално одобрен
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ 
Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: